Марко Петревски
Трката за градоначалничките функции неофицијално е започната, а тркачите дур да трепнеме веќе ставија во втора брзина. На маалските состаноци, граѓанските собири и слични „пит-стопови“ веќе слушаме слатки реченици за иднината на нашите општини, додека во исто време некои кандидати сè уште не ги дособрале потписите.
И додека премиерот вели дека „во Скопје се гради со усул“, некои тркачи тргнаа директ со втора брзина. Висечкиот мост во Скопје почна со изградба токму на неофицијалниот почетокот на кампањата, додека оној кај салата Јане Сандански веќе цел мандат се гради, го блокира кејот во Аеродром и никако да се поврзе со Ќерамидница од спротива. Во Влае пак, на мостот „Обединети Нации“ му подготвија рушење и замена со нов. Ако тргне работава како во Аеродром, којзнае колку време ќе трае замената на мостот во Влае.
Градоначалничките трки ќе се одвиваат по асфалтот, некаде тазе поставен, некаде од претходните градоначалници. Чат-пат ќе запнат на некоја неизрамнета шахта или незакрпена дупка, негде ќе возат и по калдрми и оф-роуд, но, во трката за нив е најважно да стигнат до целта.
Целта на граѓаните пак, е поинаква. За поквалитетен живот, во октомври треба да изберат нов градоначалник во нивната општина, а изборот ќе биде тежок ако слепо веруваме на новите ветувања без да провериме дали претходните се исполнети. Ветувањата сами по себе не се проблем, сè додека се исполнуваат. Колку и да е здодевно да се слушаат за време на изборните кампањи, сепак, тоа е единствениот начин да се проценат новите кандидати и да се видат нивните планови за иднината на општината.
Но, кандидатите кои целат кон втор мандат, треба да подзаборават на ветувањата и во кампањата да се посветат повеќе на отчетот за она што го ветиле и сработиле. Зашто од ветувањето за трамвај и „автобуско метро“ во Скопје не видовме ништо освен сеќавањето дека ни било ветено. Од тунелите под калето и зиплајнот кон градот добивме само забрана за користење на жичницата на Водно, поради пандемијата, која е омилен изговор на политичарите кои не се држат до својот збор. Од ветувањето за чист воздух добивме само ветер кој го благословуваме и магла која се претвора во смог.
Отчетот пред граѓаните за сработеното може да биде најдобрата или најлошата варијанта на политичка кампања за политичар кој се бори за втор мандат. Тоа зависи од него – колку вистински сработил и исполнил од ветувањата со кои дошол на власт.