Коле МАНЕВ

Гоце Делчев е роден во градчето Кукуш, Егејска Македонија (денес во Грција), убиен е во село Баница исто во Егејска Македонија (исто така денес во Грција). Како географска положба  Кукуш се наоѓа на оддалеченост од седумдесетина километри од брегот на Егејското Море и според мојата банална логика, сигурно Гоце Делчев за време на неговото кратко живеење имал можност и потреба, еднаш или повеќе пати, да прошета покрај брегот од Белото Море.

Можеби во една таква прилика, одејќи покрај брегот дошол до неговата мисла ,,светот го разбирам како поле за културен натпревар меѓу народите“. Можно е неговата мисла да ја споменал на некое друго место, но тоа воопшто не е битно, важно е дека Гоце во дел од својот живот сигурно прошетал покрај брегот од Егејското Море и тоа дава можност таквиот настан се одбележи во ликовно или литературно дело.

Секој човек, во такви интимни моменти во периоди на медитација размислува за многу работи, па оттука сигурно тоа го правел и Гоце. Меѓудругото и за тоа, на пример, како ќе заврши идејата за која се борел, заедно со своите соборци и дали еден ден Македонија ќе стане независна и самостојна држава?

Прераната и трагична погибија на Гоце не му дозволи да ја види Македонија како слободна и независна држава. По неговата смрт, македонскиот народ поминал низ многу премрежија полни со драматични историски периоди пред се предизвикани од соседите Грција, Бугарија и Србија потпомогнати од некои големи сили. Со договорот од Букурешт се случи поделбата на Македонија, со тоа се удри фаталниот удар врз идејата за независна Македонија во своите етнички граници.

Неговата идеја дека светот треба да биде поле за културен натпревар меѓу народите често беше ставена во заборав. Во дваесетите години од минатиот век, во Егејска Македонија-Грција, за време владеењето на Метаксис, за зборот Македонија македонски народ одеше во строг затвор. Во истиот период бугарските власти на нивен ,,суптилен“ начин редум ровареа, убиваа борци, војводи кои размислуваа за слободна и единствена Македонија.

Во таквите периоди, македонскиот народ наместо во поле за културен натпревар меѓу народите, од страна на соседите беше ставен и употребуван како топовско месо во сите воени конфликти кои се водеа на балканските простори.

Историјата, среќата или можеби случајноста по Втората светска војна Македонија сосема заслужено, во рамките на поранешна Југославија делуваше како самостојна Република Македонија.

По распадот на Југославија, Македонија за првпат се стекна со долго посакуваната идеја на многу генерации, на борци кои го положија својот живот, вклучувајки го и самиот Гоце Делчев, за самостојна и независна македонска држава. Но за жал како и во времето на Гоце, така и денес како печурки по дожд никнуват личности со мрачни маски врз лицата, кои беа или се на врвни политички позиции, без трошка срам и почит кон сопствениот народ промовират безумни идеи кои водат кон повторно разнебитување на сопствената држава и историја.

Министерот за правда Маричиќ сака да не врати во времето на Метаксис кога зборот Македонија беше анатема. Денес Маричиќ со закон ќе забранел да се изговара името Република Македонија, Македонија или македонски, ако овие именки не го содржат славното С. стекнато од Нивици. Заев додава дека договорот од Преспа бил закон и тој треба да се почитува! Заев не се прашува себе си како дојде до тој договор бидејќи не се почитуваше волјата на граѓаните изразена на референдумот. Од друга страна, Љубчо Георгиевски, кој своето богатство го стекна како поранешниот премиер на Република Македонија вели дека Гоце Делчев и сите други војводи и борци за независна Македонија да ти биле Бугари! Љубчо кажува дека поседува три пасоши и според неговите первезни изјави може да се заклучи во секој свои пасош Љубчо Георгиевски поседува различен ум.

Бујар Османи сака да отвори посебна графа во нашиот Устав за Бугарите во Македонија да можат слободно да си ја искажат својата етничка припадност. Ако ги има и колку ги има нека се искажат, никој не им брани, ама на Османи не му стиска од бугарските власти да го побара истото за Македонците во Бугарија и тие да можат слободно да се искажат за нивната етничка припадност. За Бучковски да не зборуваме, тој како и неговите мафташи кои го одбраа за ,,специјален-мафташ“ се ништо друго освен вејки на ветерот кои се виткат еднаш кон Грција за потоа кон Бугарија.

Е, Гоце Делчав тешко ти било тебе кога се бореше за светот биде поле за културен нтпревар меѓу народите, ама треба да знаеш дека и нам не ни е вопшто лесно. Но, ќе издржиме…!