Страшо АНГЕЛОВСКИ
Најтешко е да напишеш текст кога смртта е повод. Уште потешко е да го пишуваш кога смртта на маченик, на политички затвореник, смртта на праведник, смртта на борец за заштита на државата е повод. Кога срцето на жртвата нема да ги издржи неправдите. Кога убиството на политички монтирана жртва е повод.
И, бидејќи неправдата боли и, бидејќи токму против неправдата мора да се бориме постојано, ова е текст за сите жртви во Македонија во последниве триесеттина години.
Ова е текст за убиените преку перфидно смислените пирамидални штедилници како ТАТ, чии крваво спечалени пари беа украдени, па срцата на жртвите не издржаа.
Ова е текст за илјадниците кои преку криминалната приватизација останаа без работа и без корка леб за своите деца, чии срца не издржаа и беа убиени од неправдата.
Ова е текст за илјадниците кои со години и децении барајќи ја правдата низ судските лавиринти, беа убиени од слепата Јустиција и чии срца не ги издржаа неправдите.
Ова е текст за стотиците бранители од 2001-та и 2015-та кои ги дадоа животите за Македонија, а чии најблиски, со препукнати срца, беа убиени од системот кој не ги признава нивните жртви.
Ова е текст за оние стотици бранители, кои останаа живи, со лузни на телото и во душата, чии срца престанаа да чукаат, чекајќи да ги остварат своите права.
Ова е текст за сите уставобранители кои преку монтирани судски процеси, неправедно, веќе осум години се наоѓаат во македонските зандани.
Ова е текст за сите оние кои во изминативе години беа убиени од неправдата, од лагата, од измамата, од туѓите интереси и домашните измеќари…
УБИЈЦИТЕ ИМААТ ИМЕ, ПРЕЗИМЕ И АДРЕСА
Можеби ќе ви изгледа предалеку, но, за почеток, Игор Југ го уби злосторничката либерална болна амбиција да го завладее светот. Го уби нивната потреба да ги уништат децата, да ги уништат семејствата, да ги уништат државите и нациите, да ја уништат верата и традицијата.
Го убија инсталираните и корумпирани либерални елити во САД и ЕУ, на кои, злосторничката оска Клинтон-Обама-Бајден, наметнувајќи им обврска да го завладеат светот, за жал, како мета им ја постави и Република Македонија и потребата за нејзино уништување.
Го убија корумпираните амбасадори на либералната “меѓународна“ заедница поставени во Република Македонија, кои брутално и бескрупулозно се мешаа во внатрешните работи на државава и работеа на нејзино бришење од регистарот на постојни нации и држави.
Го уби насилно инсталираното мнозинство на СДСМ и ДУИ кое имаше една предавничка обврска, да ги прифати надворешните уцени и притисоци и, да потпише капитулација пред Атина, менувајќи го името на државава, бришејќи ја македонската нација и македонскиот јазик.
Го убија УСАИД и стотиците невладини организации кои, преплатени со крвави странски пари и работејќи за странски агенции, што претставува кривично дело за кое мора да се одговара, со години ја поткопуваа државава, се’ до моментот додека не и го зададоа последниот удар.
Го убија поткупените медиуми, за кои се докажува дека работеле со туѓи пари и за туѓи интереси, што е исто така кривично дело, за кое мора да се одговара. Медиумите, кои за туѓи интереси, предавниците ги претставуваа како херои, а хероите како терористи.
Го убија сите оние кои ја организираа и учествуваа во “шарената револуција“ за уништување на Македонија, а од кои, дел поединци и политички партии, со леснотија амнестирајќи се себе си’, се префрлија на високи позиции во новата власт, во обид да ја избегнат одговорноста.
Го уби корумпираниот, непотистички и партизиран правосуден систем, насочен кон вазално остварување на потребите на либералните злосторници, а кој, заради довербата од два отсто треба да биде демонтиран и одново воспоставен.
Го убија сите тајни служби на “стратегиските“ ни партнери и “добронамерни“ соседи, кои непречено работат во државава, а за кои Македонија претставува “василичарско лепче за кршење и делење“.
Со еден збор, го убија сите оние кои го убија македонскиот Устав, што тој го бранеше. Го бранеше од уставоубијците кои мора да одговараат.
ИГОР ЈУГ ГО УБИВМЕ СИТЕ НИЕ
За жал, сакале да си признаеме или не, Игор Југ го убивме сите ние, со своето чинење и нечинење, со своето лицемерие и конформизам…
Три цитати од исклучително умни луѓе ќе го потврдат токму тоа.
Едмунд Берк, кој важи за основач на современиот конзервативизам, рекол.
“ За да победи злото, доволно е добрите луѓе да не сторат ништо.“
Сите ние имаме обврска да се запрашаме дали доволно сторивме за да го поразиме злото?
Томас Џеферсон, еден од најмудрите американски претседатели рекол:
“Дрвото на слободата, од време на време, се полева со крвта на патриотите и крвта на предавниците.
Дали сите ние доволно се заложивме македонското дрво на слободата да престане да се полева со крвта на патриотите?
Големиот Григор Прличев запишал:
“Чоекот што можел да сторит добро и не го сторил, тој е умрен, мртов е; не само пред божјиот суд ами и пред судот чоечки. Таквиот, кога живеал, кога умрел? Никој нема да узнајт. За него не требит нишчо друго, освем четири амали шо ќе го однесет на гробишча.“
И навистина, според мудроста на Прличев, барем еден дел од нас, еден дел од нашето постоење, еден дел од нашиот човештилак, умре заедно со Игор Југ. Ние самите, за жал, си убивме дел од сопствениот човештилак, кого сега, “само четири амали можат да го однесет на гробишча“.
Вечно паметење за Игор Југ и за сите жртви на олтарот на македонското постоење!!!
(авторот е Претседател на МААК)