Проектирањето на буџетот за 2026 година претставуваше сериозен и комплексен предизвик, пред сè поради обврската на Владата за фискална консолидација, но со него се продолжува стратегијата за рационално и дисциплинирано користење на јавните средства, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска во гостувањето во Тема на денот на телевизија Сител.

-Предизвикувачки беше да се направи Буџетот за 2026 година притоа имајќи предвид дека ние се обврзавме на фискална консолидација, а тоа е нешто што очекувавме дека ќе го спроведе претходната Влада, но, тоа не се случи и за разлика од соседните земји што успеаја да се консолодиираат нас ни остана тој предизвик, посочи министерката.

Таа истакна дека дополнителен предизвик било тоа што треба да се вратат две милијарди евра следната година, коишто, како што рече, претходната власт ги направила со едно душманско и неконтролирано трошење, уверувајќи притоа дека граѓаните треба да бидат спокојни.

-Граѓаните можат да бидат спокојни – не станува збор за нов долг. Напротив, целта е стабилизација и консолидирање на јавниот долг, што веруваме дека ќе го постигнеме порано од проектираните рокови, рече министерката.

Како што нагласи таа, приходите се проектирани внимателно и реално, а со економскиот раст постои можност за надминување на планираните бројки. Додаде дека расходите се прецизно планирани, со јасна аргументација за секое оптимизирање.

Министерката се осврна и на критиките за наводно кратење на социјалната помош, истакнувајќи дека бројот на корисници се намалува како резултат на подобрено управување и интеграција на дел од нив на пазарот на труд.

-Има реакции дека има кратење кај социјалната помош, меѓутоа никој не зборува дека гарантираната минимална помош последната година, благодарение на менаџментот или добротор управување во Министерството за социјална политика, имаме сериозно намалување на тој трошок заради тоа што голем дел од тие луѓе се здрави прави луѓе кои можат да работат и во услови кога имаме недостиг на работна сила тие веќе преку пазарот на труд успеваат да добијат работа, рече Димитриеска Кочоска.

Потенцира дека за Владата фокус ќе бидат лицата со попреченост да имаат средства.

-Фокус ни е секогаш да има средства за лицата со попреченост, за нас лицата со попреченост секогаш ќе го имаат приоритетот и посебно внимание. Во овој буџет лицата со попреченост се комлетно покриени, нагласи министерката.

Во однос на капиталните расходи, Димитриеска-Кочоска потенцира дека бројките говорат за реални инвестиции. Заклучно со 13 ноември, реализацијата изнесува 22,1 милијарди денари, а по старата методологија достигнува 28 милијарди денари што е за 47,4 проценти повеќе од претходната година.

-Буџетот за 2026 година предвидува 40 милијарди денари за капитални инвестиции, што е реално и остварливо, земајќи ги предвид капацитетите и состојбите на градежниот сектор, кажа Димитриеска-Кочоска.

Министерката нагласи дека Буџетот ги опфаќа сите законски обврски на државата – кон пензионерите, работниците и приватниот сектор. Пензиите ќе бидат усогласени согласно законските обврски, вклучително и априлското зголемување од околу 1.000 денари и редовното усогласување во септември. Минималната плата и сите надоместоци исто така се пресметуваат согласно законската методологија.

-Буџетот за 2026 е развоен, реален и одговорен. Граѓаните можат да бидат спокојни – државата е финансиски стабилна, сите обврски се покриени, пензиите и платите се безбедни, а капиталните проекти навистина се реализираат, рече таа.