Страшо АНГЕЛОВСКИ
Локалните избори кои штотуку завршија недвосмислено ја покажаа волјата на граѓаните во Република Македонија. Ја покажаа нивната желба жестоко да казнат една измамничка, ситнопазарџиска, крајно недостоинствена и, дури, политика застаната во времето на робовладетелството и феудализмот, позната како ДЕСПОТИЗАМ. Да ја казнат и да ја испратат во историјата.
Терминот ДЕСПОТИЗАМ во политичките енциклопедии означува груб и примитивен облик на автократски политички режим познат во робовладетелското и феудалното општество. Денес, иако се’ поретко, терминот ДЕСПОТИЗАМ се користи за да означи начин на практикување на власта во кој, најексплицитно се применува самоволието на властодржецот и безусловната покорност на обезвластените. Волјата на деспотот е закон за сите, па дури и тогаш кога е очигледно дека е резултат на неразумни одлуки на властодржецот. Сите мора да се покоруваат на власта на деспотот и секоја непослушност повлекува тешки санкции и репресии. Пониските државни органи фигурираат само како обични слуги на деспотот. Граѓаните се наоѓаат во положба на поданици, бидејќи не уживаат никакви слободи и политичка сигурност, зашто немаат никакви права и привилегии туку само обврски и должности. Дури, за изминатово петгодишно владеење, можеме да ја употребиме дефиницијата за АЗИСКИ ДЕСПОТИЗАМ, кој подразбира форми на сурово, но истовремено и препредено и подмолно владеење.
Оваа дефиниција се’ поретко можете да ја сретнете во светот бидејќи и најзаостанатите држави се обидуваат да се изградат во рамките на некакви демократски норми од 21 век. За жал, оваа дефиниција беше реалност за граѓаните во Република Македонија во минативе 5 години, бидејќи наместо во современа демократска држава живееја во деспотијата на Заев и Груби.
Единствено реториката, наместо од феудалното, им беше украдена од најтемното сталинистичко минато. Па така, марксистите – ленинисти на Груби и удбокомунистите на Заев, милуваа да си’ се нарекуваат “прогресивни другари и другарки“, по урнекот на “авангардата на пролетеријатот“, во чие име, нели, воведуваа диктатура.
ПРАВО НА СРЕЌА
Наспроти деспотизмот на властодршците, опозицијата, и од македонскиот и од албанскиот политички блок, понуди право на среќа за сите, без разлика на нивната штогоде припадност.
И, терминот ПРАВО НА СРЕЌА, во политичките енциклопедии претставува филозофско-етичка и социјално-политичка категорија, која има значење повеќе како политичко-филозофска премиса со далекусежни последици врз карактерот на општествено-економскиот и политичкиот систем и, воопшто, врз системот на вредности во едно опшптество. Нагласувањето на човековата среќа како цел и мерка за задоволувачки живот, според дефинициите, секогаш има антиавторитарен и хуманистички карактер и смисла.
Теоријата за ПРАВО НА СРЕЌА за прв пат се воведува во училиштето на Епикур, формирано во 306 година пред нашата ера, а за прв пат во современиот свет наоѓа свое место уште во првата нацрт верзија на американската “Декларација на независноста“, подготвена од Томас Џеферсон. Во Декларацијата, меѓу неотуѓивите природни права, покрај правото на живот и правото на слобода, свое место има и “правото на барање среќа“. Овие права, во секој случај, се формулирани за да се обезбеди правото на промена на власта, бидејќи, се поаѓало од тезата дека владите се воспоставуваат токму заради обезбедување на овие права, а дека нивната власт произлегува од согласноста на оние со кои се владее.
Кога некоја влада станува деструктивна во односот кон овие цели – право на живот, слобода и среќа – народот има природно право да ја смени таа влада и да воспостави нова, која ќе му изгледа најпогодна во поглед на народната сигурност и среќа.
МУДРОСТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ГЛАСАЧИ
Немајќи ги сознанијата на големите мислители, како јакобинецот Сен-Жист од Франција, утилитаристот Џереми Бентам од Британија, ниту еден од основачите на социјал-утопизмот Сен-Симон, кои се едни од најгорливите заговорници на теоријата за ПРАВОТО НА СРЕЌА, гласачите на овие избори, иако “само“ локални, со својата вродена милениумска мудрост, го поразија ДЕСПОТИЗМОТ и, барајќи го ПРАВОТО НА СРЕЌА, испратија јасна порака:
– Бидејќи владите се воспоставуваат заради обезбедување на правата на живот, слобода и среќа, а нивната власт произлегува од согласноста на оние со кои се владее (во случајов – гласачите), гласачите потврдија дека оваа влада ја сметаат за деструктивна во односот токму кон остварување на овие цели – правото на живот, слобода и среќа и, дека сакаат да го искористат своето природно право да ја сменат таа влада и да воспостават нова, која ним им изгледа најпогодна во поглед на заедничката сигурност и среќа.
– Токму во моментов, преку собраните 61 потпис за недоверба на актуелната влада започнува процесот на исполнување на барањата од пораката на гласачите – воспоставување нова влада. Деспотските измамници и ситнопазарџии ќе се обидат по секоја цена, па дури и со закана од облекување на чизмите од 2001-та да го спречат овој процес, кој, за нивна жал, е неповратен.
– Новата влада е единствената надеж во правец на обезбедување на ПРАВОТО НА СРЕЌА за секој граѓанин. Никој нема право да му ја одземе таа надеж на напатениот народ. Посебно не, “прогресивците“ во железните опинци и чизмите од 2001-ва.
(авторот е претседател на МААК)