Македонија треба да чекори по европскиот пат, но на тој пат ние треба да чекориме само како Македонци. Инаку, во спротивно, тој пат води кон пропаст, исчезнување, обезличување, разнебитување, вели академик Љупчо Коцарев.
– Договорите со Грција и со Бугарија се нашата најголема траума. Свесен сум за геополитичката реалност и дека Македонија, соочена со геополитички превирања, мораше час поскоро да стане членка на НАТО, но сепак продавањето и предавањето на сѐ што е македонско е бесмислено, непродуктивно, па дури и геополитички неоправдано, вели Коцарев, претседателот на Македонската академија на науки и уметности во своето четвртото по ред обраќање на годишните собранија на МАНУ, кое го објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, Коцарев пишува: Бидејќи договорите со Грција и со Бугарија се важечки за меѓународната заедница, а ќе бидат важечки и решенијата вградени во нашиот правен систем, што ќе го отсликуваат суштинскиот карактер на билатералните протоколи со Бугарија, за сите други, освен за нас самите, ние ќе бидеме народ без македонски идентитет, без македонска историја и ќе зборуваме на бугарски дијалект, кој, по 1945 година, се именува како македонски јазик.
Договорите со Грција и со Бугарија, за Македонците значат дека македонскиот народ „нема свое место во светот, место што другите го признаваат и го гарантираат“ и оти македонскиот народ не припаѓа во семејството на сите народи. Погрешно и наивно се веруваше дека за опстојувањето на Македонците е доволно тоа што, иако осамени, или напуштени од сите други, Македонците не се сами, тоа што тие можат да проговорат со самите себе, што во секојдневна употреба, во научните дискусии, во уметничките творби, договорите не можат да забранат и понатаму да продолжиме да зборуваме и да пишуваме за Македонија и за македонскиот идентитет, историја и култура, за Македонците во Егеј и во Пирин.
Меѓутоа, за потврдување на идентитетот на македонскиот народ, Македонците во целост зависат од другите држави, поточно, од меѓународната заедница. До 16 јуни 2018 година за повеќе од 130 држави и за речиси 80 проценти од жителите на планетата Земја ние бевме Македонци, што живеат во Република Македонија. Веќе на 17 јуни 2018 година – само еден ден подоцна, македонскиот народ целосно исчезна од меѓународната сцена.
Затоа, повикувам: одговорните за овој грозоморен чин јавно да им се извинат на Македонците; договорите со Грција и со Бугарија, коишто претставуваат културен геноцид на Македонците, во колективната меморија на македонскиот народ да се именуваат со изразот „македонски холокауст“ ; надлежните институции во Македонија да предложат ден за комеморативно одбележување на македонскиот холокауст.
За да чекориме достоинствено по европскиот пат, ги повикувам сите 120 пратеници во македонското Собрание едногласно да се изјаснат против уставните измени. Ако сега кажеме „не“, Македонија ќе има повеќе шанси да биде рамноправна членка во ЕУ и да не се распадне. Ако дозволиме уставни промени, тоа ќе значи широко отворање на портите за други, нестварни и бесмислени барања, што ќе повлече соочување со уште поголеми искушенија. Промената на уставот е првото, пробно, дури, можеби, и не толку застрашувачко барање – другите, посурови и позастрашувачки барања ќе дојдат подоцна, по започнување на пристапните преговори.