Страшо АНГЕЛОВСКИ

Се’ започна на почетокот на осумдесеттите кога САД ја придвижија долгоподготвуваната стратегија за уништување на постоечките форми на организираност во светот, Варшавскиот пакт и Движењето на неврзаните и, создавање униполарен свет, сопствена хегемонија на земјината топка и, воспоставување Пакс Американа (Pax Americana), како концепт на целосна доминација во светската геополитика.

Под маската на уривање на “железната завеса“ заради уништување на комунистичката диктатура и “демократизација“ на “ослободените“ посткомунистички општества, САД почна да ја остварува својата прикриена цел – владеење со светот. Заедно со Ватикан, преку тогашниот Папа Јован Павле Втори, инаку со полско потекло, роден како Карол Јозеф Војтила, штедро помагајќи го полскиот синдикат Солидарност на Лех Валенса, ја поттикнаа антикомунистичката пролет во земјите од источна Европа.

Уморни од сивилото на комунизмот, длабоко верувајќи во лажната благосостојба и демократија, снимани во студијата во Холивуд и прикажувани ширум светот, народите од источна Европа, преку ослободената енергија, го започнаа патот за кој мислеа дека е нивен и автентичен, а всушност веќе беше зацртан во лабораториите на Ленгли, патот кон ново ропство – евроатлантизмот.

Две држави беа пречка за реализација на овој план и обете мораа да бидат уништени – СССР и СФРЈ. Првата, за да се уништи Варшавскиот пакт, втората, за да се уништи Движењето на неврзаните. САД, потпрени на антикомунистичката енергија акумулирана низ годините и стремежот за национална самостојност акумулиран низ вековите, наместо мирен премин кон ветената “демократија“, иницираа распади низ крвави војни, како оној на поранешна СФРЈ. За да се одземе моќта на Москва и на Белград се создадоа редица нови независни држави. Меѓу нив, со Референдумот на денешен ден, на 8 септември 1991 – та, се возобнови и независната македонска држава.

МАНИФЕСТОТ НА МААК – ВРЕДНОСТ ШТО ТРАЕ

На Илинден во 1990-та, во манастирот Свети Отец Прохор Пчински, како првоформирана политичка партија, МААК го објави првиот пишан документ за независна, самостојна и суверена, неутрална и демилитаризирана Македонија, во најновата македонска историја. И, се заложи за демилитаризација и неутралност, како автентичен македонски исчекор во иднината, кој, за наша несреќа, годиниве што поминаа го потврдуваат тоа, не беше реализиран.

Како и да е, на денешен ден, пред 31 година, во многу помогнато од тогашните геостратегиски и геополитички односи во светот, се возобнови македонската држава со македонско име, македонски народ, македонски јазик, македонско сонце како државен симбол – држава со сите нишани, држава гордост за Македонците. Сите графи се пополнија со македонски податоци.
И, не стасавме ниту да и се порадуваме на татковината, зашто веќе од утредента, од 9 септември, САД и големите европски сили, потписничките на Букурешкиот договор од 1913 година, свесни дека македонското прашање, што сметаа дека го беа затвориле во Букурешт, повторно живее, веќе почнаа да бараат начин како да ја избришат возобновената држава на македонскиот народ.

И, да не должам, нашите “стратегиски евроатлантски партнери“ не подложија на невидена тортура на каква ниту еден друг народ и ниту една друга држава не биле подложени. Ги премолчија грчките блокади со кои требаше да биде економски уништена тукушто возобновената држава; не натераа на преговори за сопственото име во организацијата која токму треба да ги штити малите држави според меѓународното право, ООН и, на промена на вековниот симбол – македонското сонце; вооружија и истренираа терористичка организација која изврши терористички напад врз Македонија во 2001-та, за да потоа ја трансформираат во политичка партија; ни наметнаа некаков Рамковен договор со кој започна уставното разградување на државава; ни исцртаа територијална поделба како вовед во федерализација во 2004-та…
И откако жилаво, онака по македонски, го преживеавме сето ова, на крајот, насилно, преку шарена револуција, инсталираа криминална група како Влада на државава, преку која и го сменија името, го избришаа македонскиот идентитет, македонската историја, македонскиот јазик…

ПРАЗНИ ГРАФИ – ПРАЗЕН ДЕН

Денес, токму тие кои избришаа се’ што е македонско, ќе празнувале Ден на независноста, ќе го празнувале 8 Септември и придобивките од тогаш одржаниот референдум. Денес ќе бил празник.

За жал, придобивките од Референдумот веќе ги нема. Графите кои тогаш ги исполнивме како аманет на крвта на предците кои гинеле за Македонија, денес се празни. Тогаш, графите ги пополнивме со македонски податоци и изгледаа вака:
1. Држава – Република Македонија
2. Народ – македонски
3. Јазик – македонски
4. Историја – македонска
5. Знаме – македонско сонце
Денес, сите овие графи се испразнети од македонски податоци и се пополнети по желба на соседите и големите сили. Празните графи не носат празник, туку носат празен ден, ден исполнет со ништо, ден наместо со гордост, исполнет со празнина, со огорченост.
А огорченоста носи пркос, носи волја за ново македонско будење, носи желба за натамошна борба за Македонија. И, во новите геополитички односи ќе имаме нов 8 Септември, ќе имаме одново исполнети графи со македонски податоци. Ќе имаме повторно причина да празнуваме, причина да славиме. Уште еднаш ќе ја возобновиме и ќе и се радуваме.
МАКЕДОНИЈА!!!

(авторот е претседател на МААК)