Дарко ЈАНЕВСКИ

Ковачевски се поздравил со Бајден на Самитот на НАТО, возбудено известија некои од македонските медиуми. Не знаеме колку силен бил стисокот на раката: дали бил млак, среден или цврст стисок како што доликува кога американски претседател се ракува со премиер без мандат од народот на Северна, но, на минусите во нашето информирање веќе се навикнавме.

Но, морам да признаам дека по телото ми поминуваат радосни морници. Би биле уште порадосни ако Бајден го погалил Ковачевски по главата, но како за баксуз, во Вилнус не е Димитров со исушената рака за да снима, како што тоа го правеше при ракувањето на Заев со Трамп за што овде ни беше кажано дека било „средба“, па не знаеме – можеби тоа навистина и се случило.

Оттука, мора да се искара ПР службата на Владата која не го предвидела ваквиот момент и не го сместила Димитров во екипата што патува на Самитот, оти поведените новинари и репортери се покажаа како бескорисни.

Недостасува и детален извештај за тоа дека Бајден му рекол на Ковачевски како е воодушен од велелепните успеси на Северна во сферата на демократијата, економијата и се разбира, во сферата на поддршка на колосалните успеси што Украина ги постигнува во борбата против Русија. Како што не знаеме и дали Ковачевски ја викнал и Славјанка Петровска: „Ела, Цаци, Бајден да те види“!

И вака може до утре да редиме што се’ не знаеме од долгоочекуваната средба на Бајден со премиерот на една од најуспешните држави во светот и сојузник на САД, но со сигурност знаеме дека Бајден побарал совет од Ковачевски како Америка да се справи со корупцијата што кај неа ја има. Оти кој би бил поупатен и позначаен соговорник за тоа од Ковачевски. Не е зијан ако Бајден преку интернет се поврзал и со Заев и неговите ортаци, за да чуе некој совет плус. На пример, за она „едно евро за црквата, едно Вицето“. Оти сепак, Ковачевски е година ипол премиер и, дури и да сака, не можел да ги постигне врвовите што ги постигна Заев, Кои се високи отприлика како врвовите на кои се искачува Кедев.

Ова се добрите вести од Вилнус. Лошата е дека бил спомнат Мерко, ама како што вели нашиот народ, секое лошо – за добро. Па, Ковачевски се покажал подготвен, поради што мора да им се оддаде почит на неговите советници, и му приложил фотографии на Бајден од мостот под кој Охридското Езеро истекува во Дрим, со што му докажал дека езерото и реката не се украдени. Тука се! Што е доволен доказ дека Мерко е чист и дека Стејт департментот неправедно го ставил на црната листа. На што Бајден одговорил дека лично ќе фати врска оваа неправда кон струшкиот градоначалник да се исправи. Што секако го развеселило Ковачевски, а знаете како е – кога Ковачевски е весел, весели сме и ние. Оттука, ако овие денови чувствувате напливи на радост, треба да знаете кому да му се заблагодарите.

При таква радост, заборавете дека, во меѓувреме, некој пресметал дека ако четворчлено семејство три пати на ден јаде само леб и паштета, значи ништо друго туку само леб и по една паштета по член, месечно ќе му бидат потребни 20 000 денари, а синдикатот и неговата синдкална кошничка признаваат само 19 000 денари за храна. Ќе ви фали една илјадарка, ама може тука да помогне некој како, на пример, Холандија, чиј амбасадор прв праша каде се милијардите што ги вложиле во Северна. А одговорот е очигледен – отишле во паштети, и ако сме имале среќа да остане некое евро повеќе, сме ги потрошиле на „јупи“. Од половина литар, што е 125 милилитри по член. Така што западот може да здивне – парите шти и ги дале на Северна се тука. Е, сега, можеби во иднина и ние можеме да се стегнеме малку – не мора да јадеме баш од најскапите паштети од по 50 денари, може да се купи и некоја поефтина и не мора тоа да биде три пати на ден. Два пати е доволно, еве прашајте ги лекарите. И не мора секогаш да се јаде денешен леб кога фурните даваат поефтина цена ако го купите вчерашниот.

Така што, како што гледате, со малку добра организација, се може да си дојде на место и сите можат да бидат среќни. Ковачевски може да биде среќен дека се ракувал со Бајден, а ние дека конечно, за прв пат во нашата историја од АСНОМ па наваму, сме се најале и сме си ги наполниле стомаците. Па оттука нејасно е зошто синдикатите бараат повисоки плати, кога и овие ни се доволни. И навистина, ако овие плати ни се доволни, што ли прават функционерите со вишокот од 78 отсто? Па паштета е паштета – цената и е иста и за смртникот и за функционерот. Цената на лебот е иста и за рајата и за феудалните паши кои кај нас се нарекуваат функционери. За кадиите и да не зборуваме. Тие за секој предмет што го водат, добиваат паштета плус, а за поротниците и обвинителите следува по половина. Другата половина си ја земаат од странките.

Инаку, да не заборавите и дека од 1 декември ќе добиете и два часа ефтина струја преку ден. До 1 декември има само уште четири ипол месеци, така што ако ви се пере навечер, стрпете се уште малку. Кај и да е, декември ќе дојде. Уште повеќе што тогаш е студено, па не се потите и не мора ниту да се перете еднаш неделно, ниту да се капете секоја недела. Може пред Нова година или Божиќ и доста ви е. Дотогаш, во овие пеколни денови, искористете ја промајата како стар проверен начин за штедење на топла вода од болјерот. Застанете во нејзиниот правец и таа ќе го оддува мирисот од вас.

За крај, да не испуштиме дека и во најновата синдикална кошничка, за здравство ви се предвидени 821 денари. Што не е ништо друго освен грижа за вас. Колку помалку лекови купувате, толку помали ви се шансите да добиете некој од нивните несакани појави и ефекти. Така е тоа во сериозни држави, а Северна тука секако предничи.