Страшо АНГЕЛОВСКИ
На 22 јуни минатата година го објавив текстот со наслов “Трета Балканска војна за Македонија“, во кој стои:
“… Заради меѓусебниот антагонизам и претензиите над Македонија, Балканскиот сојуз многу брзо бил раскинат и започнала Втората балканска војна, позната уште и како Меѓусојузничка војна. Довчерашните сојузници (Грција, Србија и Бугарија) влегле во крвава пресметка за Македонија, притоа, меѓу другото, мобилизирајќи стотина илјади Македонци, секој на својата страна. Епилогот е добро познат – Букурешкиот договор, поделбата на Македонија и привид за затворање на македонското прашање. Проклетство кое го следи Балканот повеќе од едно столетие…“
Она што денес се случува, претставува повторување на историјата, од која, за жал, никој ништо не научил. Повторување на историјата, не како фарса, туку многу поизгледно, како трагедија.
Оние кои ги поттикнаа Балканските војни ветувајќи им територии на нашите соседи, а всушност се бореа за сопствени сфери на влијание пред повеќе од едно столетие, Велика Британија и Франција, повторно ја поставија сцената на Балканот. Ги разместија своите оловни војничиња на бојното поле распослано пред нив…
И повторно Грција, Србија и Бугарија шират свои пропаганди во Македонија со цел да придобијат што повеќе т. н. “национални приврзаници“, кои се користат како “внатрешни сојузници“ и оправдувачки фактор за територијалните претензии…
Сето ова како несопирливо да го вовлекува Балканот во неговата Трета балканска војна за територијата на Македонија и затворање на македонското прашање и, светот, во неговата Трета светска војна за сфери на влијание толку потребни на неолибералниот империјализам…“
Текстов, за жал, со поминување на секој нареден месец со власта на СДСМ, станува се’ поактуелен и пореален.
ОД БОРИС III И СТАМБОЛИСКИ…
Се’ позачестените вербални, а еве веќе и физички пресметки на тема на “добрососедските односи“ меѓу Македонија и Бугарија и уставните промени на кои се инсистира токму од големите европски сили, не’ навраќаат околу стотина години наназад, во дваесеттите години од минатиот век, во најкрвавиот период на македонското братоубиство. Во времето кога крвавата пресметка на “врховистите“ и “централистите“ оставила илјадници македонски тела во крвави вирови по софиските улици. Кога секојдневно Македонец стрелал во Македонец, едните во името на Врховниот, а другите во името на Централниот комитет.
И да биде јасно, не било тоа пресметка меѓу Македонци и Бугари, туку меѓу Македонци поддржани и финансирани од бугарскиот “двор“ на Борис III и Владата на Александар Стамболиски за слободна Македонија во заедничката држава Бугарија, од една и, Македонци определени за Македонија како независна и самостојна држава во срцето на Балканот, од друга страна.
Македонци, штедро наградувани од бугарскиот “двор“ за пропагандна но и за братоубиствена крвава војна за бугарскиот карактер на Македонија и Македонците, наспроти Македонците со силно чувство за македонска национална припадност и различност од онаа на Бугарите.
Тогаш, пред стотина години, “македонските Бугари“, штедро наградувани со жолтици од бугарскиот “двор“ биле всушност неговото најсилно оружје во борбата за остварување на сопствените територијални претензии.
… ДО РАДЕВ И БОРИСОВ
Денес, во време кога веќе триесеттина години е остварен сонот на “централистите“ за независна и самостојна Македонија во срцето на Балканот, духот на “врховизмот“, со потпишувањето на “Договорот за добрососедство“, повторно излезе од шишето и како најгуста магла ползи над Балканот. И, кога сите мислевме дека таквиот “Договор…“ е резултат на скудните умови на Заев и соработниците и дека навистина не знаат што прават, се појавува реален сомнеж за вмешаноста на бугарскиот “двор“, овојпат претставен од Радев и Борисов и, повторно, како пред стотина години, штедро наградување со дворските жолтици заради пропагандна но и братоубиствена војна за бугарскиот карактер на Македонија. Па, Владата на Заев и неговиот “престолонаследник“, од Влада на Република Македонија, со малку фантазија, може да се преименува во “Врховен комитет“.
Го пишувам ова за да не се внесува зла крв меѓу Македонците и Бугарите (оние кои се свесни за своето бугарско потекло) и да се знае дека и после сто години ова не е пресметка меѓу Бугари и Македонци, туку возобновена дворска игра за меѓумакедонска пресметка на врховистите од една и централистите, од друга страна. Врховистите, штедро наградувани со “дворските“ жолтици како “национални приврзаници“, кои еве и после сто години се користат како “внатрешни сојузници“ и оправдувачки фактор за незгаснатите територијални претензии, поттикнувани од бугарскиот “двор“.
Оттука, сам по себе се наметнува фактот дека ова, всушност, не е заложба за внесување на Бугарите во Уставот на Република Македонија, туку внесување на “врховистите“ кои постојат како резултат на игрите на бугарскиот “двор“ и жолтиците кои штедро се истураат за заслуги во пропагандната братоубиствена војна против Македонците.
Затоа, од една страна, на ниту еден Бугарин од Хасково, на пример, не му значи ништо дека ќе биде во Уставот на Република Македонија и, реално, ниту нешто ќе добие, ниту ќе изгуби со тоа.
Од друга страна, бугарскиот “двор“ ќе го изгуби оправдувачкиот фактор за своите територијални претензии, а за овдешните “врховисти“, како и за пропагандистите од типот на Џамбаски, ќе секне изворот на жолтици бидејќи ќе бидат непотребни во оневозможените дворски игри.
Со еден збор, не се Бугарите тие кои ја водат валканата игра на “добрососедство“, туку бугарскиот “двор“ и македонските “врховисти“ предводени од “Врховниот комитет“, кој со малку фантазија може да го сместите на “Илинденска“ на брегот на Вардар. Онаму кајшто “сокол пие вода“ во националромантичните соништа на “дворските“ пропаганди.
(авторот е претседател на МААК)