Во моментов, во Европа и светот, се одвиваат процеси на “обоено“ насилство, нешто што, за жал, еднаш разурнувачки помина низ Република Македонија нанесувајќи непоправлива штета, но, бидејќи СДСМ и ДУИ се во опозиција, повторно и се заканува на државава.
Сведоци сме дека Грузија, само затоа што, заради понижувачкиот однос, ги замрзна преговорите со ЕУ до 2028 година, преку нешто налик на украинскиот “евромајдан“, веќе се наоѓа на чекор до граѓанска војна. Состојбата е многу слична и во Молдавија, каде, после успешниот изборен фалсификат, состојбата е малку помирна.
Соседна Србија, веќе 12 години, е постојана мета на “невладините активисти“, а одвреме навреме се извршуваат “пробни удари“ од страна на немоќните платеници, па токму деновиве сведочиме на обид за нејзина дестабилизација и, вовед во граѓанска војна.
Јужна Кореја, најсервилниот “сојузник“ на САД, се најде на списокот заради наводно микроскопско доближување кон своите браќа од северот.
Користејќи ги криминалците од ДУИ, сесрдно помогнати од остатоците од она што некогаш беше СДСМ, а преку временски темпираната седница на Уставниот суд и, обидот за блокада на неговата работа, за жал, на Македонија и се закануваат со, верувам, неуспешна дестабилизација, која, заедно со она што го работи Албин Курти на Косово, повторно би требало да прерасне во “интегрално решавање на албанското прашање на Балканот“.
И, да не ја заборавиме Романија, каде само заради убедливото водство и најавата за победа во вториот круг на претседателските избори на суверенистот Георгеску, Уставниот суд на државата, под притисок од надвор, ги поништи изборите и, вториот круг воопшто нема да се одржи. Со тоа, токму чуварот на демократијата, ја поништи демократијата и слободата. Случувањата во Романија, во многу наликуваат на случувањата во Чиле во минатиот век, кога после ликвидацијата на Аљенде, ЦИА го инсталира диктаторот Пиноче. “Вечниот“ Хенри Кисинџер за ова, пред Конгресот на САД, изјави дека “прашањата во Чиле се премногу сериозни за да дозволиме чилеанските гласачи сами да одлучуваат“. Наместо Чиле, напишете Романија и, се’ ќе ви биде јасно.
Во контекст на ова, малкумина знаат дека веќе со години постои една “невладина“ организација, позната како “Глобален центар за ставање крај на кинеската комунистичка партија“ (Tuidang Center), чии активности за немири во Кина можеме наскоро да ги очекуваме, а која е, нормално, регистрирана во САД. Во врска со ова, американскиот конгресмен Скот Пери вели дека “комунистичката партија на Кина е криминална организација која ја презела контролата над една држава и нема да се повлече сама. Ќе сториме се’, на еден или на друг начин да бидат принудени да ја предадат власта“. Појасно, здравје.
ДВЕТЕ ГОЛЕМИ ИЗМАМИ
Секому, кој малку повнимателно ги следи случувањата во светот, одамна му беше јасно дека марксистите либерали ќе го користат токму периодот меѓу денот на изборот и денот на инаугурацијата на новиот претседател на САД и, панично ќе побрзаат да создадат што е можно повеќе невралгични точки во светот. Ова, од најмалку две причини. Првата, на новиот претседател да му се остават што повеќе проблеми за решавање и, втората, онаа поважната, најавата на Илон Маск, како дел од тимот на Трамп, дека новата администрација веднаш ќе го прекине натамошното финансирање на “невладините“ организации.
И, овде доаѓаме до двете најголеми измами кои веќе со децении му се сервираат на светот.
ИЗМАМА 1.
Либерализмот не е никаква идеологија на “слободниот свет“, не е ниту привид на каква и да е демократија, туку марксистичка реализација на орвеловата “1984“ и, воведување диктатура на “либералната елита“ ( ново име за “комунистичката авангарда“), замаскирана со “слободни“ избори (инсталирани влади); “слобода на говорот“, дозволена само за “либералните“ медиуми, а болшевистички цензурирана од најразлични “проверувачи на факти“, “вистиномери“ и други ждановистички инструменти; “граѓанско“ општество, со наметнати аморални норми на малцинството врз мнозинството, со што се воведува политички апартхејд, сосема спротивно на тезата на Жан Жак Русо дека “ слобода не е да правиш се’ што сакаш, туку да не мора да го правиш тоа што не сакаш“; целосно уништување на левата и десната идеологија преку “невладините“ организации и, владеење на марксистичкото “одумирање на државата, нацијата и семејството“.
ИЗМАМА 2.
Таканаречените “невладини“ организации се, всушност, најштедро финансираните владини институции платени од даночните пари на американските граѓани. Или, поинаку речено, тие се невладини во однос на домицилните влади каде дејствуваат, но се директен владин инструмент на американските марксисти либерали.
Јавна тајна е дека американската влада, од парите на своите даночни обврзници, преку Националниот Фонд за Демократија (National Endowment for Democracy), продолжена рака на ЦИА, годишно издвојува по околу 170 милиони долари за финансирање на “невладините“ организации ширум светот. Така, создадоа една нова професија – активист. Тоа се луѓе кои ништо не работат, не придонесуваат за своите држави, туку чекаат наредба од своите “работодавачи“ и тргнуваат во уривање на сопствената држава. Едни и исти од нив се појавуваат како “активисти“ во десеттици “невладини“ организации и проекти, ги молзат парите на американските даночни обврзници и работат на уништување на државите, нациите, семејствата, религијата, традицијата, вистинските вредности…
ДЕЛИБЕРАЛИЗАЦИЈА НА СВЕТОТ
Токму тука, кај “невладините“ организации, се совпаднаа интересите на Трамп и Путин. Свесни за нивната отровна штетност по нацијата, семејството и верата, руската држава веќе ги забрани ваквите платенички инструменти, а новата администрација на САД, според зборовите на еден од најблиските соработници на Трамп, Илон Маск, ќе престане со нивното државно финансирање.
Со тоа, ќе им биде одземена моќта на ударните тупаници на либералите марксисти во САД и во Европа, па, нормалните мнозинства во сопствените држави ќе можат да одлучуваат за сопствената судбина. Ќе бидат уништени инструментите и отстранета опасноста за насилно уривање на која и да е влада која не е по мерка на либералите марксисти, па мнозинството граѓани ќе може да добиваат влади кои ги гласале а не кои им се инсталирани од надвор.
Процесот на одземање на моќта од рацете на безработните “активисти“ од уривачките “невладини“ организации е веќе започнат. За тоа сведочат Унгарија, Словачка, Романија, Германија, Франција…Со тоа, европските народи ќе побегнат од канџите на “невладиното“ зло кое ја узурпира власта и, ќе се свртат кон политичките партии кои, да биде јасно, први ќе се ослободат од наметнатите вредности од страна на либералниот, граѓански марксизам и, ќе се профилираат со десни, конзервативни и, леви, социјалдемократски идеологии, со нивните традиционални осовременети вредности.
Со тоа, започнува процесот на делиберализација на Европа и светот, односно ослободување од марксистичката диктатура на “либералните елити“. Процес кој ќе биде забрзан од новата американска администрација и кој, на крајот, ќе треба да го ослободи светот од најголемото зло со кое се сретнал, а на човештвото ќе му даде можност за мирен развој, бидејќи единствено делиберализацијата е гарант за завршување на многуте воени судири и затварање на многуте воени жаришта во светот.
П. С.
Она што се случува во Сирија е токму дел од процесот на делиберализација – на САД му треба влијание на Блискиот исток, на Руската Федерација – безбедни западни граници, но, за тоа во следниот текст.
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК