СДСМ ги излажа земјоделците. Зоран Заев ветуваше дека кога ќе дојде на власт откупот на земјоделските производи ќе биде загарантиран, а откупувачите ќе се тепаат кој повеќе да откупи. Сега нема само што не се тепаат кој повеќе да откупи, туку целото земјоделско производство скапува по нивите, а земјоделците не знаат како ќе преживеат, реагира во денешното соопштениес ВМРО-ДПМНЕ.
„20.000 тони слива скапува по нивите, а власта не презема ништо. Илјадници семејства чиј единствен извор на приходи е производството на слива не знаат како ќе ја преживеат годината. Неодговорно и недозволиво е илјадници семејства да патат и да бидат жртва на неспособноста на Николовски и Заев. Над 20.000 тони слива ќе пропадне, затоа што власта навремено не интервенирала. Илјадници семејства едвај ќе ја преживеат годината“, се вели во соопштението.
Опозициската партија додава дека власта наместо да пушта бледи соопштенија треба да ја гарантира цената на сливата и истата не смее да биде под 12 денари за килограм.
Според производителите на слива, доколку не се преземе нешто во најкраток можен рок илјадници земјоделци ниту ќе можат да ги покријат трошоците за производство.
„СДСМ е временска непогода за земјоделието. Земјоделците нема каде да го продадат својот род, немаше откуп за доматите, бостанот, праските, пченицата, а сега и за сливата. Земјоделците се понижени и доведени на раб на егзистенција. Ова мора да запре. Земјоделецот не смее да биде понижуван, земјоделецот заслужува достоинствен однос. СДСМ мора да си замине“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, ваквата очајна состојба со извозот на овошјето настана и заради дипломатскиот потег на македонското МНР кое заради солидарност со Западот протера руски дипломат, но Западот не се солидаризира со Македонја за да го откупи родот од нивите.