Градоначалникот на Општина Велес Аце на денешната прес-конференција изрази револт кон Советот на Општината, па и кон некои советници од неговата коалиција кои на вчерашната седница гласале против, со што не била прифатена Одлуката на Управниот одбор на ЈКП „Дервен“ за прифаќање на предложената тарифа за зголемување на цената на водата за пиење.

Коцевски оцени дека тие со своето неразумно однесување во опасност ја донеле општината и сите граѓани, предупредувајќи оти сега постои опасност Државната регулаторна комисија, што е независна од Владата, да наметнат регулирана цена што, како што појасни, е многу повисока од цената која требало да ја утврди Советот на предлог на УО на ЈКП „Дервен“.

– Јас се надевам дека Државната регулаторна комисија нема веднаш да ја примени таа мерка и дека на првата брза седница на Советот сепак советниците ќе ја донесат одлуката за покачување на цената на водата по овој предлог, истакна Коцевски.

Имено, предлогот на УО на ЈКП „Дервен“ беше сегашната цена за вода за пиење од 30,40 да се зголеми на 31,62 денари за метар кубен вода плус пет проценти за ДДВ. Истото зголемување се однесува и на цената на водата за пиење за училиштата и детските градинки.

Додека за правните лица беше предложено покачување од сегашните 60,25 на 63,05 денари за метар кубен вода плус пет проценти ДДВ, со што ќе се зголеми за 2,80 денари или 4,6 проценти.

Одлуката на УО на ЈКП „Дервен“ ја прифати и потпиша и градоначалникот Коцевски, откако во законски утврдената постапка претходно два пати не даде согласност на предложената тарифа од страна на Управниот одбор на ЈКП „Дервен“, што беше далеку повисока од сега поднесената.

Коцевски, како што и писмено образложи до Советот, за претходните две цени сметал дека се превисоки и барал можност за корекција, односно намалување на цената на водата. Во третиот предлог цената била корегирана односно намалена од страна на УО на ЈКП „Дервен“.

Имено, сегашната постоечка цена на водата за пиење која ја плаќаа велешани, Советот на општината ја донесе на 13 септември 2000 година, кога Велес стана град со највисока цена на вода во земјава.

Директорот на ЈКП „Дервен“, Ѓоре Стојанов во изјава за МИА појасни дека тоа е во согласност со законот за утврдување на услугите на вода што е донесен во 2016 година.

– Изработен е бизнис план за трошоците на вода не само за нашето ЈКП „Дервен“ туку и за претпријатието кое ни дава сирова вода, врз основа на трошоци на ова претпријатие, во нашиот случај ЈП „Лисиче“, каде е направена калкулација и дефинирани се минимална и максимална цена во којашто ние требаше да се произнесеме. Тоа го направивме, по што Советот на Општина требаше да даде согласнот на нашата предложена цена, појасни Стојанов.

Тој потенцира дека согласно законските одредби во рок од 150 дена од донесувањето на решението на регулаторна Комисија во Службен весник, ако не биде дадена согласност настапува постапка за давање на решение за задолжителна примена на ова актуелно предложено решение.

Инаку, градоначалникот Аце Коцевски потенцира дека ЈКП „Дервен“ е единствено од сите претпријатија од општините во земјава вклучени во проектот кое навреме го вратило кредитот.

– За таа сметка граѓаните на Велес немаа обврска да плаќаат зголемена цена на вода, а од друга страна ве замолувам вас и граѓаните на Велес да го имате во предвид фактот дека претходно до 2011 година кога почна проектот МЕАП, граѓаните на Велес не му плаќаа пари за суровата вода на ЈП Хидросистем „Лисиче“, се обрати Коцев кон советниците.

Тој посочи дека сега веќе се подмируваат сметките кон ХС „Лисиче“.

– Ако претходно сме давале по четири милиони денари годишно за враќање на кредитот, сега ЈКП „Дервен“ мора да плаќа на „ХС „Лисиче“ за водата што ја презема од нив. Тоа мора да се земе предвид за калкулирање на цената на водата, заклучи Коцевски.