Моментално платата на полицискиот службеник изнесува околу 15.200 денари. Тоа значи дека изнесува 2 800 денари помалку од законски регуларниот просек минималец, потенцираше претседателот на Синдикат на полиција во Македонија Орце Коцевски во интервју во емисијата Што не е јасно на телевизија Алфа.
Според него министерот за внатрешни работи манипулира со изјавите кога кажува дека платата на полицискиот службеник изнесува 26.000 денари, односно како што рече тој полицајците земаат нето плата а не бруто плата.
-Министерот кажува дека бруто платата е 26.000 денари, знаат сите што значи бруто плата. Значи ние не земаме бруто плата, ние земаме нето плата. И треба да се знае дека платата во Министерството за внатрешни работи ја утврдува министерот за внатрешни работи во согласност на репрезентативниот синдикат во моментот е Македонскиот полициски синдикат. Значи со нивен амин платата е таква каква што е денеска, рече Коцевски.
На прашањето во која категорија би го сместиле полицаецот во македонското општество според условите за работа, Коцевски вели во загрозена категорија.
-Во загрозена категорија. Значи вработен кој што зема 15.000 денари плата каде би го ставиле, дециден е тој.
Коцевски додаде дека имаат единствено барање како синдикат а тоа е едно евро еден бод, посочувајќи дека ова е изводливо решение само треба да има согласност од страна на министерот.
Нашето единствено барање е едно евро еден бод, секој полициски службеник колку има бодови толку ќе има плата во евро. Јас сметам дека тоа е изводливо. И има пари во буџетот ако има стотици илјади евра за манифестации, тогаш има и за плати и јас верувам и сум убеден дека едно евро бод може да биде во блиска иднина, треба само согласност од другата страна, смета Коцевски.
Коцевски се жали дека има голем притисок од страна на надлежните, како и дека полицајците се уплашени како никогаш претходно, укажувајќи дека доколку бидат присутни на протест полициски службеници тогаш се соочуваат со казна прераспределба од едно работно место на друго надвор од местото на живеење или им се кратат додатоците за прекувремено работење.
Моментално македонскиот полицаец е уплашен како никогаш до сега и замислете работите одат до таму, ако денеска полициски службеник излезена на нашиот протест, утре или во наредните денови следува прераспределба надвор од местото на живеење, или ќе му бидат одбиени сите додатоци и сите привилегии од прекувремено работење и ќе биде оставен со основната плата во Министерството.