Мрежата за заштита од дискриминација остро ја осудува одлуката на Владата со која се одбива предлогот на граѓанските организации за транспарентна и инклузивна постапка за избор на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

Ова се истакнува во соопштението од Коалицијата Маргини, мрежа за заштита од дискриминацијата. Во продолжение целотото соопштение од Маргини:

Со оваа одлука, од една страна, Владата покажува дека има намера да назначува партиски кандидати во тело кое според закон мора да биде независно, со што повторно ќе ги лиши граѓаните од ефикасна и ефективна заштита на нивните права. Од друга страна, нетранспарентното и паушално отстранување на членови од закон, предложени од здруженија на граѓани и екперти од областа, без никаква дебата и образложение, само за да се задоволат нелегитимните партиски интереси, зборува за недемократски и понижувачки однос кон здруженијата на граѓани, а фрла сенка и врз ветувањата за владеење на правото и унапредување на еднаквоста.

Ваквиот начин на делување и донесување одлуки, беше својствен за претходната власт, а од сегашната беше опишуван како режимски и недемократски. Но, очигледно е дека, клучниот проблем во нашето општество, партиските влијанија во секоја пора кои генерираат нееднаквост и сиромаштија за едни, а незаконски привилегии и коруптивно однесување за други, сѐ уште нема волја да се разрешат.

По донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација (2019) кој беше на сила до 14 мај 2020 година, граѓанските организации го следеа постапувањето на Собранието при спроведување на постапката за избор на членовите на КСЗД. Констатирани беа бројни пропусти, а особено непочитување на законските рокови за објавување оглас и избор на членови, недоследно објавување на огласите за избор, како и воспоставена пракса на необјавување на личните биографии на кандидатите ниту пак објавување на списите од одлучувањето по првичната проверка на кандидатурите.

Врз основа на ова искуство, предложивме до Министерството за труд и социјална политика, да изврши измена на одредбата со која се уредува изборот на кандидатите со цел да се гарантира транспарентност на постапката, во изборот да бидат вклучени сите засегнати страни и да се изберат најдобрите професионалци во областа. Министерството го прифати предлогот и заеднички констатиравме дека постапката за избор може значително да се унапреди и да се приближи кон начинот на избор на членовите на Државната комисија за спречување корупција, што се покажа како подобра пракса. Врз основа на консултациите кои ги имавме со Министерството за труд и социјална политика, одлучивме заеднички да ги подготвивме законските одредби со кои се уредува постапката за избор на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, по што Министерството ја извести јавноста дека предлог-законот, со изменетата одредба за избор на кандидати, е доставен во владина процедура. Сепак, изменетата предлог-одредба која се однесува на изборот на кандидати, не постои во списите кои се објавени на веб-страницата на Собранието.

Одредбата која ја предложивме, меѓу останатото, предвидува листата кандидати за членови на комисијата и нивните лични биографии да бидат објавени на веб-страницата на Собранието, а во рок од 5 дена од објавувањето на листата, да се организира интервју на кандидатите кое ќе се емитува на Собранискиот канал а ќе го спроведува Комисијата за

селекција, на јавна седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на РС Македонија. Дополнително, измените предвидуваат членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да ги предлага посебна Комисија за селекција, составена од седум членови – по двајца пратеници од власта и од опозицијата, по двајца претставници на граѓанското општество и по еден претставник на Националното координативно тело за недискриминација.

Потсетуваме дека независноста на КСЗД е предуслов за градење на ефикасен и ефективен систем за недискриминација, меѓународен стандард и фундаментално барање на директивите на ЕУ. Предупредуваме дека на ваков начин повторно ќе се соочиме со критики од страна на Европската Комисија и повторно нема да успееме да го усогласиме законодавството и практиките со правото на ЕУ.

Бараме од сите пратеници од Собранието, на Владата на РС Македонија да поддржат амандман со измени на член 18, во врска со постапката за избор на членови на Комсијата за спречување и заштитата од дискриминација. Исто така, бараме Собранието да го денесе овој Закон во најбрз можен рок, без дополнителни одлагања и да спреведе транспарентен и инклузивен процес за избор на членови на КСЗД.

Коалиција МАРГИНИ