– Добрососедството треба да се негува, но така како што доликува. А ние се откажавме од териториите, сега се откажуваме и од историјата. Се откажуваме од народот, се откажуваме од сè. А тоа значи да немаш никого. Да немаш татко, да немаш мајка, да немаш гроб, да немаш дедо, да немаш баба, да немаш никој! Да бидеш збришан од историјата како да не си бил
Во издание на МАНУ излезе од печат книга со избрани интервјуа на академик Митко Маџунков, објавувани од 1974 до 2018 година во Србија, Хрватска и Македонија. На околу 500 авторизирани страници, објавени под заеднички наслов „Траги на времето“, може да се следи интелектуалниот, книжевно-теорискиот и општествено- политичкиот ангажман на Маџунков во изминативе педесеттина години: „Литературата е сурово вистинита: во неа сигурно исчезнуваме, а од неа ретко кога повторно се раѓаме“, вели тој во едно од своите најрани интервјуа. Во истото интервју од 1986 година додава дека „созревањето на автентичните творци е мачен процес кој, за среќа или за жал, помалку зависи од изобилието, а повеќе од страдањата, од сите наши порази.“ Во разговорот со Ефтим Клетников, воден истата 1986 година, Маџунков подвлекува дека „пишувањето е време, како и животот: без време нема ни живот ни книги“, а дванаесет години подоцна, во интервјуто за „Дело“, констатира дека прашањето на идентитет за нас, Македонците е пред сè прашање на јазикот и културата: „Ако културното пропаѓање продолжи, речиси незабележливо ќе исчезне и нацијата, на ист начин на кој исчезнале постарите наслојки на јазикот, и поранешната народна култура. Сето тоа важи, се разбира, и за Македонците од соседните земји и од пошироката дијаспора.“ Според него, „нема спас за ниеден свет без љубов, убавина, вистина, правда и среќа. Императивот на секоја политика е да ги обезбеди тие идеали, да биде слугинка на народот“.
Прашањето за јазикот е комплементарно со името на држава!
Во интервју дадено за ТВ Нова на 9 февруари 2017 година, Маџунков одново се задржува на јазикот, подвлекувајќи дека „прашањето за македонскиот книжевен јазик е комплементарно со прашањето за името на нашата држава, а со тоа и за нашиот опстанок“. Станува збор, вели тој, за јазик на кој барем илјада години живееле и умирале нашите предци, за нашиот културен „геном“. Во некои наши зборови, каков што е зборот храна и многу други, сочувано е повеќе историја одошто во некои учебници по историја. Истото важи за морфологијата и за граматичките облици. Метаморфозата на еден збор низ времето го поминува патот на белутрачето, не може зборот да стане мазен и цел ако не ни ја издраскал душата со своите шилки. Јас еднаш имам речено дека трајните граматички облици на минатите времиња го чуваат времето подобро од фактичката историја – во нив времето никогаш не поминува. Не само завршените дела, туку некогаш и зборовите, а речениците секако, се облици слични на катедралите, кои во своите скутови ја подготвуваат средбата со вечноста. Ние зборуваме за важни работи кои треба да нè надживеат со илјадници години, да траат и да сведочат за нас. Што е во однос на тоа она што се случува „на политичката сцена“ и кој каков интерес има да биде ваков или онаков, да постапува вака или онака? Сите ние сме свидетели дека понекогаш големи дела се растураат од интерес. Јас не сакам да ја прифатам таа проекција на историјата како нејзин можен двигател. Можам да поверувам дека загриженоста за својот јазик може да биде и политички мотивирана, но не верувам дека таа загриженост не е искрена и стварна. Впрочем, пропагандата не е нешто ни задолжително, а ни претежно негативно. Напротив. Од државната пропаганда зависи сликата што ќе се создаде за една нација. Тоа важи за името на државата колку и за името на јазикот“, подвлекува Маџунков во интервјуто.
Во продолжение зборува и за тоа дека идентитетот на еден народ е пред сè во неговиот јазик, како чувар на неговата меморија: „Загрижувачка е нашата голема небрежност спрема нашиот јазик, кој е апсолутно загрозен од нас самите. Ќе наведам четири карактеристични појави: едната е уривањето на мелодиската линија на јазикот и занемарувањето на оној логичен акцент кој е задолжен за значењата; другата е непостоењето на соодветни речници, како и на модерна граматика и правопис, во класична, но и во електронска форма, како автоматски регулатор на елементарната писменост; третата е погрешниот, главно потценувачки однос кон стариот македонски јазик скриен под кршотините на нашите, главно југоисточни дијалекти; четвртата и најважната произлегува од сознанието дека нашиот книжевен јазик не е до крај „кодифициран“ во јазичната практика. Македонскиот јазик е јазик со ретка виталност во кој, да наведам само еден важен пример, сите облици на минатите времиња се живи и сите до еден книжевно употребливи, за разлика од некои други словенски јазици каде што или ги нема или се веќе архаични. За жал, нашата книжевна практика, особено преведувачката, е преполна со погрешна употреба на минатите времиња, со стилски и фразеолошки грешки, со варваризми, со лексичка пренатрупаност со неологизми и несмасни решенија, со една синтакса која не ги користи предимствата на слободата туку создава безредие.“
И во интервјуто дадено за ТВ Алфа во јули 2017 година Маџунков констатира дека „со усилбите да се менува името всушност сакаат да нè бутнат што поплитко во историјата. Како да сме од вчера. Тоа се бесмислици. Македонците се стар народ, македонскиот јазик е еден од четирите канонски јазика на светот на кој воопшто можело да се шири Светото Писмо. Тоа цел свет треба да го чува. Особено словенскиот свет. Да знае дека е тука омфалосот, дека од тука сè почнува. Во тој контекст јас еднаш реков – ако не знаеш историја, знај географија. Ако не знаеш кој си, знај од каде си!“ Спореед Маџунков со Бугарија имаме три отворени прашања: „Не го признаваат народот, не ја признаваат црквата и не го признаваат јазикот. Тоа е суштината на сè. Тие всушност не ја признаваат државата, т.е. ја признаваат формално, како своја, затоа што не ги признаваат атрибутите… Ќе треба еднаш засекогаш да се каже, ако сме ние со Бугарите браќа, и ако сме блиски, да видиме во која смисла сме браќа, дали сме браќа затоа што треба некој да се поништи за сметка на другиот или да се сака. Љубовта кон Македонија е патолошка љубов, сите ја сакаат Македонија за да ја грабнат. Значи, не ја сакаат така што регуларно ќе дојдат кај таткото на невестата, да ја побараат, да ја просат итн., не – сакаат да ја грабнат ! Како во турско време, да ја грабнат и да стане нивна. Тоа се неверојатни работи. Тука никаква математика, никаква наука, никој тука не помага. Тука едноставно здравиот разум е над сè. Јас гледам како реагира народот кога одам низ Македонија. Педесет години сум се мачел да создадам капитални дела, а тие ми честитаат за две-три реченици што сум ги рекол… Значи народот одвај чека некој да му го крене моралот, да каже, чекајте бре луѓе, тоа не е природно! Не може едно тело истовремено да биде на три места, тоа е математика, тоа е физички закон. Мајка ми има прв братучед во Грција, татко ми има сестра во Бугарија, има сестра во Загреб и во Карловац, не можат тие да бидат со друга националност, а тој да не постои. Едноставно, работите се изместени, крајно изместени. Добрососедството треба да се негува, но така како што доликува. А ние се откажавме од териториите, сега се откажуваме и од историјата. Се откажуваме од народот, се откажуваме од сè. Ама тоа значи да немаш никого. Да немаш татко, да немаш мајка, да немаш гроб, да немаш дедо, да немаш баба, да немаш никој! Да бидеш збришан од историјата како да не си бил. Вистината и правдата се на наша страна, а сепак тоа никој не го прифаќа, светот ја аминува таа состојба на нестварност и ние сега треба да бараме други решенија. Значи, малку по малку да се откажеме, прво од ова потоа од она, а најпосле од сè. Ако им го дадеме тоа што го бараат трите страни, Бугарија, Грција и Албанија, нам нема да ни остане ништо. Тоа е суштината.“
Во истото интервју категорично застанува на ставот дека „името не може да се менува под никакви услови. Тоа е суштината на сите суштини. Зашто она што те определува е тоа дали постоиш или не постоиш, а не дали некој те признава.“ Ние, Македонците, самите, вели тој, мора да направиме консензус за она под што не се може. Тоа е тоа, и готово. Ние сакаме и Европа, сакаме и ова, сакаме и она, меѓутоа сакаме да постоиме. Повелете, изјаснете се дали сте вие за тоа ние да постоиме или да исчезнеме? Македонија е окупирана,и ние мораме да собереме сили да се ослободиме, го завршува тој своето интервју дадено пред точно четири години.
Вистинските Македонци нема да ја прифатат оваа Македонија никогаш!
Во интервјуто со Геа Влаховиќ, објавено на 17 август 2018 година во 24 express од Загреб, академик Митко Маџунков уште еднаш го потврдува својот став дека „ако Европа нè сака под невозможни услови и околности, ние треба да ѝ се заблагодариме“, додавајќи дека со потезите што ги прави македонската влада „македонскиот идентитет во целост се брише“ а „припадниците на другите народи кои живеат во Македонија го зацвртуваат својот националниот идентитет“. Преку геноцидните проекти што се прават врз наш грб „се одзема националниот идентитет на Македонците, станувајќи Вчера Измислен (а Денес Погребан) народ“.
Според Маџунков на македонскиот народ му е подметнато кукавичко јајце дека средиштето е надвор од него и дека опстанокот му зависи од другите, а не од тоа дали постои и како се вика: „Една од најголемите навреди кај нас е да кажеш некому дека не знае како се вика. Многу полесно е да го наречеш будала. Прашање е како на тоа ќе одговори народот. Кога бев примен во МАНУ, во својот инаугурален говор го кажав и ова: ’Ако нè изнесат во ковчег од Југославија, знаеме каде ќе се погребеме, но ако нè изнесат во ковчег од Македонија – каде ќе ни биде гробот?’ Македонија има што да му даде на светот, но светот ѝ го сврте грбот, создавајќи своја Македонија, која вистинските Македонци нема да ја прифатат никогаш. Во тој контекст мора да се постави и прашањето дали ние, Македонците, воопшто заслужуваме држава, дали сме ѝ достојни, знаеме ли што таа значи? Ова е единствен случај, веројатно, во светската историја, некој да се откажува од своето име, од своето право на постоење, од својата историја, од својот народ во дијаспората. Од држава со ограничен суверенитет, со тој срамен „договор“, комплементарен со Албанската платформа и во блиска врска со договорот за „добрососедски односи“ со Бугарија, Македонија стана држава без суверенитет, која ќе згасне во следните 10-20 години и ќе биде поделена меѓу Бугарија и Албанија или Грција и Србија.
Јазикот беше прв на удар, а и последниот удар ќе биде врз него. Тој сега наводно е признаен, за нашите лингвисти да имаат за што да зборуваат на своите симпозиуми. Но само што ќе помине оваа бура, ќе се извади од фиока законот за двојазичност. Тоа во Македонија ќе ги врати старите пропаганди кога градовите и селата беа принудувани да зборуваат на јазик за кој дотогаш не ни чуле, а во секој случај не го разбирале. За мене сегашното однесување на Албанците е изненадување. На дело е еден лингвистички империјализам, кога туѓи територии се освојуваат или барем се обезбедуваат и преку ширење на својот јазик. Македонија не може да ја преживее двојазичноста затоа што вториот официјален јазик и во меѓународната комуникација ќе стане прв, а првиот ќе биде збришан. Еден стар, канонски јазик, четвртиот на кој воопшто било дозволено ширењето на христијанството, ќе биде погребан под бугарскиот, но во грчка градина. Во еден свој тестаментален текст Блаже Конески пред смртта напиша дека, ако „балканските циници, инспиратори на геноцидот“ успеат да го уништат македонскиот јазик, ќе знаат дека уништиле нешто големо. Јас тогаш му реков дека тоа ќе биде слаба утеха за нас, констатира академик Митко Маџунков во интервјуто за загребскиот весник 24express.