Страшо АНГЕЛОВСКИ

Со децении наназад говорам и пишувам дека двојните стандарди се рак рана за човештвото и дека токму тие ќе ја разјадат и уништат таканаречената меѓународна заедница. Онаа самопрогласената, прикрпена заради интересите на грст сопственици на светското богатство, од земјите од англо-американското друштво и, земјите членки на ЕУ, како нивни приврзок на клучевите од трезорот.

Двојни стандарди и лицемерие, кои веќе стануваат толку видливи што и најзаблудените по вредностите на овој “елитен цивилизациски клуб“ можат да ги согледаат.

И ФУДБАЛОТ ГО СОГОЛУВА ЛИЦЕМЕРИЕТО

Имено, пред десеттина дена, поглаварот на Римокатоличката црква во Ватикан одржа ручек за 1.300 бездомници и со тоа ја изрази својата “безгранична загриженост“ за нив. Им даде ручек за еден ден и ги испрати назад во нивното безнадежно секојдневие. Веќе утредента,тој, поглаварот, заборави на нив, понтиепилатовски си ги изми рацете и седна да руча сам, од златниот прибор што Ватикан го поседува.

И денес, во време на одржување на светското фудбалско првенство, не можам а да не ги запишам зборовите на еден од најголемите фудбалери на светот на сите времиња, веќе починатиот Диего Марадона, а токму на оваа тема : “Бев во Ватикан“, вели тој, “и ги видов златните куполи. Потоа го слушам Папата како зборува дека црквата е загрижена заради сиромашните деца. Па продај ги куполите пријателе, стори нешто“ – порачал Марадона.

Во меѓувреме, Европскиот парламент, во чии фотелји седат претставници од европските држави членки на ЕУ, ја прогласи Русија за спонзор на тероризмот, а заради воената операција во Украина. Притоа, на руските спортисти им забрани учество на сите светски спортски натпревари.

Истовремено, нивните фудбалски репрезентации учествуваат на светското фудбалско првенство што се одржува во Катар, се натпреваруваат со фудбалските репрезентации на Саудиска Арабија и Иран и, никако да се сетат дека токму Саудиска Арабија ја предводи арапската коалиција во која учествува и Катар, која повеќе од седум години ја бомбардира најсиромашната арапска држава Јемен, при што веќе има милионски жртви, секојдневно гинат и умираат од глад стотици дечиња, а истребување им се заканува на десеттина милиони жители на Јемен. Другата страна во оваа крвава војна, ја финансира и вооружува Иран заради свое влијание на Арапскиот полуостров.

Но, сето ова, лицемерите од ЕУ лесно го соџвакуваат во своите преполни стомаци, почитувајќи ги зборовите на поранешниот државен секретар на САД, Медлин Олбрајт, која во 1996 година изјави : “Смртта на децата на други народи е едноставно цената за создавање империја.“

ИСКРИВЕНИТЕ УМОВИ КРЕИРААТ ИСКРИВЕНА ИДНИНА

Искривените умови, во своето безумие, за жал, освен во спортот, се однесуваат инквизициски и во културата. Па така, од своите фотелји, платени по дваесеттина илјади евра месечно, ја обвинуваат миланската оперска куќа Скала дека, ставајќи ја на репертоарот операта на Модест Мусоргски “Борис Годунов“, вршат пропаганда, замислете, за Владимир Путин.
Бидејќи она што искривениот ум ќе го смисли, нормалниот ум не може ни да го замисли, им останува, во фашистички манир, да вмаршираат во Скала и да се пресметаат со изведувачите и присутната публика, за да ја спречат “пропагандата“ за Путин.

И, колку и да изгледа неповрзано, мораме да се вратиме на светското првенство во фудбал, во Катар. Домаќините, во духот на сопствената традиција, забранија алкохол, пијанчење и меѓунавивачки пресметки по улиците под влијание на алкохолот, но и ЛГБТ пропаганда и веење на знамињата со злоупотребениот симбол на виножитото.

Искривените умови, нормално, жестоко реагираа, бидејќи нивните “високи цивилизациски вредности“ се загрозени, па данската репрезентација размислувала дури и за напуштање на првенството. Зашто Данска, да ти била една од државите најревносен застапник на ЛГБТ “универзалните вредности“.

За нивна жал, искривените умови не можат да сватат дека токму со своето лицемерие и двојни стандарди самите ја “убиваат“ Европа, па, дури и фудбалски, односно, спортски, културно, економски… Па, сите нивни репрезентации се полни со нивните “вонбрачни чеда“ од бившите колонии, без кои не би можеле ни одблизу да им се спротивстават на веќе растечките спортски сили од “остатокот“ на светот.

КРАЈ НА ЕУ СОНОТ ЗА “ЗАПАДЕН БАЛКАН“

Таа и таква ЕУ се’ почесто порачува дека токму нејзиното натамошно проширување е мртво и дека земјите од нивниот замислен “Западен Балкан“ никогаш нема да станат дел од тој “елитен цивилизациски клуб“. Земји со претежно православна и муслиманска религија. Последната таква порака деновиве стаса од Португалија. Но, и покрај тоа, свесни дека е тоа така, лицемерите од ЕУ и натаму, преку официјална Софија, инсистираат на целосно разградување на македонската држава и бришење на македонското постоење.

А можеби англиските навивачи кои допатуваа во Катар облечени во крстоносни одежди, сакаат да ни порачаат нешто? Можеби нешто треба да читаме и меѓу редовите испишани од лицемерите со двојни стандарди. Зашто, она што искривените умови можат да го смислат, нормалните умови не можат ниту да го замислат.

(авторот е претседател на МААК)