Во пожарот што попладнево избувна на две локации во Кочани, и се доближи до станбените домови над градот во Белско Маало, има оштетени куќи, помошни објекти, оштетени се возила, меѓу кои и едно противпожарно возило.
Во кочанската болница десетина лица побарале лекарска помош поради отежнато дишење од чадот, но нема тешко повредени, јави дописникот на МИА од Кочани.
Дописникот јавува и дека пожарот поради ветерот се шири во правец на селото Тркање, а луѓето кои интервенираат таму се сконцентрирани да го спречат ширењето на огнот кон складот на „Макпетрол“ и една приватна бензиска пумпа. На тоа место има и објекти од лесната индустрија.
Екипи на Територијалната противпожарна единица од Кочани максимално се ангажирани во неговото локализирање, а помош е побарана и од соседните единици од Виница и Пробиштип.
Зоран Заев, како и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ја напуштија централната манифестација на Мечкин Камен и се упатија кон Кочани. Заев, како што потврдија од Владата за МИА, е во постојана комуникација е со ЦУК, со општинските власти и со МВР.
Истовремено, пожар зафати шума во атарите на планинските села Новоселани и Костин Дол, а поради конфигурацијата на теренот отежната е интервенцијата за негово гаснење. Како што претходно информираше Центарот за управување со кризи, пожарот во Костин Дол бил предизвикан од паднат далекувод.
Во локализарањето на пожарите е вклучено и месното население, а како превентива е исклучена електричната енергија во западниот дел на Кочани.
Претседателот Стево Пендаровски претходно соопшти дека Армијата е вклучена во гаснење на пожарите, и дека во текот на ноќта ќе се следи состојбата на терен и ќе се ангажираат дополнителни сили, како и средства за справување со состојбите и помош на населението насекаде каде што има потреба.
Тој кажа дека е одобрил и употрена на воздухопловите, кои денеска веќе интервенирале во Старо Нагоричане, а утре наутро одат на помош во Кочани.
МИА