Локалната самоуправа на Кочани објави оглас за продажба на 13 парцели во државна сопственост, наменети за изградба на објекти за индивидуално и колективно домување, како и за викендички на Пониква.
Парцелите за индивидуално домување се наоѓаат во населбата Валог, на западниот дел од Кочани и се со површина од 160 до 460 метри квадратни. Градежното земјиште што се нуди на лицитација во планинскиот рекреативен центар Пониква е со поголема површина и се движи меѓу 450 и 650 метри квадратни.
– Поради интерес кај инвеститорите, на продажба нудиме и градежно место од 1.560 метри квадратни за колективна станбена зграда на улицата „Роза Петрова“, како и две парцели со слична површина, наменети за лесна индустрија во населбата Драчевик. Почетната цена за сите парцели за домување е 61 денар, освен за малостопанските објекти, каде заинтересираните купувачи ќе наддаваат со почетна цена од 1.380 денари за метар квадратен, изјави Марија Ѓоргиева од општинскиот Сектор за уредување на градежното земјиште.
Рокот за пријавување на јавното наддавање за градежните парцели за индивидуално домување, за лесна индустрија и мало стопанство и за домување во станбени згради, е до 15 јануари, а за викенд куќите до 23 јануари.
Целосната објава за продажба на градежното земјиште, сопственост на Република Македонија, е поставена на огласната табла во дворот на општинската зграда, како и на веб-страницата на Општина Кочани.