Страшо АНГЕЛОВСКИ
Некаде кон крајот на минатиот век од седиштето на ЦИА излезе информација дека тие, како агенција за разузнавање, за свои соработници, во поранешните комунистички држави, ги врбувале и, нормално, ги активирале, поранешните припадници и соработници на тајните служби на тие држави. Образложението беше многу едноставно и логично – тоа се луѓе, веќе обучени, па не ќе мора да трошат пари на нивна обука и, дека се луѓе кои еднаш веќе “работеле за пари“, па не ќе им е тешко тоа да го сторат повторно. Разликата е само во тоа што кога тогаш “работеле за пари“ работеле против својот народ, наоѓајќи оправдување дека работат “за доброто на сопствената држава“, а сега, работејќи за парите на туѓа тајна служба, работат против својот народ, наоѓајќи оправдување дека работат “за доброто на стратегиски партнер“ иако е туѓа држава.
Па, веќе со децении, преку медиуми и невладини организации, ни се продава приказната дека “работењето“ за зелените долари на американските служби е “врвен чин на патриотизам“ за потребите на националните интереси на “стратегискиот ни партнер“ и дека дури, нечие одбивање да се “продаде“ за грст зелени банкноти, претставува кочница во демократските и либерални процеси во државава.
Тоа, уште еднаш, преку нивниот пример, само ја потврдува тезата дека “за добар слуга не постои лош господар“ и дека оној кој еднаш “си ја продал душата на ѓаволот“ нема пречка тоа да го стори повторно.
ЦРВЕНА БУРЖОАЗИЈА И МАРКСИСТИ-ЛЕНИНИСТИ
Првата група луѓе кои од “врвен патриотизам“ се соработници на ЦИА се поранешните припадници на црвената буржоазија и нивните потомци – поранешни членови на комунистичката партија и денешни членови и симпатизери на либералната левица во државава. Најголемиот дел од нив нема никаква директна врска со агенцијата за разузнавање, туку се регрутирани преку нејзината продолжена рака, НФД (Национален фонд за демократија), кој, трошејќи преку 170 милиони долари годишно, формира и поддржува “невладини“ организации, во државите каде САД и ЦИА сакаат да воспостават “мека моќ“. Преку НФД, ЦИА ги регрутира своите платеници, подготвени да сторат се’ за остварување на американските интереси, иако се тие најчесто сосема спротивни со интересите на сопствената држава.
Втората група се таканаречените “бриселски муслимани“, поранешни марксисти-ленинисти, денешни приучени етношовинисти, од кои се формирани политичките елити на македонските албанци. Преку нив, ЦИА ги формираше и обучуваше терористичките групи кои во 2001 година извршија терористички напади во Македонија, за потоа да ги трансформира во политички чинители преку кои до ден денес ја оневозможува вистинската парламентарна демократија во државава.
И секако, постои и трета група, составена од болни хедонисти, поведени од “холивудскиот гламур“, желни за богат живот и лесни пари, кои сами се нудат за соработници во уништувањето на сопствената држава.
Овие три платенички формации, во спрега која ја поврзуваат зелените банкноти, вршат постојан притисок врз македонското општество и негово менување до непрепознатливост. Преку Рамковниот договор, преку територијалната поделба, преку Преспанскиот договор ја обезличија македонската држава и ја доведоа до чекор од нејзино целосно бришење.
Тие платенички формации, постојано кога ќе добијат наредба од својот наредбодател, започнуваат со немири во државава – од терористичките акции во 2001-та, преку шарената револуција, преку акцијата во кумановска Дива населба, се до скорешната “местенка“ во црквата Света Петка во село Галате. Претставени како меѓуетнички, тоа се всушност меѓурелигиски немири. Атеистите од трите групи, за кои не постои ништо свето, освен, се разбира, доларот, преку верските разлики, користејќи ги чувствата на вистинските верници, ги поттикнуваат и ќе ги поттикнуваат ваквите, од нивна страна, веќе најавени немири.
ПОБЕДНИК СО ПОБЕДНИК?
Посебно е опасна тезата на врвот на ДУИ, кој заради лично богатење, се покажува деновиве, си играл со чувствата на македонските албанци и исламските верници. Ги трошел нивните животи заради своите милиони долари, хациенди, “соравии“… Опасна е нивната теза дека мора да се составува влада според “принципот“ победник со победник, заради чија реализација најавуваат немири во државава.
Доколку не можат, или не сакаат да ги сфатат, неколку работи треба да им се објаснат. Прво, во Република Македонија нема два паралелни изборни процеси кои се одвиваат неависно еден од друг и на кои добиваме двајца победници кои потоа би формирале влада или што и да е. Имено, тоа е можно на спортски натпревари каде што се формираат две натпреварувачки групи, за потоа, победниците од двете групи да се сретнат меѓусебно.
Македонија е унитарна држава во која, како и во секоја нормална демократија, победник е оној кој освоил најмногу пратенички мандати и тој, единствен има право да одлучи со кого ќе соработува во формирањето влада. Дури, победникот, доколку има доволно пратенички мандати, не е обврзан да покани кого и да е во својата коалиција.
Но, соработниците на ЦИА и НФД, уште во деведесеттите години од минатиот век, поттикнаа формирање моноетнички политички партии, па денес, според некое непишано правило, се прекршуваат основите на парламентарната демократија и, мандатарот, кој и да е, под притисок од немири, задолжително вклучува моноетничка политичка партија на македонските Албанци во својата влада.
Останува да си замислиме како би изгледале демократиите во САД, или Франција, на пример, доколку дозволат формирање на политички партии на американските латиноамериканци или француските Алжирци и Тунижани во своите држави.
На крајот, останува да се запрашаме – зошто секогаш кога се најавуваат или случуваат немири во државава, нашите стратегиски партнери не само што молчат, туку наоѓаат и оправдувања за предизвикувачите на немири, како за борци за човекови права, борци за правда, борци за демократија, а истите такви “борци“ во сопствените држави ригорозно ги казнуваат.
Можеби, сепак, најавените и досега реализирани немири, имаат некаква поврзаност со трите “зеленобанкнотски“ групи од почетокот на текстов. Доколку не е така, “стратегиските партнери“ треба да ги предупредат учесниците во политичкиот живот да се однесуваат според правилата и принципите на парламентарната демократија. Посочувајќи им ги сопствените општества како пример.
(авторот е претседател на МААК)