“Мудрите луѓе зборуваат затоа што имаат нешто да кажат.
Будалите затоа што мораат нешто да кажат.“
Платон

Страшо Ангеловски

Тргнувајќи токму од тезата на Жан Пол Сартр, дека сиромашните умираат додека богатите војуваат, ќе си ги разјасниме случувањата на Балканот со кои, еве, веќе со години се соочуваме, со години живееме, со години умираме.
Имено, на Балканот, како и секогаш низ историјата, се води битка за влијание, битка за негова контрола. Покрај различните учесници низ историјата, денешнава битка ја водат исклучиво Германија и САД, а контролата врз Балканот и во стратегијата на едните и во стратегијата на другите е конструирана единствено преку контрола на албанските политички елити во државите во кои живеат, а преку нив и контролирани нестабилности, на какви веќе бевме сведоци во изминатиот период. Притоа, за да ги замачкаат трагите на нивното крваво соперништво, преку своите медиуми и вазални политичари, ни ја продаваат тезата за руската опасност против која, нели, сите треба да се обединиме.
Вистината е сосема поинаква. Точно е дека низ вековите руската политика токму преку Балканот бараше свој излез на топлите мориња и се бореше за свое влијание во балканските држави. Дури, во книгата “Историја на дипломатијата“ од четворица руски автори, преведена на тогашниот српскохрватски јазик и објавена во Белград, во 1948 година, се вели дека “словенството“ е измислица на руската дипломатија заради руска хегемонија се до Белото Mоре. Ова се случуваше во период од цели 310 години, или од 1569 до 1878 година, во време додека се одвиваа дури 11 руско-турски војни. Војни меѓу две империи, Руската и Отоманската. Денес, откако Руската Федерација, го врати во свое владение (според некои: го окупира) Крим, како исклучителна стратегиска точка на Црното Mоре и, истовремено воспостави пријателски односи, па дури и цврста воена соработка со Турција, нештата се променети од корен. Денес, руската геостратегија по наједноставен и лесен пат, преку Црното Mоре и низ Босфорот веќе има непречен приод до топлите мориња. Со тоа, важноста на балканските држави во геостратегиските планови на Русија значително се намалува, дури до ниво на регион од третостепена важност.
Можеби, после ова, некој ќе се запраша, ами што се случува со рускиот интерес за гасоводот “Јужен тек“? Одговорот е многу едноставен. Интересот на балканските држави за гасоводот е три пати поголем, отколку на Русија за истиот. Или, потребата на балканските држави, па ако сакате и на централна Европа, да го добиваат гасот, низ овој гасовод, е тројно поголема од потребата на Русија истиот да го испорачува. И, згора на се, осознавајќи ја американско–германската стратегија за владеење со Балканот преку албанските политички елити во државите во кои живеат, како Албанија, Косово и Македонија, минатото лето, во договор со Турција, Грција, Бугарија, Романија и Србија, трасата на гасоводот е изместена стотина километри источно и, ќе се движи од Солун, преку Кулата и Софија, со еден крак кон Букурешт, а другиот, преку Димитровград и Белград се до Будимпешта. Од далеку заобиколувајќи ги државите во кои владеат криминалните албански политички елити. За жал, заради германската и американската геостратегиска потреба да го контролираат Балканот, а реализирана преку албанските политички елити заглавени во големоалбанскиот сон, наместо во реалните потреби на своите сограѓани за подобар живот, регионот на Западен Балкан, токму според тезата на Сартр, останува регион во кој сиромашните умираат додека богатите војуваат. И, да додадеме – додека будалите и платените ги поддржуваат.
И, за да ни биде појасна американско-германската битка за контрола на Балканот ќе ги споменеме само истовременото објавување на “бомбите“ за Еди Рама во германски Билд, бомбите за ДУИ и Али Ахмети со соработниците во Чикаго, САД и формирањето на специјалниот суд за воени злосторства од страна на Албанците на Косово, во Хаг, каде меѓу осомничените е и Рамуш Харадинај. Ако првата цврста алка која ги обединува овие тројца е криминалот кој се навестува во бомбите и во истрагите, втората е нивното “блиско“ пријателство со Зоран Заев. Тоа ќе рече дека токму Зоран Заев и неговата Влада се инволвираат во оваа пресметка, што може да има несогледливи последици за Република Македонија.
Затоа, доколку не ни беа доволни катастрофалните економски резултати на оваа Влада; нејзиното коруптивно и насилничко однесување; фијаското во судството, образованието, здравството и културата; доколку не ни беа доволни антимакедонските договори со Софија и Атина и заканите што произлегуваат од нив; доколку не ни беа доволни секојдневните лаги и измами, инволвирањето на Зоран Заев и неговата Влада во една пресметка која може да има катастрофални последици за целиот Балкан, а посебно за сега толку кревката Македонија, мора да биде долгорочно сфатена причина за заминувањето на Заев и неговата Влада. Итно и неодложно.
Токму затоа, дојде денот кога сите заедно мораме да се избориме за иднината на Република Македонија. Првиот чекор е секојдневна битка за уривање на оваа насилно инсталирана, коруптивна и измамничка власт. Нема повеќе “конструктивност“ заради европските интеграции, нема потреба од небранување на домашното политичко море, бидејќи стана јасно дека тоа не е “conditio sine qua non“ за иднината на Македонија. Имено, додека ние, овде, во Македонија, “чекориме по јајца“ за да не ја вознемириме Европа во мудрувањето при донесувањето одлуки, во Република Албанија се води вистинска војна за соборување на актуелната власт. И, крајниот резултат е потполно ист – “датумот“ и за нас и за нив е закопан и зацементиран малку подлабоко од уништената радиоактивна атомска централа во Чернобил.
Да тргнеме по зборовите на Томас Џеферсон, кој вели: “Кога народот се плаши од власта, станува збор за диктатура. Кога власта се плаши од народот, се работи за слобода“, па од онаа фаза во која народот се плаши од насилно инсталираната власт, да преминеме во фаза кога власта ќе се плаши од со право незадоволниот народ. Тогаш ќе знаеме дека сме на патот кон слободата. Слободата на заробениот дух.
На крајот, ќе завршам со зборовите на Жан Жак Русо – ПОМИЛА МИ Е ОПАСНА СЛОБОДА, ОТКОЛКУ МИРНО И СИГУРНО РОПСТВО.
П. С.
Тукушто се подготвував да го испратам текстов, кога пристигна веста за предлогот за нов министер за финансии. Ми се виде нешто познат, па зедов внимателно да ја прочитам неговата биографија. Во нејзе пишува вака : “Израснал во скромно,земјоделско и ТРАДИЦИОНАЛНО семејство.“ Си велам, добро е, барем еден министер што ќе се заложи за заштита на традиционалното семејство и традиционалните вредности. Арно ама, овој, новиов министер да ти бил стариот премиер, оној истиот Зоран Заев, што ги поддржува истополовите бракови и ЛГБТ вредностите. Тогаш ја сватив суштината на зборовите на Платон – “Мудрите луѓе зборуваат (пишуваат) затоа што имаат нешто да кажат. Будалите затоа што мораат нешто да кажат (напишат). Па дури и во своите биографии.

(Авторот е претседател на МААК)