Слушам деновиве како во најразлични телевизиски контактни емисии се јавуваат граѓани возбудени од речиси сигурната благосостојба која ја чека и државава и нејзините жители, сега, после ратификацијата на Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија и Законот за двојазичност, како дел од Тиранската платформа.
Пресреќни, зашто, откако ги прифативме сите непристојни уцени од соседите, конечно во нив сме добиле вистински пријатели кои ни ја гарантираат светлата европска иднина. За нивна, но и за наша жал, реалноста наскоро ќе ги демантира. Суровата реалност е многу поинаква од розевата иднина која ни се сервира. Суровата реалност зборува дека, за жал, во конечната балканска разврска, при цртањето на новите балкански карти во создавањето природни држави, токму овие договори може да бидат аргументот за поделба на Република Македонија. Имено, и на политички најнеписмените мора да им стане јасно дека нашите нови „пријатели“, соседните држави, но и водечките светски сили, како, на пример, САД, Русија и Германија, се што работеа во минативе триесеттина години, го работеа во заштита на своите национални интереси, а не од желба да ја видат Република Македонија како стабилна и богата држава на среќни граѓани.Но,да одиме по ред. Најпрво,интересите на големите сили:
ГЕРМАНИЈА
Во првата половина од 19 век германскиот учен, Јохан Густав Дројзен, прави обид да ја наметне теоријата за грчкото потекло на древните Македонци. Дројзен бил советник на баварскиот принц Ото, кој во 1832 година бил крунисан за крал на новосоздадената Грција. Дројзеновата теорија станува дел од обидот на владејачката династија да создаде нова нација и, воедно, да го оправда своето владеење со таа држава. Имајќи предвид дека неговата теорија се развива паралелно со созревањето на „Мегали Идеиа“, како идеја водилка на надворешната политика на новата германско-грчка монархија, таа наоѓа примена и во проширувањето на границите на монархијата. Подоцна,преку Сакс Кобург Готското семејство се формира и бугарската монархија. Денешна, модерна Германија, која со сите сили се бори за свое влијание на Балканот, е главниот промотор на договорите со Атина и Софија, сметајќи дека токму преку нив, како свои лојални партнери, преку Грција со заштитена античка, но и понова окупаторска историја и, преку Бугарија која при евентуални поместувања на границите на Балканот би добила дел од македонската територија, ќе успее да ги совлада нтересите на САД и Русија, во забревтаната битка за контрола на Балканот. Постоењето на Република Македонија, за жал, претставува непотребен ризик во ваквата геополитичка стратегија на Меркелова Германија.
САД
САД во својата геостратегиска доктрина за свое влијание на точките на светската мапа, според нив, исклучително важни за нивната национална безбедност, веќе одамна го имаат вцртано и Балканот. И, веќе одамна, од времето на „длабоката држава“, го имаат утврдено и својот исклучително лојален партнер преку кој успешно се раскомотени на Балканот – Албанците, како народ во Албанија, но и албанските муслимански малцинства во соседните православни држави. И, како што добро вооружениот Израел постојано го користат за контролирана нестабилост на Блискиот исток, идната, според нивната стратегија, добро вооружена голема Албанија, би ја користеле за контролирана нестабилност на Балканот. Постоењето на Република Македонија, повторно, за жал, претставува непотребен ризик во ваквата геополитичка стратегија на „длабоката држава“.
РУСИЈА
Руската Федерација, историски, но и геополитички, имала, има и сака да го продолжи своето влијание на Балканот. Во таа се позасилена битка за влијание на балканскиве простори, Русија го има својот историски сојузник Србија, чие пријателство го зацврстува се повеќе, а посебно после последната посета на рускиот претседател на Србија. Но, за првпат во историјата, Русија има свој сојузник и преку Дрина, а тоа е Република Српска. Токму затоа, за Русија е исклучително прифатливо „разграничувањето“ меѓу Србија и Косово, што предвидува поделба на Косово на северен дел кој би и припаднал на Србија и јужен дел кој, заедно со некои мали енклави околу Бујановац и Прешево, би влегле во состав на идната големоалбанска држава. Во еден таков развој на настаните, Република Српска би се приклучила кон матичната Србија. За возврат, заради изгубениот север на Косово, идната големоалбанска држава би добила дел од поделената Република Македонија. Така што, постоењето на Република Македонија, повторно, за жал, претставува непотребен ризик и во плановите на Руската Федерација.
НАШИТЕ СОСЕДИ
Секој од нашите соседи , „пријатели“, го гледа својот интерес во овие геостратегиски игри на големите сили. И секој од нив, во спроведувањето на своите империјалистички цели кон Македонија, користи свои картографи, етнографи, лингвисти и историчари. За наша жал, успешно. Па така, свесни дека една мирољубива државичка како Република Македонија, која не претставува реална закана за никого, не може да биде поделена или избришана со воена интервенција на која било голема сила, зашто тоа би предизвикало нова балканска, а можеби и војна со пошироки размери, се премина кон внатрешно самоукинување на Република Македонија. Со договорот со Атина се избриша постоењето на македонскиот народ со што, заедно со Законот за двојазичност се отвори простор за многу скорешна федерализација на Република Македонија. Имено, непостоењето на македонски народ, како единствен носител на суверенитетот, од Република Македонија создава територија на која, според договорот со Софија, живее народ кој има исти корени и иста историја со Бугарскиот. А,изедначувањето на двата јазика, словенскиот, според договорот со Атина и, албанскиот, на територијата на цела држава, само ги доотвара можностите за федерализација. Нормално, следниот чекор би бил мирно „разграничување“, по примерот на Косово.
Така, на мирен начин, би се создала големоалбанската држава во чиј состав би влегле Албанија, јужно Косово и северозападна Македонија, како моќно орудие во заштитата на интересите на САД на Балканот. Би останала Република Србија со изгубен јужен дел од Косово, но со извонреден надомест во Република Српска која би и се приклучила, како исклучително моќен сојузник во заштита на руските интереси на Балканот. Би се проширила бугарската држава со делот од Македонија, со што и Бугарија, но и Грција, сега со забетонирана северна граница, како германски должници, би биле чувар на германските интереси на Балканот.
Со ваквиот развој на настаните, сите соседи, „пријатели“ на Македонија, би ги исполниле своите вековни големодржавни аспирации, а големите сили би ги поделиле сферите на влијание. И волкот сит и овците на број, би рекле тие.
Го пишувам текстов како предупредување за можните геостратегиски разврски. Со надеж во срцето дека нема да бите така, со желба да си ја повратиме државата како национална држава на македонскиот народ, но со огромен страв дека „евроатлантската“ Северна Македонија е само првата, многу куса етапа кон реализација на ваквиот план за конечно „решавање“ на македонското прашање. Според онаа Сталиновата дека „проблемите ги снемува со смртта“. Овој пат, со смртта на една држава.
Го молам Господа да не сум во право.
Авторот е претседател на МААК