Страшо АНГЕЛОВСКИ

(Наместо честитка за 4-ти Јули)

Почитувана госпоѓо Агелер, почекав да стивнат реакциите на Вашите изјави со кои очекувано ја разбранувавте македонската јавност. И, многумина, кои, инаку, се домаќини во државава, Република Македонија и, ви го пружаат своето надалеку прочуено гостопримство (нема погрдо и понекултурно нешто од злоупотреба на гостопримството), ви напишаа речиси се’ што можеше да Ви се напише. Ви напишаа дека не доликува, а згора на се’ е и спротивно на Виенската конвенција, еден амбасадор, кој и да е и, од која држава и да доаѓа, вклучително и Вашата, да се меша во внатрешните работи на земјата домаќин. Ви напишаа дека се однесувате како губернатор назначен да раководи со сите сегменти во државава, што е во најмала рака, многу далечно од цивилизацијата на моралот на која ние Македонците припаѓаме. Ви напишаа дека се мешате и во правосудниот систем, што е недозволиво, бидејќи во државава, според Уставот, се почитуваат три власти – законодавната, извршната и судската, а Вие, се устоличувате, самата себе си’, како четврта – неприкосновена и недопирлива надвласт. Ви напишаа уште многу нешта, но, чинам дека и ова е уште како доволно за вовед во она што јас сакам да ви го напишам.

Јас, госпоѓо Агелер, ќе се осврнам само на еден сегмент од вашето “подучување“ за нас, Македонците, кога велите дека “еднаш воспоставени договори не може да се раскинат“, говорејќи за наметнатиот, со неуспешен референдум ратификуван и, незаконски потпишан од министерот за надворешни работи, ПРИНУДЕН договор со официјална Атина.

И, не навлегувајќи во правните толкувања, кои им ги оставам на експертите, јас само ќе ви изнесам еден пример на поништување на договор токму од историјата на Вашата држава.

ТАЖНАТА САГА ЗА ЛАКОТА НАРОДОТ

Народот Лакота е составен од седум племиња, кои живеат во Небраска, Јужна Дакота, Северна Дакота, Монтана и Вајоминг. Во историјата на САД се запаметени по масакрот кај Литл Биг Хорн во 1876 година, спроведен од Седмата коњичка единица под команда на потполковникот Кастер. По долгото прогонство, тие биле ПРИНУДЕНИ да потпишат договор, според кој му го предале на Вашингтон поголемиот дел од својата земја.

Речиси сто години подоцна, народот Лакота, или она што останало од него после невидениот масакр, во 1974 година ја прогласил својата Декларација за независност, а во 2007 – та, значи, пред 17 години, го раскинале договорот со Вашингтон и прогласиле независност, откако во септември истата година Обединетите Нации, наспроти противењата на САД, усвоија необврзувачка Декларација за правата на домородните народи.

По раскинувањето на договорот и прогласувањето независност, Расел Минс, долгогодишниот водач на Лакотите и борец за правата на домородното население, изјавил:

“Го преземаме овој историски чекор за да ги заштитиме нашиот народ и нашиот начин на живот, да се ослободиме од колонијалниот систем што го спроведуваат властите на Соединетите Американски Држави.“

Откако со писмо го известиле Стејт Департментот дека ги отповикаа спогодбите потпишани со федералната влада пред 150 години, лидерите на Лакота ги посетиле амбасадите на Боливија, Чиле, Јужна Африка и Венецуела и, најавиле дека ќе посетат и други “пријателски земји“.

“Ние повеќе не сме граѓани на САД. Сите луѓе што живеат во петте сојузни држави, на кои се протега нашата земја, се слободни да ни се придружат“ – изјавил Минс и, додал “Лакотите биле принудувани да живеат во систем на колонијален апартхејд и биле жртви на културен и физички геноцид, чии последици ги чувствуваат и денес. Мажите просечно живеат пократко од 44 години, стапката на смртност на новороденчињата е петпати повисока од просечната во САД, дури 97 отсто живеат во сиромаштија, а стапката на невработеност е 85 проценти.“

Значи, припадниците на народот Лакота, унилатерално се изземаат од ПРИНУДНО потпишаните договори со САД и престануваат да бидат американски државјани.

Во контекст на ова, денес, на 4-ти Јули, ќе Ве потсетам, госпоѓо Агилер, на уште еден Ваш празник – кој на 28 ноември го славите како Ден на благодарноста, а домородното население го одбележува како – Ден на жалоста. Тој ден, во денешен Плимут, Масачусетс, во 1620 година се истоварил бродот “Мејфлауер“, во кој биле сместени доселениците кои себе си се нарекувале “пилгрими“ (аџии).  На тој ден, како и претходниве 400 години се заблагодарувате за добрата жетва, но и на припадниците на индијанското племе Вампаноаг и нивниот главатар Масашоит, што на доселениците им донеле храна и ги спасиле од глад во текот на зимата. Ги нахраниле и ги спасиле сопствените истребувачи.

ТАЖНАТА САГА ЗА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

Откако речиси двестотини години трае обидот за целосно бришење на постоењето на македонскиот народ, со прогони и масакри слични на оној што го доживеал народот Лакота; откако во 1913-та, без наше учество, тоа го официјализираа големите сили; откако во 1948-та со напалм бомби фрлени од Вашите и британските авиони, живи беа горени македонските дечиња и Македонците беа насилно протерувани од сопствените огништа за да биде “украдена“ нивната територија; откако, како и во случајот на народот Лакота, во одземените територии на Македонците им се забранува јазикот и обичаите; конечно со договорот со официјална Атина, македонската држава беше ПРИНУДЕНА, преку претставници кои Вие насилно ги инсталиравте, да се откаже од сопственото име, сопствената историја и идентитетот на сопствените граѓани – Македонците.

А, замислете, ние Македонците, исто како Вампаноазите во 1620-та, Вас и сите други претставници на западните “демократии“, на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, Ве дочекавме со “леб и сол“, според нашите вековни обичаи. За жал, исто како нив, сме ги дочекале сопствените истребувачи.

На крај, госпоѓо Агелер, заметете си најпрво во сопствениот двор, зашто многу нечистотија Ви се натрупа, па дури потоа зачистувајте и по туѓите дворови. Зашто, нашиот народ има една неубава поговорка за “петелот на туѓото буниште“.

Нека Ви е честит празникот, кој, за жал, милиони потомци на истребените, од, според Вас, “индијански племиња“, не успеаја да го дочекаат. И, верувајте ми, најискрено, не сакаме и нема да дозволиме, како во нивниот случај, после 150 години да остане само по некој несреќен “примерок“ од истребеното “македонско племе“.

Затоа, залагајќи се за раскинување на договорот под ПРИНУДА, потпишан со официјална Атина, уште еднаш ќе го цитирам Расел Минс – “го преземаме овој историски чекор за да ги заштитиме нашиот народ и нашиот начин на живот, да се ослободиме од колонијалниот систем што го спроведуваат властите на Соединетите Американски Држави“.

(авторот е Претседател на МААК)