Страшо АНГЕЛОВСКИ

На 18 јануари во 2021 –та, пред точно три години, во време на инаугурацијата на Бајден за нов американски претседател, токму на овие странички сум објавил текст под наслов “Каде ќе се движат САД и светот со Бајден како претседател?“

Текстот со аналитичките предвидувања оди вака:

“Најверојатнно најпоставувано прашање минативе месеци е токму тоа – во која насока ќе се движи политиката, посебно онаа надворешната, на САД, по доаѓањето на Џозеф Бајден на чело на државата. И, што може светот и човештвото да очекуваат од администрацијата на Бајден за која во најава веќе се знае дека ќе биде продолжение на Клинтон – Обама кадровските решенија.

Ако тргнеме од тезата на еден од најголемите јужноамерикански поети и мислители од минатиот век, Едуардо Галеани, според кого, од појавата на неолибералната, глобалистичка идеологија, поточно, методологија на владеење, светот живее во воена економија и култура на војната, можеби е повеќе од јасно што треба да очекуваме. Згора на се’, доколку се исполни најавата дека “милитантната“ Викторија Нуланд се враќа во администрацијата на Бајден како државен подсекретар, станува повеќе од јасно дека “културата на војната“ е четиригодишната иднина на човештвото.

Имено, Нуланд веќе изјави дека “САД треба да застанат на чело на демократијата на светот заради поефикасна борба против Москва“, за да, замислете, во име на “демократијата“, на Москва и ги подигнеле трошоците за конфронтација и милитаризација. И сето тоа, нормално, со засилено вооружување на “светската демократија“ и нови постојани воени бази на источната граница на НАТО.

Ова јасно зборува дека основна насока на американската надворешна политика за Бајден и неговата администрација ќе биде натамошно ширење и зајакнување на американските позиции преку НАТО алијансата, кон границите со Русија, што ќе значи нови провокации, нови воени и хибридни закани за мирот во Европа и светот. За да се постигне ова, САД ќе се обидат да го засилат своето присуство во Украина и дури да предизвикаат руско-украински воени судири на истокот  на Украина; ќе работат на создавање на уште една нефункционална држава по примерот на Украина и Македонија – Молдавија, во која треба да инсталираат “продемократска“ власт, која ќе им овозможи зголемено присуство во црноморскиот регион.

Од друга страна, ќе се обидат да ги “дисциплинираат“ своите сојузници во НАТО, пред се’ Турција која во ерата на Ердоган покажа суверена и независна политика во сите области, а посебно во сферата на сопствената воена безбедност, купувајќи руски системи  С-400. Следна, како членка на НАТО, ќе биде Германија, која мораат да ја “дисциплинираат“ заради реализација на проектот на сопствена енергетска независност преку изградба на гасоводот “Северен тек 2“…

ШТО СЕ СЛУЧИ ОД ПРЕДВИДЕНОТО?

На несреќа на мнозинство од човештвото кое сака мир и спокоен живот, речиси се’, да не речам буквално се’, од предвиденото, стана реалност.

Најпрво, за жал, се оствари предвидувањето дека “културата на војната“ е четиригодишната иднина на светот, па, светот веќе четири години е сведок или учесник во воени судири. Покрај оној во Украина, започна и вистинска војна меѓу ционистите од Израел и палестински Хамас, па судирите меѓу Хутите од Јемен од една и, САД и Велика Британија, од друга страна. Во меѓувреме, не запираат израелските удари врз Либан, врз базите на Хезболах, но и судирите во Сирија… Република Македонија, за жал, заради своето насила наметнато членство во НАТО после неуспешен референдум, наместо неутрален сведок, стана активен учсник во крвопролевањата. Доделувајќи воена помош на Украина, Република Македонија, наспроти волјата на нејзините граѓани определени за мир, стана директен учесник во воени дејствија.

Се оствари предвидувањето за агресивното ширење на американското влијание преку ширењето на НАТО на исток, директно на границите со Руската Федерација, па држави како Шведска и Финска, кои заради својот статус на неутралност се развиваа забрзано и интензивно, беа приморани да го жртвуваат тој свој статус, да го жртвуваат забрзаниот развој, заради американските хегемонистички аспирации. Држави, на пример, како Бугарија, кои немаат своја суверена надворешна политика, туку се НАТО извршители, ќе мораат со свои средства да изградат луксузна база за 5.000 НАТО војници на својата територија, а заради НАТО присуство на Црното Море, додека припадниците на нивната, бугарската армија немаат основни услови за живот.

Се оствари американската желба за застанување на чело на “демократијата на светот“, заради поефикасна борба против Москва, па американскиот сенатор Линдзи Грахам, токму од “врвот на демократијата на светот“ при посетата на Украина изјави: “Русите умираат… Најдобрите пари што некогаш сме ги потрошиле.“ Република Македонија, за жал, посебно преку “европскиот фронт“ на СДСМ и ДУИ е дел од ваквата “демократија“. Само уште да објаснат дали смртта на луѓето за нив се добро потрошени буџетски пари.

Се остварија предвидувањата за “дисциплинирање“ на сојузниците. Па така, пред претседателските избори во Турција, минатата година, бидејќи турската лира е врзана со движењата на доларот, САД безобразно и нескриено упаднаа во финансискиот систем на Република Турција предизвикувајќи огромна инфлација со цел да ги одвратат гласачите од поддршката за Ердоган, во што, за нивна жал, не успеаја. Така, после неуспешниот обид за физичка ликвидација им пропадна и обидот за политичка ликвидација на Ердоган.

За жал, дисциплинирањето на својот втор сојузник, Германија, со терористичка акција и уништување на гасоводот “Северен Тек 2“ беше уште како успешно, но целосно на штета на германската економија, германскиот народ и германската држава. Но, за нивна жал, “дисциплинирањето“ на од нив поставената либерална елита на чело на Германија на неспособниот Шолц, не значи и “дисциплинирање“ на германскиот народ, кој, сведоци сме, преку огромни протести се спротивставува на “дисциплинирањето“.

Зошто го пишувам ова?

За да предупредам дека и обичните граѓани, посебно оние кои сакаат да се занимаваат со политика и, можеби најмногу оние кои веќе пројавуваат претседателски амбиции за априлските избори, не смеат да бидат само неми набљудувачи на случувањата во светот, а потоа како пожарникари, да го гаснат веќе запалениот оган.

Сите ние, кој повеќе кој помалку, бидејќи сме zoon politikon, мораме да следиме, читаме меѓу редови, анализираме, предвидуваме. Гласачите – заради можност да донесат вистинска одлука на изборите, политичарите – за да носат сопствени одлуки без инструкции од одредени центри на моќ. Поинаку, сите ќе работат на штета на сопствените интереси, на интересите на народот, на интересите на државата.

(авторот е претседател на МААК)