Македонија памети страшни трагедии во кои згаснале мноштво човечки животи. Особено трагични и траорни се оние во кои заминуваат млади луѓе. Траорот, болката и тагата добиваат масовна димензија когамеѓу нив има и познати лица, јавни личности, популарни и дел од естрадата.
Синоќешната емисија на „Ништо лично“ со Антонио Димитриевски беше најемотивната досега.
Пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани на 16. март 2025 е најбројната македонска естрадна трагедија… Меѓу 59-те жртви, млади животи помеѓу 14 и 24-25 години, загинаа осум членови од тимот на ДНК – осум прерано и наслно трагично загубени млади човечки животи. Покрај пејачот на ДНК Андреј Ѓорѓиески, во пожарот во Кочани загинаа и клавијатуристот Филип Стевановски, бас гитаристот Андреј Коларов, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, придружниот вокал Сара Пројковска, тонецот Игор Велков – Жути, бит-боксерот Мартин Атанасовски – Буцо“ и и фотографот Александар Ефремов.
Незапаметена катастрофа, која ја зави и македоската естрада и цела Македонија во црно.
Винивен е системот… Да, ама системот сам по себе е само општ поим. Апстрактна именка. Зашто системот сме сите ние… Него го сочинуваат законите, правилата, прописите… а нив ги пишуваат луѓето. Тие ги создаваат, тие мора и треба да ги почитуваат. Системот го сочинуваат и институциите… Тие се надлежни и треба да го контролираат. А во нив работат одново луѓето.
Очигледно проблемот е во р’ѓата во системот… Во фалинката во кодот, кој истиот тој систем постојано го јаде, како вирус кој полека со години го урива, додека не го претвори во прав и пепел. За жал, сосе луѓето. За трагедијата да биде овој пат поголема, страотна, траорна, а направената штета ненадоместлива.Системот пеплоса млади луѓе, детски животи, алтан деца, златни момчиња и девојки… Ни криви ни должни, проголтани во пламените јазици на аждајата на лакомоста кои други ја создадоа. А нам да ни остане маката, горчината, траорот и молкот… Молкот кој колку и да е болен, сега е најгласен.
И додека тагата и болката се неминливи, горчината вткаена во совеста пстојано се прашува кој тоа го запали факелот и по Ласкарци, Бугарија и Модуларната, одново го пламна огнот во македонскиот дел од пеколот? Има ли име и презиме тој вирус во системот кој ја пеплоса младоста?
Додека истрагата секако го работи своето, јавноста го посочува прстот во овој или оној, барајќи различни „виновници“ чија вина допрва треба да се докажува. Сепак едно е сигурно: Се’ започнува од непочитувањето на законите и прописите, од избегнувањето на стандардите и заобиколувањето на она што науката и искуството го преточиле во правила и прописи.
Зашто да бил „Пулс“граден и реновиран по стандарди ќе имал пропишана височина со доволно растојание од бината до плафонот и пропишан радиус лево и десно на сцената. Немало да биде „шупа“ со азбестни канцерогени табли на покривот и лесно запаливи материи како изолација под него, туку со изолациони материјали кои не горат и се самогасиви кога ќе се запалат. Ќе имало противпожарни прскалки кои автоматски се вклучуваат во случај на присуство на чад и оган и доволно ПП апарати и хидрант со црево за гаснење на истиот. Влезната врата ќе била многу поголема, а големи метални противпожарни врати една или колку веќе се потребни според прописите кои ги бара квадратурата на просторот морале да постојат, а такви немало.
Затоа виновниците во самиот систем мора да се лоцираат, тие вируси мора да имаат име. Од оној што издавал или оној не извадил дозволи, до оној што ги фалсификувал лиценците, од оној што платил, до оној што зел мито, од оној што на ризик изигрувал газда штанцајќи илјадници евра, до оној што не се сетил или бил подмитен да не се сети да го контролира… Оној што се јавува како организатор, а не пријавил, не предупредил, дозволил и не спречил палење пириотехника во затворен простор. Од оној што дозволувал, до оној што инсистирал да влегуваат малолетни лица после полноќ во клубот. Вируси има повеќе… Или е еден главен, со повеќе подвируси? Сеедно одговорноста мора да има, а таа има едно или повеќе имиња и презимиња чии заеднички именител е еден единствен вирус чие име е – КОРУПЦИЈА!
Причинителот за пожарот во „Пулс“ сепак е искра од пиротехниката, која не смеела да се користи. Не барем нестручно и во ваков тесен затворен простор. И додека прстот е вперен во член на групата кој наводно ја донел пиротехниката, за што допрва треба да се докаже, сепак катастрофата ќе била спречена доколку клубот бил правен по стандарди. Или воошто ќе ја немало, или штетата ќе била минорна.
Но, дури и да не бил, како што не бил, кога веќе тоа било така, организаторот, сопственикот, менаџерот на дискотеката… кој ли веќе можел и морал да го спречи користењето на пиротехнички средства со распрскувачи материјали. Впрочем, за користење на истата постои закон. Патем е забрането користење на пиротехника и отворен оган во затворен простор, освен во посебни случаи кога тоа го прават стручни лица, кои поседуваат соодветна лиценцирана дозвола издадена од надлежните органи.
Но кога се’ ќе се собере, порано или подоцна со сите овие пропусти катастрофата можела да се случи и многу порано. За среќа не се случила, но за жал сега, кога истата се случи, е огромна, страшна, незамислива, погубна за сите нас… Најмногу за изгубените млади животи и траорот на нивните семејства, како за оние мноштво тешко повредени и нивните најблиски.
Дека во клубот „Пулс“ се употребувале уште оддамна, речиси од неговииот почеток на работење пиротехнички средства, распрскувачки материјали кои развиваат висока температура, па дури и отворен оган, говорат фотографииите на нивната официјална Инстаграм страница.
Причинителот на трагедијата со години бил потенцијална „бомба“ која можела да пукне било кога при користењето за време гостувањето на поедини ДЈ-и, естрадни ѕвезди од домашната естрада и соседството, за јубилеите и годишнините на клубот. Дали и тогаш со ваквите опасни материи ракувале аматери или стручни лица, а истите се користеле со дозвола и под надзор е прашање кое ја допира истрагата. Но, дека ова не било прв пат, не било… За жал, беше и последен! Нека биде и последна трагедија, но и последна опомена за сите нас.
Она што ни се случи во клубот Пулс во Кочани е без поговор најголемата трагедија во поновата историја. Најголемата и најстрашната од осмаостојувањето до сега. Најтраорната и најболната, за сите… Најмногу за оние кои ги изгубија своите најмили, па за оние чие чеда и блиски се тешко повредени.
Затоа ред и поредок мора да има, законите мора да се имплементираат и да не се изигруваат, правилата и прописите мора да се почитуваат. Ресет на системот ни е повеќе од нужен, неопходен и потребен како последна шанса за да не ја загубиме и државата. Како што рече и самиот премиер Мицкоски: Ова е борба… Наша, на сите нас. Македонија или мафијата?! И затоа длабоките резови се неопходни. Канцерогеното копруптивно ткиво мора да се исече, метастазите на митото да се отстранат, здравото да се залечи и да тргнеме одново во напредок. Поинаку ќе се распаднеме.
Но, како и за време на Короната, се чини дека и при овие длабоки резови најмногу ќе изгуби, најголема колатерална шттета ќе биде македонската естрада. Се’ што не е по стандард, не е по пропис сите клубови, дискотеки, кафулиња, локали… ќе се затворат. Или во најмала рака ќе им биде оневозможено да приредуваат живи свирки, да организираат настапи на пејачи и групи. А такви ќе бидат повеќето од половината. Сомнежот е дека и оние другите, особено по малите места и градови, тешко дека ќе ги исполнат стандардите. Тогаш газдите или ќе ги затворат и пренасочат својот капитал во друг бизнис или ќе живуркаат без гостувања на естрадни ѕвезди.
Тогаш македонските пејачи и бендови ако досега настапувале во 50-60, 80, 100 клуба и кафулиња, сега ќе можат едвај во 5-6-можеби едвај 10… А и тие што ќе се преструктуираат по сите правила и прописи, ќе сакаат што побргу да го вратат вложеното, па почести гости секако ќе им бидат ѕвездите од соседството, отколку домашните… А со тоа најмногу ќе изгуби македонската естрада, на која ќе и биде стеснет максимално просторот и за делување и за егзистенција. Евентуално ќе „процветаат“ кафеаните, каде „тезгарите“ ќе свират туѓ репертоар на два звучника качени на сталак и секако свадбарите. Она што е сопствено, авторско творештво, она што вистинските македонски артисти го создавале како музичка уметност, постои страв тешко дека ќе имаат простор каде да го пласираат. Но…ако тоа е цената која треба да се плати, конечно подобро одредено време колатерална штета да биде естрадата, отколку човечките животи.
Она што се случи во Кочани е трагедија каква не сме имале… Плач, лелек, траор… А потоа молк, длабока болка, тага и само нем молк. И душа полна со горчина, гради полни со гнев, до ниво на гадење… Каде тоа ние живееме? За жал, животите на младите ангели не можеме да ги вратиме. Затоа да ги оставиме институциите да си ја работат својата работа и да видиме што ќе сработат?!
Затоа не треба на нивните семејства дополнително да им приредуваме нов пекол. Со кулоарски шпекулации, медиумски дезинформации, собири, протести… Не е време за тоа ! Не е време за политики! Не сега…
Но, како и секогаш како што во природата има стрвинари кои со се хранат туѓите остатоци, така и во политиката има „политички лешинари“ и „невладини хиени“ кои се хранат со туѓите судбини. „Политички некрофили“ кои најтешките мигови на болка ги користат за сопствени цели. Без трошка емоции, сочувство, емпатија, без чувство за туѓата трагедија која секако е и наша заедничка го користат моментот истата од црна да ја претворат во „шарена“.
Не можејќи да се помират со легалниот изборен пораз или од страв да не бидат фатени дека тие се р’ѓата која сосе нас го пеплоса системот, во обидот да го искористат моментот се користат со сите познати методи на претворање на туѓата болка во своја корист. На прелевање на загубата на најмилите во сопствена политичка добивка… На крвави политички поени, преку организирање бунт, посочување фиктивни виновници, извртување на стварноста, обиди насилно да се сруши власта, доведувајќи ја до врвно непрепознавање суштината на измамата.
Со СОБИРање и ПРОТЕСТирање создавајќи си простор за манипулација, за амнестирање на оние што до ова дереџе не доведоа, простор прстот на сопствената вина да го вперат во некој друг, па и во нас, овозможувајќи си да го искористат моментот за да ја извртат вистината и прикажат како „лажна слика“ во која „џелатите“ на нашите деца, ќе се претставуваат како наши спасители, како волци во јагнешка кожа!
Затоа е многу важен разумот, да не се потпадне под поропагандата и влијанието на оние кои црнината сакаат да ја префарбаат во „шарена“.
Затоа НЕ Е ВРЕМЕ за собири и протести. Сплотени – ДА, но во тага и почит кон настраданите, секој посебно, а сите заедно. Ама не гневни на улица… Не сега, не е моментот! За собири и протести има кога… Тогаш кога ќе дојде вистинското време, кога крикот на народот ќе се слуша најсилно, а кукавичкиот лелек на оние кои не внесоа низ портите на пеколот нема да им помогне да не ја добијат заслужената казна за злосторствата што ни ги приредија. Сега, а и сиве овие години!
По се’ што ни се случи и се’ што овие денови доживеавме, логично е социјалните мрежи да вријат. Денес можноста за искажување на сопственото мислење, револт, гнев… секој ја има. Како што секому му е достапна и можноста за искажување на сопственат глупост. Затоа важно е да се отворат очите и да не се наседнува на сечија споделена будалаштина. Од теориите на заговор, преку езотеријата и секако подметнувањето на политичките ставови.
Приказните дека клубот Пулс не се запалил од искра од пиротехниката бидејќи таа и порано редовно се користела, туку дека во прашање е терористички чин, зашто пожарот наводно е подметнат со палење со ласер во една точка на платното под плафонот. Или дека бројот на жртви и повредени е занчително поголем само се крие и слично, се само фикција во нечија шуплива глава и болен ум.
Како што се уште поболни оние езотерии дека ДНК сами си ја предизвикале судбината со песната „Ако утре ме нема“… Или Панчо лично си ја претскажал сопствената со видеото од нивната песна „Горе или доле“ во кое има кадри како тешко повреден лежи во болнички кревет на интензивна нега, интубиран во кома. Ама и дека самото име на бендот ДНК е симбол на кобно претскажување, зашто токму по ДНК анализите ги идентифукуваа починатите.
Останатите будалаштини од типот на разно-разни плукања и навреди се прашање на некултура и немање домашно воспитание, па затоа не ни заслужуваат коментар.
Достоинството и почита кон жртвите и помошта на нивните семејства и семејствата на повредените во овој момент се најнужни. Зашто молкот во дадениот миг е многу посилен и од крикот. Праќа многу посилна и пожестока порака… За почит и сочувство до настраданите и фамилиите, но и наговестување дека бурата доаѓа… Исто така за „фамилиите“… Само за оние мафијашко-криминалните, за дното кое со години, ако не и децении се претставува за врв! Од врвот и ќе почне да се чисти… па се до дното! Ако сакаме да не биде. Темелно, еднаш – засекогаш…
За потоа да создадеме нов систем на вредности, дотоинствен човечки, еднаков за сите. Со нешто што ќе биде „Оче наш“ за сите и засекогаш, во кој никој не е и нема да биде над законот. Во кој ќе се знае дека и 100 грама, кафе, бонбониера, шише виски, ЦД или две гратис влезници… се исто така мито. Оттука почнува, па се’ до процентот од тендерите за милионските суми! Дека ничиј син или ќерка, ничиј партиски член не смее да биде поштеден или амнестиран, ако прекршил закон… Напротив, ако биде пример за другите, е дури тогаш ќе не биде!