Страшо АНГЕЛОВСКИ

Никогаш до сега не сум коментирал зборови на луѓе без сопствено мислење, зборови кои им се напишани и дадени на прочит од нивните “газди“, кои ги инсталирале беспоговорно да служат на марксистичко-либералните воинствени заложби.

Но, зборовите на заменик генералниот секретар на НАТО, Радмила Шеќеринска, изречени на неформалната средба на министрите за одбрана на земјите членки на ЕУ во Варшава, претставуваат закана по европскиот мир и, како такви претставуваат најсериозна опасност за државата од која “госпожата“ замина на функцијата, за Република Македонија. Тоа што зборовите и’ се претходно напишани и дадени само да ги прочита, не ја намалува нејзината одговорност.

Еве што, меѓу другото, и напишале, па Шеќеринска го искажа:

“… НАТО помага долгорочно за зајакнување на Вооружените сили на Украина, како преку финансиска поддршка, така и преку Програмата за безбедносна помош и обука за Украина и новиот Центар за заеднички анализи, обука и едукација НАТО-Украина во Полска…“ и, …да ја поздравиме соработката меѓу Алијансата и ЕУ, како и неодамнешните иницијативи на ЕУ за одбраната…“

                           МИЛИТАРИЗИРАНАТА ЕУ – “ВОЕНО КРИЛО“ НА ЛИБЕРАЛНИТЕ МАРКСИСТИ

Зборовите на Шеќеринска, прво, јасно укажуваат дека таа и нејзиното милитантно европско НАТО, откако станува се’ поизвесно дистанцирањето на САД, преку воената помош на Украина, подготвуваат “ужас без крај“, односно, долгорочна војна во Украина. Војна, наспроти напорите на САД, Руската Федерација и целиот нормален свет за изнаоѓање мир и, наспроти веќе и од страна на САД потврдената теза дека токму ширењето на НАТО кон границите на Руската Федерација е поводот за оваа војна. И, второ, поздравувајќи ги “иницијативите на ЕУ за одбрана“, повеќе од јасно е дека дава целосна поддршка на одвојување илјадници милијарди евра за милитаризација на европските држави. Милитаризација која од ЕУ, каква таква, од најголем мировен проект после Втората светска војна, ќе создаде “воено крило“ на либералните марксисти. Милитаризација, која преку најавеното француско и британско воено присуство во Украина, може да доведе до нова светска војна.

Зошто на Шеќеринска и нејзините “газди“ им е потребна војната во Украина?

Откако го изгубија своето главно оружје за владеење со светот, уништените и од марксистите-либерали киднапирани САД, откако на изборите беа поразени од Трамп, а не ги владеат ниту Конгресот, ниту Сенатот и, посебно откако Трамп и неговата администрација започнаа отворена војна до истребување на либералните елити, во благородната борба да ги заштитат децата, семејството, нацијата, државата и верата, “газдите“ на Шеќеринска опстојуваат на власт уште само онаму каде што беа инсталирани од администрацијата на Бајден – во длабоко корумпираната ЕУ и во држави како Франција, Германија, балтичките држави…

И сега, единствено нешто што ги одржува во живот и во заедништво е – војната во Украина. Околу таа војна се собираат, одржуваат секојдневни состаноци, се спротивставуваат на американската мировна политика, во надеж дека се’ додека војната трае, тие, преку обоени револуции, ќе можат да подготвуваат промена на неподобните политичари низ Европа, вклучително и во САД. Па, “коалицијата на оние со волја“, како што самите си се нарекуваат, предводени од Франција, Британија и Германија, всушност претставува антитрамп коалиција.

И второ, државите кои своите богатства ги должат на многувековно колонизирање и користење туѓи ресурси и богатства, не можат да се помират со најавениот мировен договор според кој САД би ги користеле украинските богатства преку американско-украински конзорциуми. Тие се најотворено настрвени на украинските богатства и, продолжувајќи ја војната бараат решение како и тие да колваат на украинската почва.

И ПОСЛЕ ВОЈНАТА – ВОЈНА

Втората опасна теза е поддршката за милитаризација на ЕУ и, посебно на државите членки, како Франција и Германија. Милитаризација која секако ќе доведе до нова војна, зашто, како што рекол Чехов, доколку во првиот чин на сцената видите потпрена пушка, знајте дека во еден од наредните чинови таа ќе биде употребена, ќе пукне.

Европската Унија, заради вазалниот однос кон американската либерална елита на Клинтон-Обама-Бајден оската, изгуби секаков интегритет и кредибилитет и, за жал, повеќе не претставува политички фактор во меѓународните односи. Токму заради тоа, ЕУ е исклучена од секакви преговори за случувањата во Украина, Газа, Сирија… Па, наместо да седи околу столот за преговори, за жал, заради погрешната политика, ЕУ ќе се најде во менито на столот.

Сакајќи да поврати барем дел од својата “важност“, која ја имаше само заради американскиот “чадор“, марксистичко-либералната ЕУ се милитаризира со намера, доколку заврши војната во Украина, да предизвика нова војна во која, таа ќе биде “фактор“ на одлучување. Нормално, најблизок простор, простор на кој има влијание и, војната може да ја предизвика, е – Балканот.

Не случајно, филијалата на CNN од Белград веќе најави “балканска пролет“, налик на онаа арапската, која, се сеќавате, заврши со илјадници невини жртви во арапските држави. Токму затоа, исто како и таму, воведоа и воведуваат бран од “обоени револуции“ во балканските држави и во државите кои се наоѓаат на “венецот“ кој се протега околу. “Обоени револуции“ во Србија, Словачка, Унгарија, Турција, обиди во Бугарија, Македонија, Грција, а укинувајќи ја демократијата, по примерот на нападите и обидот за притварање на Трамп, создаваат немири во Романија и БиХ.

Ако кон ова го додадеме трескавичното вооружување на сите балкански држави и создавањето воени сојузи, по примерот на оној меѓу Хрватска, Албанија и се’ уште недодефинираното Косово и, како одговор, оној меѓу Србија и Унгарија, не сме далеку од одговорот на прашањето – а кој навистина заговара “балканска пролет“?

Значи, милитаризирањето на ЕУ и нејзините земји членки, што очигледно Шеќеринска го поздравува и му се радува, може да биде вовед во нова војна на Балканот. Посебно е интересен обидот да се урне власта на Ердоган, да се воспостави либерално-марксистичка власт во Турција, за да, најголемата армија во НАТО, турската, бидејќи тие немаат доволно сопствени сили, ја стават на сопствено располагање за војната во Украина и евентуалната нова војна на Балканот.

Затоа, уште еднаш ќе повторам, европското НАТО е “воено крило“ на либералните марксисти кои како инсталации на поранешната американска администрација, само преку својата милитантност, се’ уште се одржуваат на власт и се надеваат на сопирање на промената на униполарниот светски поредок во кој тие беа единствените “газди“, со нов мултиполарен светски поредок во кој ќе ги изгубат своите привилегии.

Военото лудило, за жал, претставува нивна последна надеж.

Наша обврска е, во борбата против ова лудило, да застанеме на страната на силите на мирот, на страната на САД и Руската Федерација и нивните мировни обиди и, на страната на новиот, праведен мултиполарен поредок, во кој нема место за европското НАТО и милитаризираната ЕУ.

(авторот е Претседател на МААК)