Страшо АНГЕЛОВСКИ

Деновиве, Вилијам Барнс и Ричард Мур, за првпат имале заеднички настап пред јавноста. Па уште и напишале заедничка колумна во која, нормално, ги пронашле “виновниците“ за случувањата во светот. Секако, виновници се сите злобни и агресивни политичари и држави ширум светската џунгла, освен нивната “рајска градина“, како што би рекол високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел. И, можеби некој ќе се запраша што има ексклузивно во сето ова? Ексклузивноста лежи во фактот што Барнс и Мур се директорите на две организации кои “го шират мирот, љубовта, разбирањето, толеранцијата и пацифизмот ширум светот“, ЦИА и МИ6, американската и британската разузнавачка агенција.

И, во колумната, “длабокоумно“ заклучиле дека “нема збор дека светскиот поредок, балансиран систем кој доведе до релативен мир и стабилност и доведе до растечки животен стандард, можности и просперитет, е под закана на начин кој не сме го виделе уште од Студената војна“.

БАЛАНСИРАН СИСТЕМ НА НЕЕДНАКВОСТИ

Овој нивен став вреди да се проанализира малку подетално. Имено, двајца луѓе кои имаат месечни примања од неколку десетици, ако не и стотици илјади долари, чии држави трошат повеќе од 1.000 милијарди долари годишно за вооружување, каде само, на пример, 208 луѓе, “лобисти“ на воено-индустрискиот комплекс добиваат по стотина милиони долари годишно, каде над 40 проценти од произведената храна се фрла зашто не ги исполнува естетските критериуми (плодовите се малку криви, помали или поголеми), зборуваат за “балансиран систем кој довел до растечки животен стандард, можности и просперитет“.

А, во тој “балансиран“ систем, според податоците на ММФ, Светска Банка и ОН, живеат 1,3 милијарди сиромашни луѓе, од кои половината, или 23 проценти од целокупната светска популација се помлади од 18, а една третина помлади од 10 години. Во тој, според нив, “балансиран“ систем, 820 милиони, или еден од девет луѓе во светот, се борат со глад. Тоа ќе рече, дека во тој “балансиран“ систем, 820 милиони луѓе во светот, наспроти нивните десетици илјади долари месечно, живеат со помалку од 2,15 долари дневно, што се смета за екстремна сиромаштија.

Вината на овие луѓе, со 2,15 долари дневни примања, се состои само во тоа што не се жители на империјалистичката евроатлантска “рајска градина“, туку живеат во “џунглата“ на се’ уште колонизираните африкански држави кои на татковините на Барнс и Мур им служат како “суровински бази“. И, ќе беше смешно ако не е претажно, ако само успеете да го замислите животот на тие 820 милиони луѓе кои живеат со 2,15 долари дневно, доколку не беа луѓе од типот на Барнс и Мур кои несебично им овозможуваат “балансиран систем со растечки животен стандард, можности и просперитет“.

ВЕЧНИТЕ ДВОЈНИ СТАНДАРДИ – СТАНДАРДНО ОДНЕСУВАЊЕ

И, нормално, во нивната колумна заклучиле дека “постапките на Русија се флагрантно кршење на глобалните и нормите на Обединетите нации“. Се согласувам целосно со ова тврдење, бидејќи Руската федерација, со својата интервенција, заради заштита на руското малцинство во Украина, жртва на нацистичкиот режим на Зеленски и, заштита на неговото право, изгласано на референдум, за отцепување од Украина, изврши кршење на глобалните и нормите на Обединетите нации.

И, веднаш се поставува прашањето – а според кои глобални и норми на Обединетите нации, државите на Барнс и Мур ја бомбардираа суверената држава во срцето на Европа, тогашна СР Југославија, колкупроцентно свое “малцинство“ штитеа таму и,  нели е “флагрантно кршење на глобалните и нормите на Обединетите нации“ отцепувањето на Косово и создавањето независна држава без одржан референдум и спротивно на Резолуцијата 1244 токму на Обединетите нации, со која се гарантира територијалната целовитост на Србија? Според кои “глобални норми“ беа намерно бомбардирани медиумски куќи и странски амбасади во Белград?

Згора на се’, токму агенцијата на господинот Мур, МИ6, во 2003-та ЛАЖЕШЕ дека режимот на Садам Хусеин во Ирак, поседува оружје за масовно уништување, па, врз основа на тие смислени лаги и, нели, во “согласност“ со глобалните и нормите на Обединетите нации, извршија агресија од невидени размери врз Ирак, во која загинаа стотици илјади цивили, жени и деца.

Според кои глобални и норми на Обединетите нации, нивните агенции и помагаат на ционистичката влада на Нетанјаху да врши невиден геноцид во Газа и да убива цивили, медицински и хуманитарни работници?

Според кои “глобални норми“ беа живи горени со напалм бомби, исфрлени токму од британските и американските авиони, македонските дечиња на Грамос и Вичо? Според кои “глобални и норми на Обединетите нации“ насилно се промени името на мојата татковина Македонија? Според кои “глобални и норми на Обединетите нации“, ЦИА, со парите од дрога, испрани преку Ватиканската банка, финансирајќи ја “Операцијата Гладио“ уриваше “неподобни“ и поставуваше свои Влади во државите ширум светот? Според кои “глобални и норми на Обединетите нации“ беа разурнати Виетнам, Авганистан, Либија, Сирија…?

НОВАТА ЦЕЛ НА ЦИА И МИ6 – КИНА

“И за ЦИА и за МИ6, подемот на Кина е главниот разузнавачки и геополитички предизвик во 21-от век и ние ги реорганизиравме нашите служби за да одговорат на тој приоритет“, пишале Барнс и Мур во својата “добронамерна“ колумна.

Кина, која од 1990 до 2015 година, значи за само 25 години, го намалила степенот на екстремна сиромаштија од 60 на 6 отсто, нешто со што никој друг не може да се пофали; Кина, која бележи забрзан економски развој; Кина, која ширум светот, прифаќајќи ги устројствата во државите онакви какви што се, без притоа да им наметнува свои норми и вредности, гради инфраструктури, дава исклучително поволни кредити и, неповратна помош за оние најсиромашните; Кина, која си ги штити своите традиции и традиционалните вредности; Кина, во која токму ЦИА и МИ6 веќе се обидоа да изведат, за среќа неуспешен, државен удар; Кина која е главниот заговорник на мултиполарниот свет и рамноправноста во односите, ете таа Кина, заради нејзината успешност, денес е трн во окото на Барнс и Мур, бидејќи не смее да постои “рајска градина“ надвор од онаа нивната?

Токму затоа, во својата колумна, тие веќе ја најавуваат новата војна во светот. Се разбира, најпрво разузнавачка, предводена од нив,  а потоа војна предводена од НФД (Национален фонд за демократија), организација која служи за “поддршка на демократијата“ низ светот, што, всушност, претставува фасада за рушење непожелни влади и инсталирање марионети. И, доколку и тоа не биде успешно, тогаш вистинска војна која тие упорно ќе ја провоцираат.

Па, онаму каде што ќе процени, ЦИА, за свој вршител на работите ја инсталира НФД. НФД станува клучен играч во воспоставување на американската мека моќ низ светот и годишно троши 170 милиони долари на организации кои се грижат за поддршка или инсталирање режими наклонети кон САД, а истовремено поткопува влади кои се противат на американската воена или економска политика.

Во името на ЦИА, НФД учествувала во распадот на Советскиот сојуз, во револуцијата на розите во Грузија, во багер револуцијата во Србија, во револуцијата во Боливија со 70 милиони долари за рушење на Ево Моралес, во рушење на Хосни Мубарак во Египет и во арапската пролет. Секако, во меѓувреме учествувала во државните удари во Салвадор, Никарагва, Гватемала, Венецуела… А за свој најголем успех, односно “најголема награда“ во натпреварот меѓу Истокот и Западот, ги сметаат портокаловата од 2004 и Мајдан револуцијата од 2014 година во Украина.

Па, САД, како што ќе рече Викторија Нуланд, креаторот на крвавиот Мајдан, преку НФД имаат потрошено повеќе од 5 милијарди долари за “промоција на демократијата“ во Украина. Најверојатно, величањето на Бандера и неговите нацистички следбеници се врвот на таа “демократија“.

Сите овие нешта, кои ги претставуваат вистинските односи во светот, кои го претставуваат нивното лицемерие и желба за владеење со светот од еден центар, кои ја претставуваат постојаната потрага по непријатели заради задоволување на апетитите на воено-индустрискиот комплекс, Барнс и Мур заборавиле да ги напишат во својата колумна.

Наша обврска, доколку сакаме да си ја сочуваме честа и достоинството, е постојано да ги потсетуваме на нив.

(авторот е претседател на МААК)