Со денешниот состанок на Интерсекторска работна група за следење на квалитетот на воздухот (ИРГ) се продолжи со праксата на одржување на тематски седници, како една од иницијативите за нејзино поквалитетно функционирање, соопшти денеска заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули.

– На тематската седница, која беше организирана во соработка со Градот Скопје, на тема „Предизвиците на Град Скопје во борбата за здрава животна средина“, градоначалникот Петре Шилегов презентираше дел од мерките кои Градот досега ги има преземено во борбата против аерозагадувањето и борбата за здрава животна средина, а и оние кои во иднина ќе бидат преземени. По воведното излагање на градоначланикот Шилегов, се отвори дискусија, во која активно се вклучија членовите на ИРГ, отворајќи различни теми, акцентирајќи ги оние акутните, како што се чистењето и третирањето на дивите депонии, поточно дивата депонија во Визбегово, спроведувањето на акцијата за „ослободување на дрвјата“ на подрачјето на градот Скопје, развивање на концептот урбани градини и зголемувањето на зеленилото во градот, како и отворање на прашањето за набавката и замената на неисправните и застарени инструменти во рамки на мерните станици, вели Макрадули.

Тој објаснува дека „целта на одржување на овие состаноци, во рамки на ИРГ, меѓудругото е да се придонесе кон зајакнување на напорите на надлежните институции за подобра меѓусебна координација и заедничко делување во насока на следење на состојбите и дефинирање на соодветни препораки и мерки кои треба да се преземат за подобрување на квалитетот на воздухот, односно животната средина воопшто.

– На овој начин и членовите на ИРГ, и јавноста, ќе можат да добијат повеќе информации за тековниот статус на мерките кои ги преземаат надлежните институции, а се поврзани директно или индиректно со подобрување на квалитетот на воздухот, односно подобрување на нашата животната средина, појаснува Макрадули.

А во меѓувреме, додека се одржуваат седници, работилници, воркшопови… за екологијата, Македонија е рангирана во најзагадените земји во Европа, односно само Босна и Херцеговина е пред Македонија по загаденост.

Здравата животна средина, секако, се подобрува и на седници и работилници, но пред се на терен, во практика.