Коле Манев
Додека Зоран Заев вети дека ќе почне потрага по дршка за неговата имагинарна метла, јас се повеќе сум убеден дека никогаш нема да ја најде. А, нема да ја најде бидејќи не сака да најде. Се знае, секогаш кога Заев нешто ветува, работите се вртат наопаку. Од една страна големо прашање е колку Заев има храброст да најде дршка, од друга прашање е дали премиерот сака да мете и трето и најважно е дали Заев знае да зачисти. Човекот е склон кон вакви помпезни ветувања, посакува да најавува важни настани, заедно со Димитров сеуште веруват дека договорот од Нивици е прогресивна романтична приказна. Можеби Заев мисли дека ќе добие и Нобелова награда. Нека си верува, нели надежта последна умира. Но, по промената на името ниту сме во НАТО и тешко да се поверува дека некогаш ќе бидеме во ЕУ. Што би рекол Ерик Марија Ремарк, на западот нема ништо ново, се случи само затишје. Идејата за метла е всушност со цел да се заборави големата будалаштината и пополни духовната празнина која не поклопи сите.
Додека Заев и по вертикала и по хоризонтала троши време во потрага по дршка за неговата замислена метла, нема да биде на одмет ако проговориме што од доменот на културата се случува во толку посакуваната Европа. Цела оваа година, поточно од 2 мај во Франција и во Италија се слави петстотини години од заминувањето од овој свет на славниот Леонардо да Винчи. Зошто во Италија и во Франција? Леонардо е роден на 15 април 1452 година во Винчи-Тоскана, како вонбрачно дете од татко Пиетро да Винчи и мајка Катерина ди Мео Липи која била слугинка до домот на Пиетро. Се до 1516 година Леонардо творел во неколку градови од Италија. Тоа е италијанскиот дел од животот на Леонардо. Од 1516 до 1519 година Да Винчи по покана на кралот Франсоа I се преселува во Амбоаз-Франција каде и починува. Ова е францускиот дел од животното патешествие на Леонардо да Винчи.
Сите знаеме за ,,Мона Лиза,, за фреската ,,Тајна вечера,, изведена во црквата Санта Марија дела Грација во Милано и за маестралните цртежи на овој генијален автор. Затоа во ова скромно потсетување на маестро Да Винчи ќе споменеме некои видувања за личноста на Леонардо искажани од негови современици и помалку или повеќе за извесни пикантерии поврзани со неговите дела. Џорџио Вазари, сликар и публицист, во неговата книга ,,Животот на големите сликари,, има забележано: Леонардо да Винчи е сликар со универзални духовни вредности. Леонардо бил научник, инжењер, иноватор, скулптор, урбанист, музичар, поет, филозоф и писател. Повеќе за Леонардо и не може да се каже.
На петнаесетгодишна возраст Леонардо влегува во атељето на тогаш познатиот Андреа Верокио за да го учи сликарскиот занает. Се зборува дека по професионална потреба Верокио на неколку дена од Фиренца заминува за Венеција и на Леонардо му дава задача да го наслика ангелот од неговата слика ,,Крштевање на Исус,,. По неколку дена Верокио се враќа во Фиренца и ја гледа неговата слика на која Леонардо го насликал ангелот. Верокио восхитен од работата на Леонардо му вели: Ова е кога ученикот ќе го надмине учителот. Подоцна Верокио ја изработува скулптурата Давид и ликот на Леонардо го сместува во тој на Давид. Според Вазари, благодарение на Верокио знаеме како изгледал Леонардо во младите години. И Рафаело Санти во сликата ,,Атинска школа,, во ликот на Платон го гледаме Леонардо.
Се претпоставува дека Леонардо бил геј, во некои записи стои дека секогаш бил придружуван од младо и убаво момче, извесен Франческо Мелзи кој бил и ученик на Леонардо. На други места се споменува дека Леонардо бил наклонет кон убавината без разлика во каква форма таа се јавува.
Леонардо бил познат по тоа што истражувал и вршел експерименти посебвно во фреско сликарството. За потребите на Палацио Векио во Фиренца ја изработува фреската ,,Битката кај Анџиари,, за жал по кратко време фреската почнала да се распаѓа. Фламанскиот сликар Питер Пол Рубенс, при негова посета на Фиренца ја видел фреската на Леонардо која се уште била во добра состојба. Рубенс воодушевен од делото на Леонардо изработил негова слика. Така благодарение на Рубенс сега можеме да насетиме како изгледала фреската на Леонардо.
Во 1516 година францускиот крал Франсоа I, голем љубител на творештвото на Леонардо, го поканува да дојде во Франција, во Амбоаз, едно од кралските седишта на Франсоа I. Со себе понеси се што имаш, рекол кралот. Ќе понесам четири слики од кои една е недовршена, одговорил Леонардо. Со себе ги понел сликите ,,Свети Јован Крстител,, ,,Девица Марија,, ,,Света Ана и Исус,, и според Леонардо да Винчи недовршената слика била ,,Мона Лиза,, наречена Џоконда. На 2 мај 1519 година, во Амбоаз, Леонардо починува без притоа да направи било какви измени во неговата недовршена слика ,,Мона Лиза,,! Што овој великан имаше на ум да измени или поправи во најславната слика на светов?