На Клиниката за токсикологија ноќеска се примени 29 пациенти во алкохолизирана состојба, од кои најмалиот бил 14-годишник, а најстариот имал 63 години. На Ургентниот клинички центар пак биле прегледани 105 пациенти.
-За среќа оваа година немаше предозираност со психоактивни супстанци. Сите пациенти по неколкучасовниот престој и третман на Клиниката се пуштени дома, изјави денеска д-р Ирина Јуруков од Клиниката за токсикологија.
Кај 14-годишниот пациент, како што рече д-р Јуруков, констатирано е лесно алкохолно труење кое кај млади лица може да настане само од една чашка алкохол.
Директорот на Ургентниот клинички центар д-р Алберт Леши изјави дека во текот на изминатите 24 часа на Ургентен биле прегледани 105 пациенти, од кои 13 се примени на Хируршките клиники, шест биле со повреди во сообраќајни незгоди, тројца пациенти со повреди од пиротехнички направи и еден пациент бил донесен од Градската општа болница „8 Септември“ со повреди од остар предмет.
Одговарајќи на новинарско прашање, д-р Леши рече дека меѓу повредените пациенти има од сите возрасти. Тој додаде дека во споредба со претходната година бројот на примените пациенти е многу помнал.
За пациентот кој бил донесен од ГОБ „8 Септември“ во Ургентниот центар околу 18 часот во алкохолизирана состојба, д-р Леши рече дека бил повреден од остар предмет во семејна расправија.