Страшо АНГЕЛОВСКИ

Многупати сум пишувал на темата за ЕУ како творба замислена во нацистичките “лаборатории“, а денес кога токму таа ЕУ, за жал, се пројавува како идеолошка творба на либералните марксисти, вреди да се напишат неколку редови како, полека но сигурно, го изодуваше стогодишниот пат од нацистичка идеја до марксистичка либерална идеолошка творба.

Имено, во 1923 година е формирано “Пан-европското движење“, а за негов зачеток се смета објавувањето на ЕУ-манифестот, познат како “Пан-Европа“, од страна на Ричард фон Куденхов-Калерги (Richard von Coudenhove-Kalergi). Меѓу другото, негов предлог е “Одата на радоста“ на Бетовен да биде европска химна, да се воспостави царинска унија и, да се потпише Римскиот договор како основачки документ на модерната ЕУ.

Во својата автобиографија “Crusade of Pan-Europe – Autobiography of a Man and a Movement“, Калерги отворено пишува дека Соединетите Европски Држави би биле само меѓуфаза во создавањето светска влада.

Интересно е што еден од неговите главни поддржувачи и најголем финансиер со тогашни 60.000 златни марки е Макс Варбург, директор на германскиот конзорциум “И. Г. Фарбен“, во кој, на пример, влегуваат и Баер и Басф. Неговиот брат Пол Варбург е директор на “И. Г. Фарбен“ во САД и еден од основачите на тамошните Федерални резерви, како приватна фирма. Но, она што е најинтересно, е податокот дека токму “И. Г. Фарбен“, заедно со американските Џенерал Електрик, Хенри Форд, Прескот Буш, Стандард Оил на Рокфелер и, системот од 12 приватни банки, познат како Федерални резерви, се најголемите финансиери на Адолф Хитлер.

БЛИСКИ ДО ХИТЛЕР, ЗАСЛУЖНИ ЗА СОЗДАВАЊЕ НА ЕУ

Во својата автобиографија, творецот на “Пан-Европа“, Калерги, ги наведува луѓето активни или многу блиски до Националсоцијалистичката германска работничка партија на Хитлер, а исклучително заслужни за ширење на идејата за обединета Европа, како наддржава, како наднационална творба. Тоа се:

Валтер Функ, од 1931 година член на партијата на Хитлер, министер за економија од 1938 година, а од 1939 до 1945 претседател на Германската централна банка. Автор е на економскиот нацрт за обединета Европа од 1941 година, врз кој се гради структурата на Европската Унија.

Валтер Холштајн, познат како “правникот на Хитлер“, кој ги предводел преговорите на владата на Хитлер со владата на Мусолини, а од 1958 година, во два мандати, претседател на Европската Комисија, највисок орган на ЕУ.

Меѓу другите нацисти, со огромен придонес во создавањето и развојот на ЕУ, Калерги ги наведува и Хјалмар Шахт, претседател на Германската централна банка од 1933 до 1939 година, Ханс Јозеф Глобка, еден од авторите на “расниот закон“ за Евреите од 1935 година, Дијана Мозли, сопруга на Освалд Мозли, лидер на британските про-фашисти…

Е сега, од 1 до 3 јуни 1955 година во Месина на Сицилија е одржана конференција на “сицилијанските шестмина“, како претставници на шесте држави што ќе го потпишат Договорот за формирање Европска Економска Заедница, познат како “Римски договор“. На него учествуваат Пол Анри Спак, јавен и официјален поддржувач на фашизмот на Франко и нацизмот на Хитлер, во име на Белгија; Гаетано Мартино, некогашен член на фашистичкото движење на Мусолини, во име на Италија; Антони Пинај, член на “Националниот одбор на Франција“, про-нацистичка влада од Виши која потпишала капитулација, во името на Франција и, Валтер Холштајн, правникот на Хитлер“, во името на Германија.

Како резултат на овој подготвителен состанок во Месина, на 5 март 1957 година е потпишан Римскиот договор, кој се смета за основачки акт на денешната ЕУ. Колку за информација, Договорот, во име на Холандија, го потпишал Јозеф Лунс, тивок член на националсоцијалистичкото движење во Холандија, а, Генерален секретар на НАТО од 1971 до 1984 година.

Така што, овој датум, 5 март, може да се земе за ден на ЕУ, наспроти форсираниот 9 мај, воспоставен како обид да се ретушира историјата и, да се одземе големината на 9 мај како Ден на победа над фашизмот (многу поточно е “победа над нацизмот“).

НАЦИСТИЧКИ ЦЕЛИ…

Основната цел на нацизмот, заради негов развој и развој на Германскиот Рајх, е негово ширење на исток и освојување нови територии како простор за живеење и извор на суровини. Лично Адолф Хитлер во своето најпознато дело “Мојата борба“ (Mein Kampf) и во нејзиното продолжение “Мојот светски поредок“ (Meine Weltordnung) пишува за освојувањето нови територии на истокот, односно територијата на тогашниот Советски Сојуз.

Неговиот Lebensraum, или животен простор, претставен преку основниот план за истокот (Generalplan Ost) е идеолошкиот принцип на нацизмот и водечка мотивација за почеток на Втората светска војна, заради освојување на, меѓу другите, и териториите на не-ариевските Русија и Украина.

Целта на денешната ЕУ, за жал, е потполно иста со онаа на нацистичка Германија – ширење на исток и освојување на украинските и руските ресурси, осмислувајќи ја, поттикнувајќи ја и разгорувајќи ја војната меѓу Руската Федерација и, нивниот со децении создаван либерален проект – Украина, како антирусија. Целта на “цветната градина“ каква што самите си ја претставуваат ЕУ, е освојување на ресурсите на “околната пустина“, како Русија и Украина. Денес, ЕУ, замислена како најголемиот мировен проект после Втората светска војна, милитаризирана со 800 милијарди евра преточени во оружје, претворајќи се во “воено крило“ на “либералните елити“, јавно и гласно се настрвува на украинските и руските територии и ресурси. Посебно откако најголемите држави членки, како, на пример, Франција, срамно се протеруваат од нивните вековни суровински колонии во Африка.

Станува повеќе од јасно дека нацистичките цели живеат во либералните марксистички умови.

…МАРКСИСТИЧКИ МЕТОДИ

Овде, мора да објасниме дека и нацизмот и комунизмот, двете најкрвави идеологии на дваесеттиот век, имаат заеднички корени, заеднички темел, воспоставен врз марксистичката литература како  “водич“ за управување со светот од еден центар. И партијата на Хитлер на почетокот го носела името Германска работничка партија, за да подоцна биде преименувана во Националсоцијалистичка германска работничка партија. Комунистите и нацистите се спротивставуваат до крв на темата на семејството, државата, нацијата и верата – додека за нацистите семејството, државата, нацијата и верата се темел на општествениот живот, комунизмот работи на одумирање токму на семејството, државата, нацијата и верата.

Денешниот либерализам, како владеачка идеологија на ЕУ, успеа, за свои потреби, да ги обедини нацизмот и комунизмот во своето делување. Имено, либерализмот ги задржа во целост нацистичките цели за ширење на исток и освојување на руски и украински територии и ресурси и, комунистичките методи за уништување на семејството, државата, нацијата и верата.

Денес, кога со победата на Трамп започна демонтажата на либералниот наци-комунизам и воспоставување нов светски поредок, токму европските либерални елити се обидуваат преку продолжување на војната во Украина и евентуално започнување нови војни, од кои, за жал, онаа Балканската е најизгледна, да го сопрат тркалото на историјата за да останат на власт. Уште многу реки крв заради малку денови власт, како и Хитлер кога испраќаше во војна деца од 14-15 годишна возраст.

Заради безбедна и рамноправна иднина на човештвото ваквото лудило на либералниот наци-комунизам мора да престане.

(авторот е Претседател на МААК)