Дарко ЈАНЕВСКИ

Вчера ја одбележавме смртта на Даме Груев и Миле поп Јорданов. Ако се исклучи искачувањето на Мицкоски на Петлец, се помина скромно, без помпа, како што и доликува на една земја која нема почит кон своето минато и која добива налози од Грција и Бугарија како да го пишува тоа свое минато. Но тоа е помалку битно за овие редови. Во денешно време останува во воздух да виси прашањето: За што и зошто загинаа тие луѓе? И не само тие!

Даме Груев бил учител во земја и во време кога над 90 отсто од населението било неписмено. Значи имал некаков статус и државна плата. Можел мирно да си го живее животот, почитуван од населението, можел да се ожени, да има деца и да ужива во благосостојбата што му ја пружало тоа општество. Каква-таква, но подобра од таа на мнозинството население. И секако подобра од загинувањето кај Петлец.

Поп Јорданов бил млад. Животот бил пред него. Можел да бира што ќе биде и како ќе живее. Наместо тоа, избрал да загине. Како и неговиот брат од групата солунски атентатори!

И не се само тие. Гоце Делчев можел да биде богат трговец. Денот да го минува во работа, но и со јако турско „синџир“ кафе какво што го сакал, со чибукот и бројаницата во рака. Васил Чакаларов, по Илинденското востание, заминал за Софија, се оженил, изградил куќа и планирал да се занимава со трговија. Можел на раат да си го тера животот, со мирна совест, бидејќи ете, се обидел со пушка во рака, го дал својот долг кон татковината, не успеал и тоа е тоа. Зошто имал потреба и натаму да зема пушка в рака? Но, Македонија му ја „јадела“ душата, во Балканските војни се вратил повторно на бојното поле и загинал. Наместо убавиот живот во Софија, завршил така што неговата отсечена глава Грците ја набиле на кол и ја шетале од село во село.

Фасцинантна е приказната и за опеаниот од Васка Илиева, Леонид Јанков, кој бил оженет со една од најубавите девојки во гевгелискиот крај, имал три деца, учествувал во неуспешното Илинденско востание – значи и тој го отплатил долгот кон Македонија – и наместо да се смири, продолжил да ја води својата битка до смртта во 1905 година. И повторно – зошто?

Не помалку фасцинира односот на Јане Сандански и неговата чета со парите од грабнувањето на мис Стон. 14 500 златни лири, кои како што своевремено пресметав, чинат околу седум милиони денешни американски долари, никој не смеел ни да помисли ги чепне, туку сите до последната пара биле чувани за организацијата. Гоце му дал некоја лира да му однесе на татко му кој бил мошне сиромашен додека син му се борел за Македонија (иако после 1908 г. и Јане како да станува министер во некоја од денешните македонски влади), а Крсте Асенов, кога се симнал од планината откако ги предале лирите, отишол кај мајка му и побарал пари за да купи цивилна облека за да може да се движи низ градот. Имал достап до седум милиони долари, а барал пари од сиромашната му мајка за облека! Манданата му пишал на Гоце писмо во кое го замолил да му најде некоја работа во Бугарија, зашто неговите дома гладуваат. А, можете ли да замислите што би направил денес некој владин функционер во улога на талентиран претприемач ако добие во торба седум милиони американски долари?

Всушност, вака можеме да броиме до недоглед. Илјданици револуционери можеле спокојно, многу од нив и богато, чорбаџиски да го водат својот живот, но тие одбрале друг пат. Оваа денешна Македонија, која почива на екстремна сиромаштија, на криминал и корупција, на предавство на името и идентитетот, која почива на „ебаму името, ебаму“, чија вредност е интелект како Зоран Заев, во која гладта ги истоштува луѓето и им го зема животниот здив, не може да ги разбере тие луѓе. Не може да проникне во нивната душа. Не е способна за тоа. Ако тогаш за украдена лира следувала смртна казна од организацијата, која била држава во држава, со своја законодавна, извршна и судска власт, денес тој што нема да украде, а можел, се смета за најобична будала. Крадењето или трката по додворување кон странците заради парите што тие ги делат за тренирање магариња, а после прашуваат каде се, денес се врвна вредност во овие 37 отсто од некогашната Македонија. Пренесете ја таа вредност 120 години наназад и замислете дека Гоце, Даме, Јане, Никола Карев, да не зборуваме за Питу Гули кој можел комотно да замине во Софија и да отвори дуќан наместо да се враќа на Мечкин Камен и да си ги остави децата сираци, и ќе ги видите сите нив како се договораат со турските паши и кадии за „тендери“, „провизии“… и како живеат во раскош, наместо да ги крстосуваат планините и селата низ Македоија, борејќи се со една од најмоќните тогашни империи во светот, сеедно што подоцна за таа империја е измислен називот „болниот од Босфорот“. И останувајќи, некој од нив без потомство, а некој осудувајќи ги своите деца да бидат сираци и да живеат во сиромаштија.

Тогаш сите овие луѓе барем се обидувале да создадат систем на вредности кој почива на чесност и љубов кон татковината, сфаќајќи дека тоа е патот кон општа, а не поединечна благосостојба. Тогаш, тие барем се бореле против предавниците и против тие кои за грст пари си ја продавале душата. Против таквите, какви денес, 120 години подоцна, ги имаме многу повеќе отколку што овој грст земја може да поднесе, а кои живеат во раскош на кој и Марија Антоанета може да им позавиди, додека на другите им продаваат приказни дека греењето на домот среде зима се смета за луксуз. Денес, не само што нема борба за систем на вредности, туку напротив, денес, за ова општество и за оваа власт вредност е да се биде корумпиран исто како турските главешини во тоа време. Не украдеш ли, а можеш, тогаш си за на клиника. Онаа за психијатрија, каде треба да те врзат, зашто го реметиш системот на расипаност и системот на лоповлук создаден од малубројната каста за нејзина благосостојба.

Тоа, или ќе го смениме од 8 мај наредната година па натаму, или ќе пропаднеме. Како и Османската империја. А на овие споменатите погоре и на многу други кои не се спомнати, наместо да си го губиме времето докажувајќи им на нашите две комисии дека за нив не се преговара (треба едноставно да ги распуштиме тие комисии, а не уште да ги плаќаме) и докажувајќи им на Бугарите и Грците дека се Македонци, би можеле да се потрудиме да бидеме достојни барем обувките да им ги врземе.