(извадок од книгата Дебар и дебарско низ историјата од Ѓорѓи Илиевски)
Кога Турците ја поробиле Албанија, решиле да го изградат Шпилскиот мост, кој се наоѓа на старото место од римско време. Великиот везир наредил да се испрати комисија од специјалисти за да проценат колку ќе чини изработката на мостот на реката Црн Дрим во Дебар. Кога членовите на комисијата дошла во Дебар, тогаш од Истамбул се јавил големиот богаташ Хаџи Ибрахим, кој изразил волја мостот да биде подигнат со негови средства. Предлогот бил прифатен, но тој дал предлог за изгледот на мостот и на кое место да биде изграден. Всушност, Хаџи Ибрахим потекнувал од христијанско семејство кое преминало во ислам, поради што на својот син Јордан му го дале името Ибрахим. Тој како дете во Дебар станал чифчија, а подоцна се занимавал со други дејности. Кога се збогатил, се стекнал со титулата бег, а подоцна отишол на аџилак и станал аџија. Како богат посакал да им помага на сиромашните, независно дали се христијани, или муслимани. Ибрахим имал ниви и ливади во селото Омаже, каде пасело големо стадо овци. Како возрасен сонувал дека треба да дојде во селото Омаже, поточно во малата пештера, каде ќе најде скриени пари со кои ќе се изгради мост на Црн Дрим, џамија и медреса (училиште за оџи).
Таму, откако ја слушнал приказната што му ја раскажал овчарот за големото животно во пештерата во која не можело да се влезе, Ибрахим мислел како да се справи со таков sвер (змија ли е, смок ли е, ламја со крилја ли е). Тој на овчарот му рекол: „ Земи едно корито, однеси го близу до пештерата, наполни го со млеко од овците и измешај го со повеќе сол и застани да гледаш дали животното ќе излезе да пие од млекото“. Овчарот постапил така како што му рекол аџијата и застанал да гледа оддалеку.
Кога го намирисал млекото, sверот излегл и отишол право кон коритото и почнал да пие. Кога завршил со пиењето, не се скрил, туку останал надвор да се пече на сонцето. Кога ожеднел од соленото млеко и жешкото сонце, sверот се спуштил во Дрим за да се напие вода… Од водата чудовиштето се надуло уште повеќе и умрело. Сето ова овчарот му раскажал на аџијата кој се израдувал. Тогаш, почнале да копаат под леглото на животното и го откриле златото. Од каде потекнува златото не се знае. Дали тоа било од некој илирски стратег, или велмож кога бегале од Римјаните, или некој од Самуиловите војводи и болјари кои по неговата смрт со години се бореле против Византијците или пак од Турците кога бегале од Скендербег ?!
Ибрахим му дал малку од златото на овчарот, а со остатокот во текот на ноќта со натоварени маски тргнал кон дома. Хаџи Ибрахим го повикал прочуениот мајстор, каурин Стрезо (по предание од блиското село до градот Аме), чија слава се слушала во целиот дебарски крај. Откога му ја објаснил наредбата на градежната комисија од Стамбол на кое место да се изгради мостот и каков да биде, побарал да му направи сметка колку ќе чини изградбата на мостот. Кога ја направил сметката, мајсторот му рекол : „ Бег ефенди, имаш ли пари, колку што чини мостот, уште толку да истуриш во водата за да е здрав мостот“. Бегот му одговорил; „Јас имам пари и готов сум кога ќе кажеш ти да го затнам Дрим со пари“. А мајсторот му вратил: „Не, јас не сакам парите да се фрлаат во водата, туку само да видам дали имаш повеќе пари. Според преданието, кога сакаме да ја преобразиме природата, која е создадена од Алах, со изградбата на еден толку долг и висок мост ние со тоа грешиме и за да не не казни Алах, ќе треба да заsидаме една мома, или колку ќе чини мостот, уште толку пари ќе треба да заsидаме, за да е здрав за вечни времиња“. Хаџи Ибрахим размислувал долго, бидејќи мајсторот- ѓаур го поставил на тешко искушение. Сепак, по совет на мајсторот решил наместо да заsида мома, да даде пари колку што чинела изградбата и исто толку да се вградат во мостот за да е здрав за вечни времиња“.
Започнала изградбата на мостот. Каравани носеле камен од над селото Бањиште кое било познато уште од римско време и до полите на Светогорската Планина…Секој ден никнувале работилници и шатори крај Дрим а се собирале и многу работници и мајстори. Биле дојдени и каменоресци од Дримкол.
Работата траела долго време, а големиот добротвор Хаџи Ибрахим со своите средства го изградил мостот, како знак за добра волја и исполнувањето на својот спомен од детството. Со тоа мостот станал врска меѓу Исток и Запад. Главниот мајстор Стрезо за убавата градба го прогласиле за државен инжињер, а дебранецот Хаџи Ибрахим за народен дарител. Се претпоставува дека тој е градител на Борџамијата, Шпилскиот мост и Косоврашки бањи.
Народот го памети и го раскажува она што може да го запамети и да го претвори во легенда. Црн Дрим е богат со многу такви легенди. Сепак, народот го памети и го раскажува она што може да го запамети, при што го претворил и во легенда. Црн Дрим е богат со многу такви легенди.
Триста години по изградбата на Шпилскиот мост, него го посетувале патописци кои поминувале низ Македонија за да ја запознаат. К.Иричек пишува дека планирале да поминат по Дебарскиот мост. Тука биле д-р Гризенбах и д-р Хан. Тие се обидувале со чамци да патуваат по водите на Дрим. Кога поминувале по мостот биле восхитени од глетката на бескрајната шир, со која природата го наградила овој крај. Тие не можеле да се начудат како е можно да се направи скеле под сводот долго 150 метри и високо над 45 м. Мостот по целата должина е без потпирка и изгледа како да е расчекорен со огромна сила врз двата каменести брега. Стотина години тој не мрднал од тешките товари што биле пренесувани преку него, ниту пак од бујните води на Дрим и на неговите многубројни притоки. Човекот занемува пред тој објект на генијалниот творечки дух. И покрај таквата славна историја, за време на Првата светска војна, кога австроунгарската војска атакувала од северозападната страна на Македонија, српските воени пиротехничари го минирале историскиот гигант – Шпилскиот мост, кој се славеше и на Исток и на Запад. Тие со динамит го срушиле. Меѓутоа, по завршувањето на Првата светска војна, Србите повторно го обновиле мостот.
За време на Втората светска војна, на 10 септември 1943 година, мостот го урнале партизаните, веднаш по ослободувањето на Дебар. Пред самиот мост реката Радика се влева во Црн Дрим. Сега на овој простор е изградена голема земјана брана во која се акумулира Дебарското Езеро. Полнењето на акумулацијата започна на 9 јуни 1969 година, а електраната со 3 агрегати пуштена е во употреба на 4 ноември 1969 година. Во средината на дваесеттиот век, откако беше создадена македонската држава во рамките на Федеративна Југославија, дотогаш водите на непокорниот Црн Дрим се затнати во Глобочичкото Езеро. Водите на реката преку електроцентралата „Глобочица“ се впрегнати за потребите на македонското стопанство.
Хидроцентралата го носи името по селото Глобочица, кое е раселено токму заради нејзините потреби. Во близината на Дебар, исто така е подигната брана во која се собираат водите од Црн Дрим и Радика е формирано Дебарското Езеро, и на тој начин е формирано Дебарското Езеро, на кое работи истоимената хидроцентрала.
На местото на некогашниот Шпилски мост сега се издига висока и широка брана, која ја заменува функцијата на мостот, зашто по неа минуваат автомобили, патници и стока за Охрид, Гостивар, Република Албанија и понатаму.
Горенечки мост бил подигнат уште за време на Римјаните, но и тој е потопен во водите на Дебарското Езеро. Истиот служел за премин преку реката Радика и како врска помеѓу жителите од Дебарско Поле со жителите на Долна и Горна Жупа и Селечка општина. Преку него минувале крстосниците.
(авторот е виш просветен инспектор)