Страшо АНГЕЛОВСКИ

Повод за овој текст се многубројните случувања во светот, кои имаат причинско-последични врски, кои, за жал, го водат светот кон официјален почеток на Третата светска војна. Војна, која, повторно ќе речам, за жал, неофицијално, веќе тече насекаде околу нас. Но, најдиректен повод за текстов, е гласањето во Генералното собрание на ООН за Резолуцијата за Сребреница.

И, да се разбереме, не навлегувам во исправноста или неисправноста на гласањето, не навлегувам во резултатот од гласањето, ниту во тоа дали имало геноцид или не, бидејќи тоа, најверојатно ќе биде тема на некој друг текст во кој, по којзнае кој пат, ќе се говори за двојните стандарди на “меѓународната“ заедница.

Но, да одиме по ред.

Повеќе од две години се одвива Специјалната воена операција во Украина, при што, таканаречениот “колективен запад“, или евроатлантската заедница, користејќи два братски народи во меѓусебна војна, се обидува, како што самата вели, да и’ нанесе стратегиски пораз на Руската Федерација. Тоа ќе рече, да ја порази Русија до ниво на нејзино уништување заради нејзина поделба и користење на нејзините ресурси. Зашто, додека се’ што е нивно и што како одземено во колонизаторските и неоколонизаторските походи, е, “нормално“, само нивно, се’ што е руско, повторно, според нив, “нормално“, е заеднички ресурс и, треба да им припадне и (или само) ним.

Токму затоа, од 2014-та наваму, ги оневозможуваат сите напори за наоѓање мирно решение, ги поништуваат веќе потпишаните договори велејќи дека биле само измама за да се купи време и да се вооружи Украина и, ја вооружуваат Украина заради непрекината борба на украинските деца во една однапред изгубена војна. Велам, однапред изгубена, затоа што, навистина не постои начин да ја поразите најмоќната нуклеарна сила на светот, освен да го уништите светот.

Притоа, се’ започна “наивно“, со испраќањето шлемови и волнени чорапи за украинската армија, за да полека се движи кон можноста да и бидат испратени и далекуметни нуклеарни боеви глави, но и НАТО армија, со што судирот би добил една сосема поинаква димензија. Целта е повеќе од јасна и очигледна – да се испровоцира воен судир со неограничени размери кој, за жал, во лудилото на западните воени стратези, би довел до нуклеарни судири со апокалиптични последици.

Во меѓувреме, започна израелскиот напад врз појасот Газа, кој, “нормално“, наспроти руската “агресија“, не е агресија. Напад кој, исто така, според лудилото на западните воени стратези, треба да предизвика проширување на судирите на целиот Блиски исток, да вовлече што повеќе земји во неограничена крвава разврска, со што, ќе се оправда евентуална израелска нуклеарна интервенција.

Како и во случајот со Руската Федерација, со убиството на иранските генерали во иранската амбасада, која претставува иранска територија и, со се’ поизвесната можност за изведен атентат и убиство на иранскиот претседател и министер за надворешни работи во хеликоптерската “несреќа“, се врши обид за провоцирање на Иран за вмешување во израелскиот напад врз Газа, со што би се отворил патот за уште една нуклеарна разврска со апокалиптични последици.

Истовремено, се случи атентатот врз словачкиот премиер Роберт Фицо, кој важеше за еден од најголемите критичари на НАТО стратегијата за замешување во руско – украинскиот судир, поборник за мир и за неиспраќање оружје на Украина. Полека но сигурно, се појавуваат индиции дека атентатот не бил дело само на осамениот 71-годишен словачки писател, туку дека постојат некакви замешателства. Како и да е, атентатот, во најмала рака е производ на се’присутната омраза кон секој што не размислува според “правилата“ на подземната светска влада, која преку подземните држави и нивните апартхејд либерални елити го владее светот, а омраза секојдневно ширена преку либералните отровни медиуми. Имено, секој кој не размислува според од нив зададените правила, се сатанизира, се напаѓа до ниво на отворен непријател, се отвора сезона за лов на него и, станува легитимна мета на организиран или “неорганизиран“ атентат.

Покрај веќе “докажаните“ Владимир Путин, Си Џин Пинг и, сега веќе убиениот Раиси, тука е Реџеп Таип Ердоган, кој веќе избегна еден атентат, Виктор Орбан, Марин Лепен, Александар Вучиќ…

ПОСЛЕ СЕВЕРНИОТ, СЕГА И ЈУЖЕН ВОЕН ПАКТ

Оваа анализа мора да не врати неколку години наназад, кога се формираше пактот на Британија со нејзините поранешни колонии, САД и Австралија, познат како АУУКУС (кратенка од имињата на AUstralija,United Kingdom, United States of America).

Најпрво замислен како пакт кој ќе ја исфрли Франција од процесот на вооружување на Австралија, вреден многу милијарди долари, како казна за францускиот претседател Макрон за пројавените полусуверенистички тенденции (кој, патем, денес преде како маче во американски скут и станува гласноговорник на нивните агресорски политики), денес се’ повеќе се претвора во моќен воен сојуз. Вшмукувајќи ги во себе Јапонија, Јужна Кореја, Тајван, Индонезија, Нов Зеланд и редица помали држави, по урнекот на воениот Северноатлантски пакт, НАТО, насочен кон Руската Федерација, тој се претвара во воен Јужнопацифички пакт, насочен кон Народна Република Кина.

Негова се’ повидлива цел ќе биде, користејќи некоја од државите за судир со Кина, да изврши провокација на која Кина ќе биде приморана да одговори, а, што, повторно, во лудилото на западните воени стратези, може да заврши со нуклеарен судир со апокалиптични последици.

Така, подземната светска влада, преку подземните држави предводени од апартхејд либералните елити, веќе го постави декорот за, недајбоже, последниот чин во драмата наречена “Постоење на светот“. Формирани се воените пактови – Северноатлантскиот и Јужнопацифичкиот, како агресорски ударни тупаници; означени се трите основни точки на удар, како најосведочени непријатели на “либералните вредности“, Русија, Кина и Иран; напишани се “правилата“ кои треба целосно да го заменат меѓународното право; неколку милијарди луѓе, кои според нивните монструозни умови се непотребни, веќе се пресметани во “избришаните“; членовите на подземната светска влада веќе се поседнати во меките фотелји со кесички пуканки в рака и, последниот чин може да почне.

И сега, доаѓаме до точката од почетокот на текстот, која треба да го овозможи почетокот на последниот чин.

Имено, за првпат, заради нивните потреби, а свесни дека Резолуцијата за Сребреница нема да помине во Советот за безбедност, токму заради неговата поставеност за можноста со вето да се спречи некоја непромислена одлука, гласањето го префрлија во салата на Генералното собрание. Со тоа, се врши преседан кој ќе овозможи и во иднина, според нивни потреби, Резолуции да се носат во Генералното собрание, а не во Советот за безбедност. Па така, доколку проценат дека, на пример, треба да биде извршена агресија врз Иран, во салата на Генералното собрание ќе си ги соберат претставниците на длабоките држави предводени од апартхејд либералните елити, на држави уценети или поткупени да гласаат “за“, на држави врз кои со закана е извршен притисок да гласаат “за“ и, ќе си донесат Резолуција со која ќе ја оправдаат својата агресија со можни апокалиптични последици.

Водејќи се според “правилата“ кои сами ги пишуваат, ќе го погазат меѓународното право и, ќе го уништат последниот бедем пред лудилото на уништувањето – Советот за безбедност и можноста за вето.

Од тука натаму, Господ нека ни е на помош.

(авторор е претседател на МААК)