Коле МАНЕВ

Пријателе, одамна не сме се виделе. Поради вонредните состојби  само по телефон можеме да комуницираме. Добро е што ја имаме и оваа можност, поинаку како понатаму и што би правеле без размена на мислења, дури да се тие телефонски?

За почеток, сакам да те прашам, нели ти се чини дека нештата  почнаа да добиват, ќе си дозволам да речам крајно нејасни димензии. Си велам што се случува со светов, бе верувам дека ниту умниот пророк Нострадамус вакво нешто можеше да предвиди. Не мислам само на светската трагична здравствена состојба поврзана со корона вирусот, која е повеќе од драматична, туку, се прашувам што се случи со нашите големи надежни перспективи со кои мислевме дека ќе полетаме кон возвишените височини каде ќе бидеме облеани со светлини и рајски благодети.

Сега, се чини како да се стаписавме и не можеме да се помрднеме од место. Нема угоре, нема ниту лево или десно. Нашиве шарени политичари од власта како да ги нема, се чини како да слетаа на гранка од некое дрво стуткани, потиштени и покиснати, дремат на гранка очекувајки дождот и политичкото невреме да престане.

А се сеќаваш пријателе како беше во Нивици? Тоа беше возвишена слава, светска и глобална политичка претстава во која цветаше пријателство, правдината, хуманоста, се нудеа бакнежи, прегрнувања и што уште не. Додека Димитров го ставаше потписот за промена на името, Заев на Ципрас му ја подари неговата црвена вратоврска за спомен и добро сеќавање. Од овој временски агол знаеме дека тоа траеше многу кратко, тоа беше политичка игра само за едно лето. Ме разбираш пријателе што сакам да ти кажам!

Ти се јавив телефонски, ем да си направиме обичен разговор, но повеќе да се потсетиме колку понекогаш времето или случајноста создават чудни парадокси и колку судбината може да биде непредвидлива и крајно сурова.   Заев, Димитров, Османи, Шеќеринска и ред други, да не го заборавиме портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, кој по обичај знае да треска глупости, се личностите кои најмногу, често дрско и налудничаво инсистираа за промена на името, како повод и услов за влез во ЕУ и НАТО. Се разбира, потпомогнати од многу странски политички личности кои пред референдумот ја „шпартаа“ државата и хоризонтално и вертикално.

Некои веруваа дека со промена на името (и покрај неуспешниот референдум) светов ќе почне да блеска и бранот со сите други можни општочовечки вредности ќе се истури вра нас. Ама не било така. По кратко време од ЕУ добивме клоца во задниците, па била виновна Холандија, па Франција со Макрон, се бараше причина и оправдување зошто не блеснавме кога политичката мелодрама од Нивици веќе беше направена, одиграна и заведена како голем меѓународен успех.

Како капак на сета политичка драмолетка од Нивици и по неа се појави и корона вирусот. Пријателе, дали можеш да видиш каде се крие парадоксот? Поради вирусот членките на ЕУ ги затворија границите, што значи никој нема право да влегува во Шенген зоната и тука почнува драмата на Заев, Димитров, Османи и сите други. Сурово е, нели пријателе? Сега, според искажувањата на Османи, вирусот е виновен, од него институциите во ЕУ не можат да се состанат, ама ние добивме тоа што го баравме! Наспроти тоа, се што е свето за еден народ – име на држава, историја, култура и традиција – како неславни хазардери исполнети со нарцисоидни и квази-етнички манири   ставија се на маса и одеднаш, стоп, нема влегување во реонот на ЕУ. Стуткани и покиснати со зинати клунови и ококоравени очи сигурно се прашуват што ни се случува!? Наводно сме добиле некаков договор за иден договор, што е „мижи бабо да те лажам“. Да направеа практичен договор,  на пример, ќе го промениме името кога ќе влеземе во ЕУ, така ќе беше полесно и за нив и за нас. Нашето знаме се вее во седиштето на НАТО, ама некои велат, цело е кога има се. Нашиве политички хазардери од немање каде и од незнаење што да се прави, наместо да си поднесат колективна оставка, тие како единствено погодно место се наредија на гранка од дрво и оттаму во  голубова дремка ќе ја наблудуват состојбата и одвреме навреме ќе не тешат дека постигнале големи победи. Ме разбираш што сакам да ти кажам пријателе?