Страпо АНГЕЛОВСКИ

Во својот говор на Универзитетот Стенфорд во Калифорнија, американскиот државен секретар Ентони Блинкен во две реченици, на “слепите“ и кусогледите, им го објасни она што во моментов преку поддржувањето и интензивирањето на војната во Украина и, посебно, европското лудило во таа поддршка, САД му го сервираат на човештвото:

“Американците мора да бидат оние на маса кои помагаат да се обликуваат правилата, нормите, стандардите според кои се користи технологијата. Ако ние не сме таму, ако САД не се таму, тогаш некој друг ќе биде, а овие правила ќе бидат обликувани на начин што не ги одразува нашите вредности и не ги одразува нашите интереси.“

Според неговите зборови, “бидејќи технологијата е клучот за политичката моќ, што влијае на економијата и војската, САД мора да бидат нација која поставува глобални правила за да се осигура дека американските интереси и вредности се поддржуваат.“

Но, ајде да ги протолкуваме зборовите на Блинкен:

Постојат два начина за да може единствено САД да ги “обликуваат“ правилата, нормите и стандардите – да не им дозволат забрзан развој на останатите и да ги држат во технолошкиот 19 век, или, да ги уништат оние кои веќе го достигнале приближно нивното ниво на развој па се подготвени да седнат на маса и да “обликуваат“ заеднички правила, норми и стандарди.

Па, бидејќи и Руската Федерација и Кина и високоразвиените европски држави, која погласно, која посрамежливо, искажаа подготвеност да седнат на истата маса со САД, да го надминат глобалното американско едноумие и, во интерес на човештвото, заеднички да ги “обликуваат“ правилата, нормите и стандардите, САД, за која интересот на човештвото е битен колку ланскиот снег кога се во прашање нејзините лични интереси, презеде акција за нивно “замолчување“.

АМЕРИКАНСКИТЕ ИНСТАЛАЦИИ ПРОТИВ СОПСТВЕНИТЕ ИНТЕРЕСИ

Стратегиски длабоко обмислено, најпрво преку лажната холивудска демократија и благосостојба, на поранешните европски комунистички држави, им ги понуди ЕУ и НАТО како замислениот рај во кој тече мед и млеко, за потоа, во нив, но и во “старата Европа“, во држави како Германија и Франција, на пример, да инсталира свои послушници кои самите по себе, заради сопствената неспособност, ги исполнуваат единствено американските наредби. За да обезбеди двојно ниво на европската исполнителност, ја прифати хитлеровата идеја, па преку проширената ЕУ ја создаде европската наддржава раководена од луѓе кои ниту некој ги гласал, ниту некој ги избрал. Па таа европска наддржава, ЕУ, функционира како Надзорен одбор на државите членки, со можност да им наметнува ставови, насоки за делување, да ги уценува и да им се заканува и, нормално, да ги казнува доколку се “непослушни“ . Со тоа, САД си обезбедија двојна контрола врз европските високоразвиени држави и не им дозволија да седнат на масата за “обликување“ правила, норми и стандарди, туку да се раководат исклучиво според американските интереси и “заеднички вредности“.

УКРАИНСКИТЕ НЕОНАЦИСТИ – НОВИТЕ ТАЛИБАНЦИ

Бидејќи, по доаѓањето на Путин на власт, Руската Федерација го прекина владеењето на американските инсталации во Кремљ, од типот на Горбачов и Елцин и, започна извонредно забрзан технолошки, економски и воен развој, кој и овозможи да побара седнување на големата маса и заедничко “обликување“ на правилата, нормите и стандардите, САД ја започнаа својата крвава игра.

Со крвавиот Мајдан, односно, обоената револуција, инсталираа неонацистичка, крајно корумпирана и криминална, целосно антируска власт во Украина. Власт, која пред очите на целиот свет, освен пред исклучените камери на американските медиуми, им ги одзеде правата и ги угнетуваше сопствените граѓани од руско потекло. Власт инсталирана за да ја провоцира Руската Федерација да преземе специјална операција во одбрана на милионите украински државјани со руско потекло.

Потоа, со истата стратегија како во Авганистан пред триесеттина години каде ги создадоа и вооружуваа радикалните талибанци заради воено и економско истоштување на тогашниот Советски Сојуз, сега интензивно секојдневно ги вооружуваат неонацистичките радикали во Украина, токму заради економско и воено истоштување на Руската Федерација. Така, наместо да инсистираат на преговори, дипломатско решение и прекин на крвопролевањата, САД упорно ја поттикнуваат и интензивираат воената разврска.

Дури, некои од инсталираните европски властодршци, заедно со комедијантот Зеленски, бараат уште и уште оружје, се’ додека Русија не биде уништена. Жално но вистинито – американските инсталации во Европа не се подготвени за мир, но се подготвени за уништување.

ЗАПОЧНУВА РАЗВРСКАТА

За среќа, европските народи, и покрај страотната пропаганда која им се сервира, стануваат свесни за самоуништувачките политики на нивните инсталирани Влади. Стануваат свесни дека во бруталната битка на САД да остане единствена на масата каде ќе се “обликуваат“ правилата, нормите и стандардите, токму тие, покрај, за жал, веќе жртвуваната од САД Украина, ќе бидат најголемите жртви, без разлика дали војната во Украина ќе продолжи уште долго или ќе заврши во некој предвидлив рок.

Во најблагата варијанта, доколку војната заврши веќе утре, токму европските народи ќе ги почувствуваат сите “благодети“ од вазалниот однос на нивните инсталирани Влади – огромната инфлација, затварањето на милиони работни места, недостаток на енергенси и храна, студени домови, неподвижни автомобили, со еден збор, најголемата економска криза која човештвото ја памети. Тоа ќе биде, за жал, третата руска зима која после Наполеон и Хитлер, ќе ја турне на колена цела Европа.

Доколку, недајбоже, лудилото на војната премине во нуклеарна пресметка, токму европските држави и европските народи ќе бидат оние најзагрозените, односно, невини жртви на ситните честички.

Граѓаните на Унгарија пред неколку месеци, на Шведска пред четириесеттина дена и, на Италија пред две недели, на избори го кажаа своето. Во Британија, владата на Лиз Трас падна во рекорден рок од 45 дена. Во Чешка, во Франција, во Белгија… започнаа масовни протести кои зимава ќе се интензивираат во сите европски држави. Лажната слика на американското глобално едноумие, создавано со децении во холивудските студија се распрснува како меур од сапуница.

Европа ја очекува можеби најтешката зима во последното столетие, европските престолнини ги очекуваат можеби најмасовните протести, а инсталираните европски Влади губење на незаслужените, подарени позиции. Владите ќе паѓаат една по една се’ до целосно прочистување од инсталираните елементи, а народите ќе си го враќаат назад суверенитет, кој им беше украден заради исполнување на американските интереси. Македонија, нема да биде исклучок.

Вака некако ќе се одвиваат нештата, се разбира, доколку САД не решат во нуклеарна разрешница да ја жртвуваат Европа и нејзините граѓани.

Останува да се надеваме дека лудилото ќе отстапи пред разумот.

(авторот е претседател на МААК)