Неколку прашања и веќе познати одговори ме мачат минативе неколку дена. Горат, печат во душата. Срцето ги знае одговорите, ама разумот ги бара јавно кажани.
Прво: За предавството!
Постои ли нормален човек во државава кој искрено верува дека обвинетите пратеници за настаните од 27 април, сосема случајно, од “независното“ судство и обвинителство, беа ослободени од притвор токму на ден или два пред да се гласа за утврдување на потребата за уставни измени? Па, постои ли друг, кој верува дека сосема случајно, токму тие и, токму во тие неколку дена, ја сфатија потребата од измена на Уставот заради обезбедување “светла иднина“ за Македонија? Постои ли трет кој верува дека не беа изложени на закани, уцени, притисоци и ветувања?
За среќа, постои огромно, огромно мнозинство од народот, кое знае дека тие, народните избраници, луѓето кои пред само неколку дена јавно и гордо изјавуваа дека немаат мандат да гласаат за промена на Уставот заради промена на името, потклекнаа пред уцените, заканите, притисоците и ветувањата. Само, каде ли го најдоа мандатот во тие неколку дена? Човечка слабост, ќе рече некој. Нека е и така, но, едно мора да им биде јасно, да го имаат секогаш на ум, до крајот на животот. Имено, можеби и оние кои ги предадоа Делчев, Александров, Рацин… и сите останати кои извршиле предавство,имале закани, уцени, притисоци, ветувања, можеби семејствата им биле во опасност, можеби децата им биле под притисок, можеби… Па тие во тоа си нашле оправдување. Но, народот, народот и доколку знаел за притисоците и заканите, тој ги заборавил, ги избришал од меморијата. Народот го памети само нивното предавство. После години и години, и за денешниве народни избраници народот нема да памети дали биле уценети или притиснати, ќе го памети само нивното предавство. Вистина со која ќе мора да живеат и тие и нивните потомци.
Второ: За промената на името!
Сите оние кои денес сесрдно се залагаат за промена на името на државава и бришење на македонскиот идентитет заради НАТО и ЕУ ветена иднина, треба да знаат само едно. Колку и да им звучи примамливо, денес, трајни вредности како што се сопствено име, идентитет, историја, да жртвуваш за ветување за подобар живот во организации кои ниту се, ниту можат да бидат трајни, туку се само резултат на геостратешки односи и политички одлуки, мора да сфатат дека нивните внуци и правнуци, после години и години, кога нема да постојат ниту ЕУ, ниту НАТО, ќе се чудат заради кои “убавини“ нивните дедовци им ја одзеле можноста да бидат Македонци? Па ќе сфатат дека тоа го сториле од себичност и егоизам, тие самите, денес да проживеат поубаво. Ќе ги сфатат зборовите на некојси Костадинов од СДСМ кој вели: “Кога немаш економска комоција,кога си поприлично без пари, чуму ти е идентитетот ?“ Ќе сфатат дека заради економска комоција го продале сопствениот народ и неговиот идентитет.
Трето: За влезот во НАТО!
Упорно ја повторуваат тезата дека со влезот во НАТО ќе станеме членка на најмоќната воена сила во светот. Е па, долг е списокот на оние кои пред осумдесеттина години, со истите зборови пристапуваа кон тогаш најмоќната воена сила во светот, оската Берлин-Рим-Токио. Почнувајќи од тогашните влади на нашите соседи Албанија, Бугарија, преку Романија,Франција…, па се до норвешката влада на Видкун Квислинг, кој стана синоним за сите нив. Денес, сите тие се срамат од постапките на нивните тогашни влади, од петното што им го оставија, петно кое ни вековните дождови не можат да го исперат. Не ќе мине долго кога и ние, како нација, ќе треба да се срамиме од петното кое една инсталирана власт ќе ни го остави.
Четврто: За осумте просветлени “ херои“ чии домови ги чува полиција!
Велат, полицијата овие осум “народни“ избраници ги чувала токму од народот. Од оној народ на кој за да ги избере со мнозинство гласови му ветиле дека никогаш нема да гласаат за промена на Уставот заради промена на името. Од оној народ кој само сака да си дојде по своето. По гласот што го дал, а му е злоупотребен, по ветувањето кое го добил, по честа и достоинството што му ги погазиле. А, народот, што би рекол некој, е во право и кога греши. Затоа, народот еден ден ќе си го добие своето, она што единствено нему му припаѓа.
Петто: За “синдромот на туширање“!
Кога пред седумдесет и повеќе години, припадниците на тогаш најмоќната воена сила, германската фашистичка солдатеска, Евреите, затворени во концентрационите логори, ги носеле во гасните комори, им објаснувале дека ги носат на туширање. И овие,иако знаеле дека стотици и стотици илјади пред нив, наместо вода, од тушевите почувствувале гас, иако знаеле дека ги водат во смрт, кротко, сакајќи да веруваат дека, ете, токму за нив, наместо гас ќе потече вода,оделе во сопствената смрт.
Денес, кога домашните послушници на најмоќната воена сила на денешницава, го водат сопствениот народ кон веќе подготвените убаво уредени тушеви, ние, Македонците, не смееме да го живееме тој “синдром на туширање“, мораме да го препознаеме отровниот гас кој наместо чистата вода ќе потече од нив и да се спротивставиме на сопствената смрт. Искуството ни покажува дека не смееме да веруваме дека, ете, токму нам тоа нема да ни се случи. Зашто, за многу скоро, со отворањето на Уставот, ќе биде отворен вентилот на “гасната комора“ за масовна “егзекуција“ од картата на народите на еден цел народ, македонскиот.
Шесто: За ВМРО ДПМНЕ и долгата рака!
Повеќедецениската битка на удбашките структури против се што мириса на Македонија и ВМРО, во последниве четири години ја доживува својата кулминација со најжестокиот обид да се уништи ВМРО-ДПМНЕ како стожер на коалицијата “За подобра Македонија“ и како единствена организирана политичка сила способна да се избори за зачувување на македонското постоење. Веќе четири години партијата се сатанизира со прислушкувани разговори, со лажни вести, со уфрлени кртови, со притисок од лажни патриоти, со повици од преамбицирани поединци, со форсирање на слободоумни, плиткоумни и неумни здруженија, со форсирање постоечки или новоформирани партии, кои со жестоки рефрени доделени од познатиот сценарист, упорно повторувајќи ги, треба да го зашеметат и поделат патриотското тело, со секакви напади против актуелниот претседател на партијата кој, за жал на нарачателот, имаше храброст да се спротивстави на домашните и надворешните притисоци. Се со една цел, да се оневозможи отпорот на така поделениот македонски народ. Зашто, само поделено ВМРО ДПМНЕ е гарант за успехот на оние со кренати 80 рачиња. Само поделено ВМРО-ДПМНЕ значи бришење на државата и народот. Сценаристот го знае тоа и ги користи сите платеници за да ја изведе поделбата. Овие, пак, ги користат сите чесни и искрени македонски патриоти, играјќи на картата на нивното оправдано незадоволство од ова или она, за да внесат смут и да помогнат во бришењето на македонското постоење.
Затоа, вистински е час, сите оние кои во изминативе 28 години простум стоеја на химната на ВМРО, да престанат да веруваат на лагите и подметнувањата, да се обединат околу идејата за македонскиот опстанок и на дело да докажат до каде навистина досега долгата рака на ВМРО. Дали е подготвена силно да ја гушне и сочува Македонија. Раката на Александров, на Черноземски, на Ќосето. Раката на војводите, раката на знајните и незнајните, раката на Македонците.
Страшо Ангеловски (авторот е претседател на МААК)