Страшо Ангеловски

На седницата на Постојаниот совет на ОБСЕ, што се одржа на 12 јануари годинава во Виена, Бујар Османи, во име на Република Македонија како претседавач, ја презентирал програмата на претседавањето, при што, нормално, фокусот го ставил на конфликтот во Украина и потенцирал дека “е многу важно да ја испратиме пораката дека пред било кој процес на суштински дијалог со Русија, Русија мора прво да се врати на заложбите и принципите кои сама ги има поддржано кога ја имаме основано оваа организација, бидејќи ако почнеме да правиме компромиси со основните вредности на кои што се темели оваа организација, тогаш организацијата ќе ја изгуби смислата.“

На истата седница, генералниот секретар на ОБСЕ, Хелга Шмид, на заедничка прес-конференција со Османи, изјавила дека “најважно е дека нема компромис со принципите на организацијата и, иако сите одлуки се носат со консензус, пронајдено е КРЕАТИВНО решение со кое преку нов финансиски модел може да и се помогне на Украина“.

На крајот, осврнувајќи се на состојбата во регионов, Османи рекол дека “го охрабруваме дијалогот меѓу Косово и Србија, сметајќи дека само дипломатските канали и инструменти може да доведат до одржлив мир и безбедност…“

Американскиот амбасадор во ОБСЕ, Мајкл Карпентер, пак, изјавил “ние имаме тим од канцеларијата за демократски институции и човекови права кој секој ден документира груби повреди на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за човекови права…“

И сето ова е во ред доколку не се вратиме наназад, на пример, во 1999 година, кога токму заради лажниот и монтиран извештај на тимот на ОБСЕ предводен од Вилијам Вокер за случувањата во селото Рачак, НАТО започна воена агресија врз една суверена држава, СР Југославија, а ОБСЕ направи компромис со основните вредности на кои што се темели, па, очигледно, “не ја изгуби смислата на своето постоење“.

Па, ќе се согласиме и со Мајкл Карпентер, но, само доколку се вратиме до 2001 та, па нивниот тим од канцеларијата за демократски институции и човекови права ги обелодени документираните груби повреди на меѓународното хуманитарно право сторени од албанските терористички групи во нападот врз суверената Република Македонија и побара казна за злосторствата што не застаруваат.

Ќе се согласиме и со охрабрувањето на дијалогот меѓу Косово и Србија и зајакнувањето на дипломатските канали и инструменти, само доколку членките на НАТО наместо тенкови, ракети и друго вооружување за Украина со што го поттикнуваат конфликтот во Украина, побараат итен прекин на огнот и дипломатски инструменти заради одржлив мир и безбедност.

И конечно, ќе се согласиме и со изнаоѓањето “креативно“ решение за помош на Украина и избегнувањето на задолжителниот консензус во донесувањето на одлуките на ОБСЕ. Но, имаме право да запрашаме како организацијата која со своите 57 земји членки е најгломазна во споредба со НАТО и ЕУ, успева да го заобиколи основниот принцип врз кој е формирана, принципот на консензус, истовремено тврдејќи дека “ОБСЕ не може да прави компромиси со основните принципи на кои што се темели“, а никако не успева да понуди “креативно“ решение за Република Македонија кога на македонскиот народ му се одземаат основните човекови права – правото на сопствено име, идентитет и јазик.

ОСМАНИ ЗА УКРАИНА, ИЛИ ЗА АРАЧИНОВО, СЕЕДНО

Потоа се селиме во Украина, каде Бујар Османи, во улога на претседавач на ОБСЕ, при својата посета изјавил дека “ништо не може да оправда убивање цивили, попречување на транспорт на вода и храна… кога деца и бремени жени се оставени без греење, со недоволно храна…“ и дека “неиспровоцирана агресија е кршење на меѓународното право…“

“Покрај тоа, евидентирани се речиси осум милиони украински бегалци низ Европа. Речиси пет милиони се внатрешно раселени. Дури и да се работи само за еден изгубен живот или уништена иднина, тоа е превисока цена за плаќање…“ изјавил Османи, министер во владата на Али Ахмети, поддржана од СДСМ.

Османи поентирал со тезата дека “оние кои се одговорни за изложување на невини луѓе на застрашувачки дела, мора да одговараат.“

И повторно, до тука е се’ во ред, останува само Османи, овојпат од позиција на претседавач со ОБСЕ, а врз основа на “принципите врз кои се темели организацијата, а со кои не смее да се прави компромис“ да ги обелодени и да побара казна за виновниците за “убивањето цивили, попречувањето на транспорт на вода…“, за “неиспровоцираната агресија како кршење на меѓународното право…“, за “внатрешно раселените кои се’ уште не можат да се вратат во сопствените домови…“, за “изгубен живот или уништена иднина, што е превисока цена за плаќање…“ и конечно, да побара “оние кои се одговорни за изложување на невини луѓе на застрашувачки дела – да одговараат“.

Притоа, тимот од канцеларијата за демократски институции и човекови права, кој постои за да документира груби повреди на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за човекови права, за кој зборува американскиот амбасадор во ОБСЕ, Мајкл Карпентер, да му ги достави “документираните“ докази за случајот со “мавровските работници“, хотелот Бриони во Челопек, запирање на водата од Липковско езеро, внатрешно раселените од Арачиново…

Па, оние кои се одговорни за изложување на невини луѓе на застрашувачки дела, дела кои не застаруваат – да одговараат. Само така ќе веруваме во искреното почитување на основните принципи на ОБСЕ, а не во неговите двојни стандарди кои му се закануваат на светот.

(авторот е претседател на МААК)