На крајот од годинава завршува четиригодишниот мандат на сѐ уште актуелниот претседател на Македонската академија на науките и уметностите, Љупчо Коцарев. Негов наследник на оваа позиција е академик Живко Попов. Во текот на својот претседателски мандат, академик Коцарев покажа сериозна сензибилност, одговорност и претприемчивост спрема државно-општествените предизвици што ѝ се случуваа на Македонија. Во интервју за весникот „Нова Македонија“ Коцарев го заокружува своето четиригодишно претседателствување со МАНУ.

Каква е целта на упорното повторување: „или ЕУ или изолација“? Можеби сеење страв и раздор? Изразот ‘или интеграција во ЕУ или изолација’ е празна фраза, манипулација, вели Коцарев.

Тој потсетува дека неговиот мандат во поширок општествен контекст го одбележаат дивеење на извршната, законодавната и на судската власт,  негирање на постоењето на македонскиот народ и неговиот идентитет, поради Договорот со Бугарија од август 2017 година и протоколите за неговата примена, како и поради Договорот со Грција и  промената на Уставот во 2019 година.

Рамковната позиција на Бугарија од октомври 2019 година гласи: ‘Јазичната норма прогласена како уставен јазик во * Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и на неговите дијалекти во поранешната југословенска република, по нивната кодификација во 1944 година. Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета како признавање од бугарската страна на постоењето на т.н. ‘македонски јазик’, одвоен од бугарскиот’. Се обидов во минатите четири години да придонесам МАНУ да продолжи да биде водилка во изнаоѓањето достоинствена иднина за Македонија и за нејзините граѓани. МАНУ е еден од темелите на државноста на Македонија. Изразот ‘или интеграција во ЕУ или изолација’ е празна фраза, манипулација. Велика Британија, Исланд, Норвешка, Турција, Сан Марино, Андора, Лихтенштајн, Ватикан, Монако, Швајцарија, на пример, не се членки на ЕУ и не се изолирани држави. Не е ниту Македонија членка на ЕУ и не е изолирана држава. Дали сегашните политички елити ќе почнат со изолација на Македонија, ако не почнат пристапните преговори?“, вели Коцарев.

Единствен компромис за можна промена на Уставот, додава тој, е Бугарија да признае неколку научни факти.

Единствен компромис за можна промена на Уставот, иако токму барањето за таква промена е бесмислено и јас гласно порачувам „НЕ“ за промена на Уставот, би било најпрво признавање од бугарската страна на следните научни факти: (а) постоење на дел од македонскиот народ (македонското етничко малцинство) во Бугарија, (б) македонскиот јазик има просторен и милениумски континуитет и не е бугарски дијалект и (в) Македонците и Бугарите немаат заедничка историја, туку само споделени места во историјата. А потоа, можеби, промена на Уставот“, објаснува Коцарев.

Мандатот на Коцарев на чело на МАНУ истекува на крајот на годинава, а негов наследник е академик Живко Попов.