Страшо АНГЕЛОВСКИ

Бидејќи се наоѓаме среде изборна кампања, кога интересот на граѓаните е свртен кон претстојните избори, можеби делува малку зачудувачки озаглавувањето на текстов. Но, да одиме по ред.

Од поодамна, од кандидатот за претседател на државава на “зелените“ (според речникот на македонскиот јазик – “недозреаните“), ДУИ, слушаме дека треба да избираме “меѓу Русија и ЕУ“ и дека тој, најверојатно заедно со госпоѓата “со чизмите на таван“ е вистинскиот лик кого треба да го следиме во изборот. И, иако Макрон јасно ни соопшти дека нема влез во ЕУ за Република Македонија се’ до 2040 година, Бујар Османи ветува дека со него на чело, прекутрупа ќе “влеземе“ веќе во 2030 – та.

Останува само да соопшти дали ќе биде искористен истиот метод од 2001-та, кога прекутрупа, со крвави терористички акции, убивајќи недолжни цивили (како оние од хотелот Бриони) и протерувајќи мирни граѓани (како оние од Арачиново), влегоа во македонскиот парламент (подоцна и во Влада, од која не излегоа до денес). Па, “опремени со чизмите од таванот“ ќе го нападнат Брисел, ќе протераат едно предградие, ќе кренат во воздух неколку хотели заедно со вработените и, ќе “влезат“, водејќи не и нас, овојпат, во Европскиот парламент.

Ќе беше смешно, ако не е повеќе од монструозно и тажно, но толку за начинот на  “демократско влегување“ на “зелените“ (недозреаните) и Бујар како нивни кандидат.

А, што се однесува до изборот “меѓу Русија и ЕУ“, Бујар, прво, треба да знае дека, најблаго речено, е дипломатски невкусно да се споменуваат странски држави во кој и да е контекст во изборна кампања и, второ, дека, конечно, после толку години, редно е, како избор, тој и неговите “зелени“, наместо штогоде лажно и шупливо како избор, барем да ја пропелтечат во понудата Македонија, како единствен избор, во интересот за меѓуетнички мир и, нејзин развој и благосостојба.

“Или ЕУ, или изолација“ – лагите на СДСМ

Изведувачите на работите на Артан Груби, она што некогаш беше социјалдемократска опција во државава, а денес е само збирштина од некадарници и ситни профитери, СДСМ, оди чекор понатаму. Па, доколку Бујар и ни нуди каква-таква опција, па наспроти ЕУ, ни ја нуди државата на “диктаторот Путин“, тие, “длабокоумно“ ни тврдат дека, како и секогаш според нив, не постои алтернатива. Ни тврдат дека наспроти ЕУ постои само црнило, страдање и измачување во потполна изолација на државава.

И, доколку не знаат, редно е да им соопштиме дека во моментов во Европа веќе постојат држави чии граѓани, немајќи безалтернативно водство како нашето СДСМ, свесно влегоа во изолација, црнила, маки и страдања. Еве ги, колку да се знае:

Според податоците на ОБСЕ за 2022 година, просечните месечни плати во “изолираниве“ држави, кои не се членки на ЕУ, се следни:

Лихтенштајн… 7.046 евра; Швајцарија… 5.522 евра; Монако… 4.908 евра; Норвешка… 3.386 евра; Исланд… 3.377 евра; Сан Марино… 3.237 евра

Интересно е да се спомене и дека Монако и Исланд минатата година на сопствено барање ги прекинаа преговорите за влез во ЕУ бидејќи задираат во нивните црвени линии. Тоа се државите кои, бидејќи не се членки на ЕУ, живеат во изолација, со “скромни“ месечни плати и без иднината што би ја имале доколку ги води некое безалтернативно, некадарно, рекетарско-профитерско СДСМ.

И сега, колку за информација, просечните плати во некои “неизолирани“ држави, а заради членството во ЕУ, држави на “благосостојбата“ и “богатството“:

Бугарија… 858 евра; Унгарија… 1.050 евра; Романија… 1.083 евра; Хрватска… 1.347 евра

Оттука натаму ќе оставам да зборуваат бројките, зашто што и да се напише ќе биде отповеќе.

Само, морам да кажам дека битката на СДСМ за безалтернативната ЕУ, за жал, не е нивна битка за доброто на граѓаните, туку битка за нивни пристап до ЕУ фондовите, кои безмилосно и криминално ги празнат, а заради што, државава е веќе осудена да враќа пари и да плаќа казни.

Во контекст на ова, вистината е многу едноставна, доколку сам не си ја средиш и исчистиш куќата, таа, сместена и во најелитната населба, повторно ќе биде место од каде ќе сакаат да ти побегнат, а не дом во кој ќе сакаат да ти живеат децата.

Токму затоа, текстов е озаглавен така како што е озаглавен и, денот на изборите ќе биде “ден кога фрижидерот ќе го победи телевизорот“. Имено, колку и да се мачат, пропагандистички скапо и гламурозно, а суштински шупливо и празно, медиумски да ни ги продаваат приказните за благосостојбата што не очекува, на крај, суровата реалност што во сиромаштијата и неправдата ја живеат граѓаните, ќе ги победи нивните лаги.

Па така, празниот фрижидер, ќе го победи, со лаги полниот, телевизор.

(авторот е претседател на МААК)