Само што заврши дебатата во министерството за финансии околу даночната реформа. Ние како конструктивна опозиција учествуваме, и морам да заклучам дека повторно неспособноста на Владата предводена од СДСМ и ДУИ покажа уште еднаш дека целиот терет го става на граѓаните и стопанството и комплетно со оваа даночна реформа ќе се зголемуваат давачките кои што граѓаните и стопанството ги имаат кон државата. И тоа во најлош момент во земјава кога имаме и енергетска криза, кога гледаме дека граѓаните секојдневно добиваат повисоки сметки и за парно и за струја, а стопанството е пред колапс, изјави денеска Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение интегрален текст и видео од изјавата на Димитриеска Кочоска:
Енергетската криза навистина го оптовари стопанството и сето тоа како резултат на тоа што државната ЕСМ за жал воопшто ниту успеа да се справи со енергетската криза, а и владата исто така. И како резултат на тоа компаниите се истрошени, тие се веќе во голема криза, а не на почеток на криза и ова сега само дополнително ќе направи проблем и притисок врз целокупното стопанство и како што спомнав и врз граѓаните.
Жално е што власта комплетно се фокусира на промена на приходната страна и зголемување на даночната основа, па и воведување да кажам на некои нови даноци, а од друга страна гледаме значи ситуација на повторно ненормално трошење, односно злоупотреба на буџетската каса на расходната страна, а во исто време не гледаме ниту мал напор за справување со сивата економија.
Не е чесно во исто време некои фирми и граѓаните да плаќаат данок, а други да не плаќаат. Не е чесно на една страна да гледаме како граѓаните редовно си ги сервисираат своите обврски плаќаат данок на имот, а имаме и општини каде што речиси и не се плаќа данокот на имот. Имаме општини и места, и делови од град каде што имаме фискални каси и се даваат фискални сметки, а делови од град или цели општини каде што не се знае ниту за фискална каса, ниту за фискална сметка.
Морам да напоменам повторно, ВМРО-ДПМНЕ е против оваа даночна реформа, ВМРО-ДПМНЕ е повторно за она што цело време го протежираме а тоа се ниски и рамни даноци.
И за крај морам да го кажам тоа што како став го повторуваме во континуитет било да е на предвремени парламентарни избори или на редовните доколку дојде до промени, воопшто даночните политики и зголемување и оптоварување на граѓаните и стопанството, ВМРО-ДПМНЕ значи ќе ги врати сите закони на постоечкото решение како што се сега, односно пак како што кажувам на ниски рамни даноци, истакна Димитриеска Кочоска.