Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, ќе мора ја напушти функцијата по истекот на нејзиниот мандат, иако најави дека нема да го стори тоа, изјави денеска грузискиот премиер Иракли Кобахидзе.

На прес-конференцијата во Тбилиси тој рече дека Зурабишвили ќе мора да ја напушти резиденцијата на денот на инаугурацијата, 29 декември, и објектот да му го предаде  на легитимно избраниот претседател, пренесуваат руските медиуми.

Зурабишвили вчера на брифинг со новинарите изјави дека нема да ја напушти функцијата и покрај престанокот на нејзините овластувања од средината на декември. Таа смета дека новоизбраниот парламент е нелегитимен и затоа не може да избере нов претседател.

На 26 октомври во Грузија се одржаа парламентарни избори, а според податоците на Централната изборна комисија, владејачката партија Грузиски сон освои 53,93 отсто од гласовите.

Четири опозициски партии влегоа во парламентот и добија вкупно 37,78 отсто од гласовите, но истовремено, претставниците на опозициските партии најавија дека не ги признаваат резултатите што ги објави ЦИК.

Зурабишвили повика на протести откако ЦИК ги објави резултатите, а демонстрации се одржаа и синоќа.

фото:МИА архива