Народот вели на суша и град да падне има фајде. Пресликано тоа во сегашни услови, за власт која не направи ниту еден километар автопат, од фајде е да се слика и со обновен асфалт на локални патишта. Денешнава приказна е од Битола…
Со инвестиција од 3,6 милиони евра обновен е државниот пат од Битола до ГП Меџитлија, во должина од 12,7 километри, а за изградба на автопатот Битола Прилеп почната е постапката за пренасочување на сообраќајот на дел од постоечкиот пат.
Обновениот пат беше пуштен денеска во присуство на премиерот Димитар Ковачевски, министрите за транспорт и врски Благој Бочварски, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.
-Овој патен правец кој децении наназад бил запоставен, а сега рехабилитиран, е од исклучително значење, особено што се работи за дел од европскиот Коридор 10-д, кој нè поврзува со нашиот јужен сосед. На целиот Коридор се работи навистина интензивно и тоа на сите делници што на крајот ќе резултира со модерен патен правец од Коридорот 10, поврзување со Коридорот 10-д преку Прилеп, Битола, до границата со Грција. Со тоа целиот овој регион добива нов инфраструктурен лик, изјави премиерот Ковачевски.
Во патот се инвестирани се 3,6 милиони евра, со цел, како што рече Бочварски, да го издигнеме на ниво на квалитетен и безбеден пат кој е функција на цел бизнис од Пелагонија, за граѓаните и за развој на туризмот.
-Денес имаме над 530 милиони евра реализација на капитални инвестиции, што е највисоко ниво и е повеќе од минатата година која беше рекордна, рече Бочварски.
Тој потсети дека од инвестициите во Пелагонискиот регион во патната инфраструктура, почната е реализација на Договорот за изградбата на автопатската делница од Прилеп до Битола, како дел од пакетот нови автопатски делници на Коридор 8 и 10 – Д.
-Изведувачот веќе работи на постапките за пренасочување на сообраќајот на дел од постоечкиот пат. Тоа подразбра дека сегашниот пат во должина од 29 километри ќе биде пренасочен за сообраќај бидејќи изведувачот ќе работи на самиот коловоз на испитување и проширување на ниво на автопат, а за тоа време сообраќајот одвива на сега постоечкиот спореден пат, рече Бочварски.
Дополнително се работи на сите административни постапки за експропријација, испитување на теренот, како и на пристапните патишта до самата траса и до одлагалиштата.
Како особено важен патен правец за Пелагонија, како што рече, е и доизградбата на експресниот пат Градско – Дреново – Фариш, исто така како дел од Коридоро 10 д.
-Градежните работи се одвиваат со добра динамика со што во еден континуиран процес ќе ја заокружиме целата патна врска од главниот автопат на Коридор 10, па се до граничниот премин Меџитлија, посочи министерот Бочварски.
Финансиите за обнова на патот Битола -ГП Меџитлија се обезбедени од Европската банка за обнова и развој, а работите ги изведе ГП „Пелагонија“. Патот се обновува првпат по 40 години, а според најавата од директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми, следната година треба да се обезбедат пари за изградба на експресен пат Битола Меџитлија со обиколница над Битола. Веќе има одобрен инфратсруктурен проект и ревидиран основен проект.
Во Пелагонискиот регион обновени се и патните правци до Нижополе, Ротино, Бучин, Житоше и Демир Хисар, а предвидени се рехабилитации и на патништата до Лопатица, Могила и Будаково.лв/мт/
фото:Влада, МИА,