Вистината е дека во Мала Преспа живеат Македонци, и јас сум Македонец, изјави денеска новиот градоначалник на Општина Пустец, Пале Колефски, демантирајќи дека на штотуку завршените избори упатствата меѓу Македонците биле пишувани на бугарски јазик.
– Во врска со веста дека во Мала Преспа е споделено упатство за гласање за локалните избори на бугарски и на албански јазик, наместо на македонски и на албански јазик, одговорно тврдам дека такво упатство за време на целата кампања на локалните избори што се одржаа на 30 јуни во Мала Преспа не забележавме. Вистината е дека во Мала Преспа живеат Македонци! Јас сум Македонец – изјави Колефски, единствен градоначалник Македонец во Албанија, избран на локалните избори одржани на 30 јуни годинава.