Страшо АНГЕЛОВСКИ

Низ конкретни бројки и податоци, да видиме еден краток приказ на она што се случуваше со светската економија во оваа малку повеќе од една година пандемија со Ковид – 19. За жал, во глобалната катастрофа што ја живееме, Република Македонија и нејзината економија се пресликани како на најситното парче од скршеното огледало.

Според податоците од Светската банка, вкупниот светски БДП (бруто домашен производ) во 2020 година се намалил за 4,3 проценти, или, што е исклучително загрижувачки, двојно повеќе отколку после големата рецесија од 2008 година. Притоа, вработените во светот, според податоците од Светскиот економски форум во Давос, останале покуси за 3,7 билиони, или 3,7 илјади милијарди долари. Поедноставно речено, вработените во светот биле принудени оваа година да ја поминат со 3,7 илјади милијарди долари помалку во своите џебови.

Истовремено, според “Блумберг“, само во минатата година, 50 – те најголеми корпорации во светот ја зголемиле својата вредност за 4,5 илјади милијарди долари, па така, тие 50 најбогати корпорации, меѓу кои “Епл“, “Амазон“, “Мајкрософт“, “Проктор енд Гембл“… сега вредат речиси колку една третина од вкупниот светски БДП, или околу 28 проценти. Колку за споредба, пред само триесет години 50-те најголеми корпорации вределе само околу 5 проценти од светскиот БДП.

Не треба да се биде многу паметен за да се види дека оние 3,7 илјади милијарди долари од џебовите на вработените се прелеале на сметките на најголемите корпорации. И, доколку некој помисли дека ова се случило случајно, или стихијно, сеедно, треба да го знае податокот дека, на пример, ефективната даночна стапка за нив, од 35 проценти во 1990 година е сведена на само 17 проценти минатата година. Тоа ќе рече, двојно поголеми профити, а двојно помали даноци.

РАСПАД НА СИСТЕМОТ

Ваквата концентрација на корпоративно богатство и моќ, според “Блумберг, веќе достигна “антидемократско ниво“, па постои чувство дека системот е распаднат и мора да биде поправен. Ова го тврди и лондонски Гардијан, велејќи дека оние кои останаа без работа, без имот и без надеж, бидејќи навистина веќе немаат што да изгубат, лесно може да се свртат против поимотните, па вистинската опасност од пандемијата, всушност, да биде општествениот колапс. Ако кон ова се додаде можноста уште еден голем број луѓе од кризава да излезат без пари, работа и здравствена заштита, како очајни поединци, општествата може да почнат целосно да се дезинтегрираат, или, сликовито речено, да се кинат по сите рабови.

Затоа, нобеловецот Џозеф Стиглиц ќе рече – “секоја криза ја зголемува нееднаквоста, а оваа криза најмногу им наштети на малите и средни претпријатија, чие место го заземаат големите корпорации со многу поголем капитал, поголема помош од банките и, за жал, и од државните пакети за помош, па ваквиот развој на настаните го води светот во идеално општество на корпоративен фашизам.“

ИДНИНАТА – МЕЃУ КИНА ОД ЕДНА И САД И ЕУ ОД ДРУГА СТРАНА

Сето ова, а иницирано од уште многу фактори минатите години, доведе до се’ поголемо присуство на Кина во светската економија, дури и до нејзина лесна доминација.

Економскиот подем на Кина и потребата на Западот да му се спротивстави со своето влијание, изнесоа на виделина еден, за САД и ЕУ, непријатен, дури и поразителен податок. На виделина излезе вистината дека тие веќе немаат јасна филозофија на развојот со “лекции“ прифатливи за другите држави. “Лекции, што во времето на “Pax Americana“, триесетгодишната доминација на САД со светот како дежурен полицаец, ги делеше некаде милум, некаде силум.

Послабо развиените, суверени и определени за економски развој, држави, се’ повеќе се определуваат за она што Кина опипливо им го нуди – финансии и вложувања во инфраструктурни проекти кои гарантираат забрзан развој во моментов, но и просперитетна иднина, без притоа, што е исклучително важно, да се меша во внатрешните работи на земјата домаќин, почитувајќи ги нејзините суверени права. Затоа, се’ повеќе влади го преферираат кинескиот пристап во однос на американскиот – прво, не се доведува во прашање нивниот внатрешен политички систем и, второ, ветува позабрзан развој. Или, едноставно речено, пристап на повеќе пари, а помалку наметнување.

А МАКЕДОНИЈА ?

За жал, Македонија и тоа како успешно влегува во системот на корпоративен фашизам по пат на целосно осиромашување на нејзините граѓани и прелевање на парите од нивните џебови на сметките на еден промил корпорации во сопственост на актуелните властодршци.

За уште поголема жал, не го одбра пристапот за финансии и инфраструктурни вложувања како суверена држава определена за економски развој, или пристапот на повеќе пари а помалку наметнување. Го одбра пристапот на слугување на туѓите интереси, на сметка на интересот на државата и нејзините граѓани, а остварувајќи лични интереси на грст моќници од власта.

Останува да се надеваме дека ваквото корпоративно богатство и моќ сконцентрирани во рацете на еден процент луѓе од власта или блиски до нив, што, според “Блумберг“ е “антидемократско ниво“, ќе ги предизвика оние кои останаа без работа, без имот, и без надеж, да тргнат во, она што го нарекува лондонски Гардијан “поправка на распаднатиот систем“. Се разбира, со целосна одговорност за оние кои довеле до најбрутален распад на тој државен систем.

(авторот е претседател на МААК)