Страшо АНГЕЛОВСКИ

“Грција е еден од нашите најверни пријатели и тоа го гледаме во анкетите. Сега, анкетите ја покажуваат Грција како еден од петте најдобри пријатели на С…… Македонија, додека пред Преспа, таа беше еден од нашите три најголеми политички непријатели… Како политичар многу често сум во Грција, бидејќи моите деца учат во Солун и запознавам многу луѓе. Сите се толку љубезни, а има и такви кои велат “господине Заев, јас сум против Преспа, но вие сте добар човек, затоа, ајде да работиме заедно…“ изјавил човекот кој за себе тврдеше дека продавал пиперки на пазарот во Горњи Милановац, Зоран Заев, за грчкиот “Катимерини“.

И, веднаш се поставуваат неколку дилеми.

Прво, зошто човекот кој како премиер имаше обврска да работи на создавање квалитетни образовни институции во државава, ги испратил своите деца да учат во туѓа држава? Дали со тоа признава дека ни самиот не верува во она што го работел и дека, дури, најмногу придонел во распадот на образовниот систем на Република Македонија?

Второ, дали подзаскривајќи се зад паролата “Живот за сите“ всушност работел само за “Живот за сопствените деца“, бидејќи огромен дел од граѓаните не можат да го издржат школувањето на своите деца ниту на Универзитетите во Скопје, Штип или Битола, додека неговите се школуваат во Солун, а тој самиот “многу често“ е таму?

Трето, дали иста перцепција за љубезноста на грчките граѓани имаат и оние Македонци чии возила се оштетуваат при престојот кај нашиот јужен сосед и зошто за грчките граѓани сопствениците на тие возила со македонски регистарски таблички не се “добри луѓе“ како Заев?

И конечно, зошто мнозинството од грчките граѓани, откако го добија ексклузивитетот на името Македонија, го перцепира токму Заев за “добар човек“, а за кого во Македонија Грција е еден од “петте најголеми пријатели“?

Одговорот е повеќе од јасен:

                                            ПРЕДАВСТВО

Веднаш, не сакајќи, погледот ви запира на еден збор од Дигиталниот речник на македонскиот јазик, зборот ПРЕДАВСТВО, кој таму се толкува како “Вероломна постапка, чин на изневерување на определени начела, принципи“, па се додава “примери: предавство на народот, политички предавства.“

Па, уште ќе сретнете дека “некој филозоф одамна рекол: алчноста е повод за предавство, кукавиците предаваат за да се спасат себеси.“

И, подолу, под наслов “Русија воведе доживотна казна затвор за предавство“, можете да прочитате дека “државната Дума на Руската Федерација ги одобрила измените на Кривичниот законик според кои граѓаните на Русија обвинети за предавство може да бидат осудени на доживотен затвор“, па следи дека Членот 275 од рускиот Кривичен законик го дефинира предавството како “шпионажа, оддавање државни тајни на странски земји и субјекти, пребегнување кај непријателот“, како и “помагање странска земја, меѓународна или странска организација или нивни претставници чиишто дејствија се насочени против безбедноста на државата.“

На крај, во Дигиталниот речник на Македонскиот јазик, ќе го најдете зборот “велепредавство“, како именка од среден род што значи “предавство извршено спрема народот, државата.“

Денес, терминот “предавство“ обично се изедначува со “велепредавство“. Во некои земји законот не прави разлика помеѓу нив – на пример, Уставот на САД го дефинира предавството како нешто што историски би се нарекло велепредавство.

                                                 “ОРДЕНОТ НА ЈУДА“

Во 1709 година, за време на големата војна меѓу Русија од една и, Шведска и Отоманското царство, од друга страна, на руската страна учествувале и украински војници предводени од украинецот Иван Мазепа. Одеднаш, во битката кај Полтава (во денешна Украина), Иван Мазепа, со 5.000 украински козаци преминал на страната на Шведска.

Војната завршила со победа на Русија, а Иван Мазепа, заедно со шведскиот крал Карл XII, не “одел често“, туку пребегал кај Турците, за кои бил “многу добар човек и сакале да работат со него“, каде и го завршил својот беден предавнички живот.

По завршувањето на војната, рускиот цар Петар Велики излеал стотици ордени со кои ги наградил своите војници за прикажаната храброст и извојуваната победа и, еден “Орден на Јуда“, кој му го испратил на Мазепа. Тој орден претставува орден за предавство, орден за недостојниот, орден за предавникот.

Оставам на секој кој ќе го прочита текстов самиот да процени колку  “Ордени на Јуда“ ние Македонците треба да излееме и, самиот да си подготви список на неговите “носители“.  Орден за недостојните, орден за предавниците.

Зашто, се ближи денот кога ќе треба да им бидат врачени.

(авторот е претседател на МААК)