Страшо АНГЕЛОВСКИ

Откако западниот, односно американскиот комунизам, медиумски продаден како ЛИБЕРАЛИЗАМ, ја формира петтата комунистичка интернационала, медиумски спакувана како ЕВРОАТЛАНТСКА ЗАЕДНИЦА, заради својата идеолошка исклучивост и непомирливост, упорно работи на бескомпромисни поделби кои, полека но сигурно, водат кон создавање на два непомирливи паралелни света.

Но, да одиме по ред.

Некаде во средината на минатиот век, пред и во времето на макартизмот, кога во САД почнал “ловот на вештерки“, лов на се’ што било или само мирисало на комунизам, американските комунисти се “ребрендирале“ и сопствениот западен комунизам започнале да го шират во обландата на либерализмот, па како политички камелеони почнале да ползат и да ја освојуваат американската почва.

Продавајќи го либерализмот како нешто напредно и слободно, сатанизирајќи се’ што не е како нив, злоупотребувајќи ги малцинските заедници (од етничка, расна, родова и каква и да е припадност), успеваат да измамат голем дел од американските граѓани, стануваат политички моќни, инфилтрирани во двете најголеми американски партии и, полека но сигурно, го создаваат современото чудовиште – современата ХИДРА.

Хидрата, според митологијата, било змијолико водено чудовиште кое живеело во езерото Лерна во Арголида. Имала девет глави и за секоја отсечена глава и се појавувале една или повеќе нови. Бидејќи Лерна, езерото во кое живеела , било влез во длабокиот, подземниот свет, таа важела и за чувар на тој подземен свет. Чувар на светот на темнината и злото.

Хидрата денес повторно е чудовиште со безброј глави и за секоја отсечена се јавуваат една или повеќе нови. Современата Хидра е всушност воено-индустрискиот комплекс на САД (military-industrial complex – MIC), кого веќе го нарекуваат воено-индустриски конгресен комплекс (military-industrial congress complex – MICC), заради се’ поочигледната врска на Пентагон и Конгресот, а во интерес на аждерот наречен воена индустрија, формирајќи тристрана врска наречена “железен триаголник“. И повторно е чувар на длабокиот, подземниот свет (длабоката држава). Повторно е чувар на светот на темнината и злото.

                                           ОД КРАЈНО ПОДЕЛЕНО ОПШТЕСТВО ВО САД…

Така организирани во железниот триаголник, западните комунисти (либералите) тргнуваат во освојување на светот. Најпрво ги освојуваат САД, но заради својата идеолошка исклучивост и неподготвеност да прифатат и некој поинаков покрај себе, успеваат да создадат таква поделба во американското општество каква што не е забележана повеќе од 250 години, од времето на Граѓанската војна. Поделбата двојно се зголеми кога “непланираниот Трамп“, кој не припаѓа ниту на демократските ниту на републиканските комунисти ја освои власта, а кулминираше кога, не можејќи да се помират со губењето на своите позиции, после повеќегодишни дотогаш невидени опструкции на сопствениот претседател, му ја украдоа победата во 2020-та.

Од тој ден, американското општество е можеби најподеленото општество на планетава и живее во два паралелни света. Во едниот, во оној холивудско-пропагандниот, живее западнокомунистичката елита од воено-индустриско конгресниот комплекс (железниот триаголник), заедно со нивните скапо платени медиуми и (не)владини организации, а во другиот, во оној реалниот, во светот на невработените, во светот на слабо платените, во светот на земјоделците, во светот на камп-приколките, во светот на бездомниците… живеат граѓаните на САД.

… ПРЕКУ ПОДЕЛЕНИТЕ ОПШТЕСТВА ВО ЕВРОПА …

Потоа, формирајќи ја Петтата комунистичка интернационала, со инсталирање “либерални“ влади во земјите членки на ЕУ, но и во кутрите земји вечни кандидати, диктирајќи им ја сопствената исклучивост во односот кон се’ што не размислува и не се однесува како нив, американските комунисти успеаја од Европската Унија да создадат употребливо оружје во борбата против инакумислечките. Европската Унија ја претворија во покритие за сопствениот хегемонизам и империјализам, а американската, евроатлантска окупација на Европа ја претставуваат како “меѓународна заедница“ на рамноправни членки на “елитниот цивилизациски клуб“.

А, кутрите инсталирани раководства од типот на македонската Влада, се убедуваат себе си’, а не’ убедуваат и нас дека, ете, рамноправно седеле на масата со “најмоќните“. Притоа, седејќи таму, добиваат наредба како непомирливо да се однесуваат кон сите што не мислат и не се однесуваат како нивните господари (американските комунисти), па, во сопствените држави создаваат поделени општества до степен на паралелно живеење. Таков е случајот со речиси сите земји членки на ЕУ кои, токму заради таквата поделеност живеат во два паралелни света. Во едниот се инсталираните “либерални“ политичари, платените медиуми и извршителите од (не)владиниот сектор, а во другиот граѓаните на кои им порачаа да седат по дома облечени во подебели џемпери и да се тушираат еднаш неделно…

Во Македонија состојбата е уште потрагична. Откако незаконски, насилно и противуставно инсталираа скудноумна вазална Влада наспроти на избори изразената волја на граѓаните; откако во монтирани политички процеси драконски ги осудија поинакумислечките; откако потпишаа уништувачки договор спротивно на волјата на граѓаните изразена на Референдум; откако се заштитија како бели мечки па стануваат недопирливи и за политичкиот и за економскиот криминал… откако внатреетнички го поделија македонскиот народ до ниво на омраза, сега ја продлабочуваат и меѓуетничката нетрпеливост меѓу Македонците и Албанците.

Имено, “либералното“ инсистирање за влез на сите политички партии на македонските албанци во веќе нефункционалната Влада на “престолонаследникот“ кој можел и подолу од Заев и, насилното сочувување на Влада со целосен етнички дисбаланс во која партијата која ги претставува Македонците (СДСМ) речиси и да нема рејтинг и влијание, значи натамошна жестока фрустрација на македонскиот народ во сопствената држава. Фрустрација која може да изроди омраза како закана за ионака кревката меѓуетничка состојба.

Притоа, ја замајуваат јавноста со “европскиот пат“ и потребата за уставни измени заради задоволување на антицивилизациските барања од официјална Софија. Но,секому, кој барем малку знае математика, повеќе од јасно му е дека не можат да стасаат до бројката од 81 пратеник и дека ова етничко групирање во Владата на “премиерот со убава сопруга“ има сосема поинаква агенда.

Додека народот го занимаваат со “клетите Бугари“ и нивниот влез во македонскиот Устав, американските “либерали“, заради скорешното решавање на косовското прашање, во Македонија создаваат заложничка Влада како логистика во процесот на најжесток американски притисок врз официјален Белград. Притоа, кореврократите (корумпираните европски бирократи), како американски послушници, се “официјалните“ предлагачи на решенија и во македонско-бугарскиот и во српско-косовскиот спор, што е срамно и недостоинствено за безинтегритетната Европска Унија.

И, токму владините конституенти од албанскиот политички блок, со барањето за формирање Заедница на албански општини во Република Македонија, го “глобализираат“ проблемот на сите “простори каде живеат Албанци“. Со тоа, Македонија ја внесуваат во сценариото за решавање на косовското прашање, создавајќи Влада неотпорна на надворешни влијанија и држава отворена за уставно редефинирање и можен распад.

                                              … ДО ПАРАЛЕЛНИ СВЕТОВИ

За жал, оваа “либерална“ исклучивост која не признава ништо друго освен она од нејзе издиктираното, полека но сигурно, го води и светот во поделеност која ќе резултира со паралелно живеење. Откако, со од нејзе организираниот “крвав Мајдан“ и се’ она што потоа следеше, ја испровоцира руската воена операција во Украина (војна како војна, секако е неприфатлива); откако во интерес на “железниот триаголник“, дотурајќи енормни количества оружје во Украина ја продолжува и интензивира војната; откако ја исклучува Руската Федерација од сите меѓународни организации каде би можело да се разговара и преговара, со што ги прекинува сите можни дипломатски канали за дијалог и барање решение; откако престана воопшто и да размислува за мир отфрлајќи ги сите мировни иницијативи, вклучително и кинеската, туку зборува само за уништување(на непријателот); откако сите кои не размислуваат и работат според нивните правила ги прогласи за недемократи, автократи, тирани, воени злосторници, руски шпиуни…  откако својата “евроатлантска заедница“ ја самопрогласи за “слободен свет“, наспроти сите останати кои се’ повеќе го креваат гласот заради експлоатацијата што токму тој “слободен свет“ со векови ја вршеше во нивните “неслободни“, колонизирани држави…

Па така, наспроти “слободниот свет“ на елитниот цивилизациски клуб, се создава “ослободен свет“ токму од нивните колонијални и империјалистички аспирации. Се создаваат два света кои, се’ поизгледно е дека ќе живеат во паралелна иднина, еден покрај друг – “слободниот свет“ на евроатлантската заедница и “ослободениот свет“ на државите од Азија, Африка, Јужна Америка и, на сите луѓе, без разлика каде живеат,со умови ослободени од “либералните“ стеги на западните комунисти. “Слободен свет“ од една и ослободен свет и ослободени луѓе од другата страна на, со “либералната“ исклучивост, кренатиот ѕид.

(авторот е претседател на МААК)