Ако на ВМРО-ДПМНЕ му требаше некаков мотиватор за да го крене луѓето на закажаниот митинг за 2 јуни, тогаш го добија бесплатно во Зоран Заев, случајот Поткуп и судијата Дарко Тодоровски.  Срамот веројатно ќе остане со години, а тој секако може да се залепи и за носот на сите оние странски шарлтани што крстосуваа овде во изминатите години (кај мене во 2016 година беше една Италијанка, социјалист, претставничка на ОБСЕ, која потоа на клоци беше избркана од Турција и која замолче кога и реков да оди и да се обиде во вмровско време да добие некаков процес, на пример, против Дајнерс, па потоа нека дојде да зборуваме за заробеното судство во тоа време) говорејќи до пред извесно време за „заробена држава“ и за потреба од реформи. Денеска, сите тие, заедно со Хан и Могерини можат, народски кажано, да застанат пред апарат и малку да се сликаат со нивните наводни заложби за демократизирање на Македонија.

Како и да е, денеска добивме ситуација во која, како што многумина тераат мајтап на фејсбук, судот кој треба да се реформира, го ослободи од обвинение претседателот на Советот за реформи во правосудството, наспроти кристалната слика што ја видоа два милиони луѓе во РМ, минус шарената банда, во која тој бара поткуп.

И тука завршува приказната која одамна е започната. По ова, некаква компензација може да направи единствено претседателот Иванов кој може да најде начин да ги амнестира сите оние што се осудени за тегла ајвар, за десет ќебапи, вклучувајќи го тука и дедото што ја влечеше Шеќеринска за коса. Зашто се друго нема веќе никаква логика и смисла и може да се изроди во нешто многу полошо, сеедно колку вентили за испуштање на енергијата и менаџирања може да има во меѓувреме. Патем, би било добро оној Прибе да ги земе овие неколку македонски случаи, заедно со оној за мерцедесот и да ги однесе на најлошиот правен факултет во Германија. И да се обиде барем таму да му поминат. Презентер може да му биде мачкарот од Белгија, кому може да му се додели уште еден орден од белгискиот крал за заложбите за демократија во Македонија.

Изгледа меѓуто дека сето ов ќе треба да го трпиме додека Заев не го смени името на државата. Ама шутраците и тоа не знаат да го прават ако што треба. Па некој ајван седнал и смислил дека Илинденска е добро решение. Знаејќи дека тоа нема да помине кај Грците. Но, настрана тоа, тука барем е кажано се што има да се каже. Народот, односно еден дел од него, очигледно не е толку глупав каков што го сметаат, па лесно сфати дека финтата е во тоа да се прекрши работата и да се прифати ерга омнес, па потоа да се смисли друго име. Интересно во целата ситуација е што Заев ги пушти низ вода сите негови абдали да го бранат решението, да кажуваат колку е добро, за потоа сите заедно да добијат по една грчка заушка, како од грчката опозиција, така и од Ципрас (што е уште полошо бидејќи Заев веројтно не лаж кога вели дека грчкиот премиер се согласил со Илинденска), и тоа онаква, лежерна заушка, како што се бркаат досадни муви меѓу две голтки узо застаните на една од коцките на перан чаршав за маса од педесетите години од минатиот век. Седиш во сенката на некое дрво пред локалната кафеана, мезиш салата со домати, маслинки и сирење, пиеш од студениот пијалок кој станал бел од коцките лед, сонцето пече на два чекори од масата, а мувата досаѓа ли досаѓа. И тогаш, без да мрднеш со телото, туку само со тепалката за муви, ја плеснуваш и продолжуваш со „тешката абота“. Токму тоа им се случи на загарите на Заев кои сега можат да си седат со прстот во уста, ако воопшто се способни да сфатат дека се полиени со кофа со… вода (да бидеме културни).

Патем, Илинденска ќе имаше некаква смисла пред договорот со Бугарија, доколку е пред Република (самите веилиме дека без двата Илиндена ќе ја немаше РМ) и доколку е за само прием во ЕУ и НАТО, а не за севкупна меѓународна употреба, што е уште една немерлива глупост од арсеналот на шармерите чија шупливиост веќе со денови одѕвонува низ Македонија. Значи, дља повториме, не за меѓународна употреба, туку за членство во овие две органзиации шо е ограничена меѓународна употреба. Се друго, е национална катастрофа, еднаква на онаа за која Бугарите сметаат дека им се случила во 1913 година или еднаква на онаа што им се случи на Германците во 1933 година.

Ние со денешната пресуда за Заев на Дарко Тодоровски, добивме две национални катастрофи во рок од само неколку дена. И две поуки за младите: бидете понизни кон оние кои ве уценуваат и понижуваат зашто ќе ве наградат со проекти и крадете колку што повеќе можете. Третата опција ви е да си одите од овде зашто оние 600.000 што наводни си беа отишле, ете ги, уште се тука.

Дарко Јаневски