Постапката за случајот со прегазувањето на младата Теодора, ќе оди во рацете на државниот обвинител. МТВ дознава дека Коцевски го барал предметот и ќе утврдува дали има пропусти во постапувањето на вишата обвинителка. Спорно во целата постапката било и тоа што Апелација ја преполовила казната од првостепениот суд, а тоа не било побарано.
Имало ли пропусти во постапувањето на вишата обвинителка Вјолца Елмази ќе утврдува државниот обвинител. Коцевски ги побарал списите од предметот за сообраќајката, за која тетовскиот суд на Менсур Пајазити му изрече две години затвор. И додека се проверува дали Елмази го почитувала законот, од обвинителството за МТВ велат дека таа не барала да му се преполови казната, како што пресуди Апелација.
„Пред Апелацискиот суд, јавната обвинителка од ВЈО Гостивар на рочиште дала свој предлог во однос на попрецизно одмерување на казната, имајќи ја предвид пред сè околноста дека обвинетиот непосредно пред завршување на првостепената постапка признал вина, како и претходната пракса во слични предмети. Меѓутоа, предлогот на обвинителката не е задолжителен за тричлениот совет од судии во Апелацискиот суд. Тој предлог во ниту еден момент не се однесувал на намалување на казната за речиси половина од првостепената пресуда, како што досуди Апелација во својата одлука“, велат од Обвинителството.
За споредба и за случајот со усмртената Фросина Кулакова на Партизанска поднесено е обвинение по истиот член од законот, за тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот, но за разлика од Пајазити кому му се суди за дело од небрежност, во случајот со Јованов, Обвинителството наоѓа низа квалификаторни елементи, па затоа за едниот максималната казна е 5, а за другиот 20 години затвор.