Две агенди, спротивни една на друга, ќе бидат спроведувани оваа недела од страна на косовската државна делегација во Њујорк, каде што ќе учествува во работата на Генералното собрание на Обединетите нации, пишува денеска „Коха Диторе“.
Според весникот, во исто време во Њујорк ќе се претстават и претседателот на Косово, со неговата идеја за корекција на границата со Србија во рамките на конечниот договор меѓу Приштина и Белград, и премиерот Рамуш Харадинај, кој е категорично против каква било промена на границите.
Како што јави МИА од Приштина, двајцата државни раководители најавија дека работата на Генералното собрание на ОН ќе ја искористат за средби и лобирања кај американските државни претставници и други светски државници.
Според соопштението на Владата, во агендата на премиерот Храдинај е „промоција на достигнувањата на Косово, привлекување на директни странски инвестиции, јакнење на билатералните односи со земјите учеснички и средби со европски и други претставници, со цел зацврстување на меѓународната позиција на Косово“.
Во однос на темата на дијалогот со Србија, портпаролката на Владата, Донјета Гаши изјави дека „ставот на премиерот не се разликува од тоа што го има изјавено досега“ односно дека тој се спротивставува на каква било промена на границите или размена на територии.
Од друга страна, од кабинетот на Тачи изјавија дека и тој во Њујорк ќе продолжи да ја заговара својата идеја за корекција на границата односно за припојување кон Косово на Прешевската Долина, делот од јужна Србија населен со мнозинско албанско население.