Коле Манев

Возејќи по автопатот во насока кон Гевгелија, постојано погледнував  во показните табли кои ја најавуваа оддалеченоста на населени  места или на бензиските пумпи. Една од таблите покажуваше излез кон Прилеп и Битола. Па, наместо директно да одам во Воден, каде сум договорен да се најдам со мои дамнешни пријатели, зошто да не скршнам кон Битола, потоа Лерин и на крај во Преспа, си реков во себе?

Досега никогаш не сум го посетил овој дел од Преспа, освен кога имав шест години, кога за време на Граѓанската војна во Грција од 1946-1949 бевме принудени да ги напуштиме родните огништа и се упативме кон многу непознати места. Од тоа патување во мене останаа само магловити детали од настани и слики од тоа време. Бидејќи сите топоними во Егејска Македонија (Северна Грција) се сменети, тешко ми беше да се ориентирам кон каде одам. Но, на Герман му имаат додадено само ,,Агиос“ (Свети), па тоа ми беше важен показател во мојата дестинација.

Кон крајот на денот стасав во Герман. Очекував да видам раздвижено место, но призорот беше сосема поинаков. По главната улица која водеше кон угорнината, односно кон центарот на Герман, не можев да забележам жив човек. Ми се чинеше како низ местово да поминало нешто неубаво, нешто што никој не го посакува. Мојата мрачна мисла ми ја прекина човек кој ја полеваше тревата од неговиот двор и чудно гледаше кон мене.

„Сигурно барате хотел“, ми се обрати човекот на убав македонски јазик.

„Вие зборувате македонски“, го запрашав?

„Овде сите зборуваме македонски. Но, поважно е, ако барате хотел ќе  ве однесам кај мој пријател, за жал само неговиот хотел работи“, потврди човекот.

Во хотелот со чудно име ,,Мимилосате“ (Не се карајте) не пречека една дебелкаста жена.

„Ова е единствениот хотел во Герман“, го запрашав човекот?

„Ние сме во Раби, Герман е малку погоре. А, од каде си ти“, ме запраша човекот?

„Живеам во Скопје, роден сум во Грција, оттука знам и по малку грчки“, одговорив.

Човекот помалку изненаден, и се обрати на жената од рецепција.

„Елени, замисли гостинот е роден во Грција!“

„Каде си роден“, ме запраша жената од рецепција и таа на убав македонски јазик!

Просто не ми се веруваше дека во Герман или во Раби ќе наидам на луѓе кои  говорат македонски јазик.

„Роден сум во  село Бапчор-костурско, село кое се наоѓа под падините на Вичо планина, сега селото не постои“.

„Роден си во Бапчор“, зачудено ме запраша човекот?

„Да“, одговорив.

Селото Бапчор ја има доживеано најстрашната судбина во војната. Татко ми кажуваше дека децата кои одеа кон други земји, одовде минуваа. Од Раби, преку Герман, потоа планината зад која се наоѓа Љубојно.

„Колку време ќе останеш тука“, ме запраша Елени?

„Една вечер, утре сакам да го видам островот Свети Ахил и Нивици, потоа одам за Воден“, одговорив.

„Сакаш да го видиш само Нивици или и местото каде беше потпишан договорот“, запраша човекот.

„И едно и друго“, одговорив.

„Јас сум Јани, утре ако сакаш заедно ќе одиме и на островот и во Нивици каде имам многу пријатели, ќе јадеме и добра риба“, ми рече.

Наредниот ден заедно со Јани се упативме кон островот каде Јани се сретна со негови пријатели кои комуницират на македонски јазик. Еден од нив, кој држи хотел на островот Свети Ахил, во времето студирал ДИВ во Скопје. На сите мои досегашни патувања во Егејска Македонија (Северна Грција) немав можност да сретнам толку луѓе кои го зборуват македонскиот јазик.

Во Нивици истата слика како и таа која ја стекнав во Герман, празнина и чувство на некаква осама.

„Зошто во овие краишта како да нема луѓе“, го запрашав Јани?

„Голем дел од младината заминува кон Запад. Целиот Преспански регион не може да се опорави од Граѓанската војна. Во Герман живееја преку 5 000 жители, сега едвам има стотина. За останатите села и да не зборуваме. Кон крајот на војната, кога дел од единиците на ДАГ, (Демократска  армија на Грција) сакаа со лотки да поминат преку езерото во Албанија и тогашна Југославија, единиците беа нападнати од авијацијата, за неколку часа илјадници лешеви пловеа низ Езерото. Цела недела водата од Езерото беше црвена како крв“, со тага проговори Јани.

Откако направи неколку движења со главата кон околниот пејсаж, продолжи:

-Го гледаш ова обично место од земја и песок. Тука беше поставена целата таа театарска сценографија при што се потпиша Договорот од Нивици. По неколку часа, сите актери заминаа на ручек во Отешево- ми рече.

Кога го гледам ова обично рибарско место, со едноставните чамчиња, ми се чини како важната политичка средба тука воопшто и да не се случила. Последици веројатно ќе има, но овде ништо нема да се промени, а Нивици и понатаму ќе се бори за својот опстанок.

„Сега, драги Коле, ќе седнеме во овој ресторан кој носи симболично име ,,Пријателство“ каде ќе јадеме убава риба“, ми рече Јани.